Ако луѓето илјадапати кликнат на некоја лага, таа станува вистина

Се чита за 6 мин.

Како повторувањето влијае врз информациите

Крилатицата на Јозеф Гебелс продолжува да живее и да функционира и во дигиталната ера. Повторувањето е мајка на знаењето, но, за жал, и на пропагандата. Зошто повторувањето може од лагата да направи вистина, да ги искриви фактите и да ја погази вистината?

Во одговорот на ова прашање, може да се наведат три главни причини: 

а) Нашето разбирање на реалноста во голема мера го оформуваме со помош на јазикот. Преку повторувањето, пропагандата доминира во јазикот, а преку јазикот врз нашето доживување на реалноста. Таа ги користи нашите комуникациски навики и потреба да се потпираме на јазикот во претставувањето на реалноста. Витгенштајн вели: „Јазикот не е само возило на нашите мисли, туку е и возач на нашите мисли“, односно не само што ги пренесува, туку воедно и ги управува мислите. Може да се додаде дека не случајно една од клучните техники на убедувањето на рекламите е токму повторувањето на пораките.

б) Повторувањето е воедно и еден од најефектните начини за помнење, т.е. една од најефикасните мнемонички техники. Со повторувањето, пораките што се форсираат постапно влегуваат и во нашата потсвест, на сублиминално ниво, па и од таа позиција имаат силен ефект врз нашето однесување. 

в) Јазикот и комуникацијата се клучни за вклучување кон социјалните групи на кои им припаѓаме или сакаме да им припаѓаме и за нашата социјализација. Пораките што се повторуваат, стануваат комуникациски код што треба да го усвоиме за да припаѓаме на некоја група. Тој код станува средство за препознавање на групата, која преку нив го оформува својот идентитет. Повторувањето во колективната свест создава ефект дека нешто навистина е важно и дека мора да има нешто во тоа за што сите зборуваат. Мошне важно е, секако, кој ги повторува пораките. Ако е тоа некој со моќна позиција во општеството, кој ги одредува и ги диктира социјалните норми, некој што одлучува за судбините на други луѓе, тогаш повторувањето на пораките е начин како да ја покажеме својата послушност и потчинување на власта што некој ја има над нас. 

Повторувањето на пораките во дигиталната ера

Една од најважните промени што ги донесоа дигитализацијата и интернетот е драстичното умножување на изворите на информации. Бројот на објавувачи на информации и медиуми што можеме да ги следиме порасна експоненцијално. 

Во моментов во земјава има вкупно 109 радиодифузери, од кои 43 телевизии и 66 радија. 11 телевизии емитуваат програма на државно ниво, а 17 на регионално ниво. Од радијата, 4 се на државно ниво, 17 на регионално  и 45 на локално ниво (извор АВМУ).

Според MARnet, во Македонија во моментов се регистрирани 29.938 веб-домени или страници, на неколку домени (.mk, .com.mk, .mkd, .org.mk, net.mk, inf.mk, gov.mk, edu/mk). 

Според Државната изборна комисија (ДИК), на локалните избори во 2022 година во „Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет-портали)“ биле пријавени 186 информативни веб-страници од земјава.

Според DataReportal, во Македонија има 1,3,милиони корисници на интернет, 950 илјади кориснички профили и страници на Фејсбук, 809 илјади корисници на Инстаграм, 130 илјади корисници на ТикТок и 94 илјади корисници на Твитер.

Покрај горенаведената мултипликација на информациите, втора важна одлика на дигиталната ера е репликацијата на информациите, односно олеснувањето на нивното копирање и умножување. Со едноставни техники и команди, на корисникот му е олеснето да ги копира и да ги умножува информациите, како и колку ќе посака, така што на интернет-страниците често се појавуваат исти содржини на десетици или стотици различни веб-страници и онлајн локации. Погодноста што репликацијата на информациите ја има за пропагандата ни е позната уште од времето на печатот и пропагандните летоци. Замислете колку само пропагандата може да биде посилна кога наместо печатење и делење илјадници летоци, сега на располагање го имате интернетот и можност да стигнете непречено до милиони луѓе?

Во новинарскиот жаргон сѐ почесто се користи нов термин за т.н. „копи пејст новинарство“, односно објавување содржини претежно со копирање од други медиуми и извори

И конечно, третата клучна промена што ја донесе дигитализацијата е автоматизацијата на информациите. Таа почна зачестено да се користи во втората генерација на интернет-услугите (т.н. Web 2.0) со развивањето на вештачката интелигенција и на алгоритмите, како посебни програми за автоматизирана обработка и дистрибуција на информациите. Со нивен развој беше овозможено зголемено автоматизирање на комуникацијата, селектирање и филтрирање на информациите и нивна контрола без учество на „човечка рака“. Со овие нови дигитални алатки многу е олеснето умножувањето на содржините и нивна брза дисперзија на интернет и на социјалните мрежи. За кусо време овие информативни платформи можат да бидат преплавени со некоја мултиплицирана објава или содржина што станала вирална. 

Како можат да се искриват фактите и вистината денес?

news 1

Олеснетото копирање и умножување на дезинформациите го олеснува и подлегнувањето на нивното влијание. Дезинформациите што се проширени и присутни насекаде предизвикуваат убедувачки ефект на т.н „сеприсутност“, односно прифаќање како реално нешто за што сите зборуваат.

„Штом сите зборуваат за тоа, веројатно има нешто во тоа“, особено ако извори на овие дезинформации се влијателни групи во општеството, во политичка, економска, културна, верска или во друга смисла.

Која е вистината за украинските војници на Змискиот Остров?

Лавров: Не ја нападнавме Украина

Автоматизираната пропаганда денес е многу олеснета, дури и за корисници што немаат напредни вештини во креирање информации на интернет. 

Исто така, разликата помеѓу вистината и лагата може да биде искривена од технологијата и дисеминирана неограничено. Сѐ поефикасни и полесни за користење се алатките за креирање т.н. „deep fake“ видеа, обработка на фотографии и на звучни материјали.

„Мета“ отстрани лажно видео каде што Зеленски повикува на капитулација

Корисниците на интернетот и на социјалните мрежи се директно изложени на пропагандата, без заштита од филтрите, како, на пример, професионалните медиуми и новинари, кои порано имаа клучна улога да ги проверат содржините што потоа масовно се шират во јавноста.

Дополнително, дигиталните медиуми предизвикаа промена во културата на информирањето, односно начините како ги бараме и следиме информациите. Денес сведочиме една нова практика заснована на „персонализирање на информирањето“, односно од различните извори сами да избираме од кого и колку ќе бидеме информирани. Оваа персонализација на информирањето постапно доведе до нов феномен на т.н. „персонализација на вистината“, односно на информациите што ги избираме, им даваме смисла од своја потесна гледна точка на интереси и разбирање. Особено честа е појавата едноставно не само да ги преземаме информациите од различни извори на кои им веруваме, туку и без критичка проверка да ги преземаме туѓите интерпретации и ставови за тие информации. Притоа, врз нас сѐ послабо е влијанието и авторитетот на професионалните и стручните чинители во општеството, какви што се институциите, експертите, едукаторите, науката и редица други. 

Во контекст на оваа нова „култура на информирањето“ можеме да ја споменеме и наративната теорија на Волтер Фишер, која наведува дека човекот вообичаено е повеќе приклонет кон верување во добра приказна, отколку кон издржан логички аргумент или некоја низа од факти. Преку теоријата на Фишер можеме подобро да увидиме зошто толку лесно денес се шират и прифаќаат различни наративи што не се фактографски издржани или потврдени. Овие приказни и наративи стануваат сѐ повлијателни, особено ако тие имаат своја претходна историја (што постара е сторијата, таа обично се претставува како поуверлива), за да потоа тие лесно се рециклираат и прошират на интернет и на социјалните мрежи. 

Дали има или не биолаборатории во Украина?

Гебелс 2.0?

Ако по сето наведено претходно, се навратиме кон насловот на овој текст и неговата адаптација на познатото мото на Гебелс, илјадапати повторената лага, станува вистина, можеме да потврдиме дека технолошките можности за пропаганда денес се толку унапредени што и некој со далеку помал капацитет за пропагандна манипулација може преку дигиталните технологии да предизвика сериозни штетни последици при ширење одредена пропаганда. Дигитализацијата, за жал, покрај сите свои позитивни ефекти, предизвикува и забрзана еволуција на пропагандните техники. На пример, хумористичните „мемиња“ (memes), како една од најпопуларните видови содржини на интернет, се покажаа и како извонредна техника за пропаганда на сложени манипулативни пораки, преку едноставни графички и текстуални формати, кои имаат голем степен на потенцијална виралност.

Технологијата и техниките за ширење на пропагандата галопираат, додека средствата за заштита и нашето знаење како да се заштитиме, каскаат далеку зад нив. Фасцинирани од можностите на технологијата за информирање и забава, забораваме на уште една важна крилатица, онаа на Аристотел за реториката. Тој вели дека реториката, како вештина или техника на убедување, може еднакво да се користи како за добро, така и за зло. Сѐ зависи од намерите на говорникот и неговата етика, односно совест. 

Технологијата има слични потенцијали, односно може значително да го подобри квалитетот на нашето живеење и комуницирање, но воедно и да ги наруши фундаменталните вредности и довербата во општеството. Токму затоа, каскањето на знаењето зад можностите на технологијата, мора континуирано да се намалува, а со тоа и да се намалуваат и ризиците што таа ги носи. Едно од погубните сценарија, на кое нѐ предупредуваа многу креатори на денешните технологии, е опасноста таа да падне во рацете на погрешни и бескрупулозни луѓе. На тој начин, наместо да биде средство за подобро живеење на сите, технологијата може да стане опасна алатка за контрола од помал број луѓе со речиси неограничена моќ во општеството. 

Автор: Сеад Џигал

 


Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).