За информацискиот стрес

Се чита за 6 мин.

Што е бинџување?

„Бинџување“, или „binge watching“ во англискиот јазик, е подолго гледање некоја телевизиска содржина без прекин. Најчесто тоа се прави преку онлајн стримување или со сериско гледање ДВД/ЦД дискови. Според истражувањата на стриминг-платформата Нетфликс, „за 73 отсто од нивните корисници, бинџување е гледање две до шест епизоди на некоја серија без прекин“. Според истиот извор, 61 отсто од нивните корисници практикуваат бинџување, кое стана популарен тренд по 2013 година и појавата на неколку стриминг-сервиси, какви што се спомнатиот Нетфликс,  Амазон прајм видео, Ејџ-би-о макс, Хулу и многу други. 

Интересно е да се напомене дека една од првичните појави на бинџувањето може да се поврзе и со Македонија и Балканот уште во деведесеттите години од минатиот век. Станува збор за честата практика на домашните гледачи да следат телевизиски вести непрекинато по неколку часови. По отворањето на приватните телевизии во 90-тите, домашниот гледач можеше, а тоа често и го правеше, да си дозволи маратонско следење вести, почнувајќи од попладневните термини по 15 часот, продолжувајќи со приквечерните изданија, за да заврши доцна во ноќта со следење на вестите речиси до полноќ.

Според Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), 19 отсто од испитаните корисници одговориле дека речиси постојано се онлајн. 15 отсто од останатите испитаници дневно поминуваат од 2 до 4 часа со медиумите, 10 отсто  поминуваат 4-6 часа, а 4 отсто  од 6 до 8 часа. Вкупно 48 отсто  испитаници поминуваат повеќе од 2 часа со медиумите. 

За споредба со овие податоци за Македонија од пред неколку години, на пример во САД во 2022 година просечното време на корисниците со медиумите е 482 минути на ден, односно приближно 8 часа дневно. Консумирањето медиумски содржини е во постојан пораст, како локално, така и глобално.

Како долготрајното изложување на медиумски содржини влијае врз нас?

Кога зборуваме за т.н. „бинџување“, како популарен тренд кај медиумската публика што го збогатува нивното гледачко искуство, истражувањата сепак покажуваат и низа негативни последици од него, потврдувајќи поврзаност на долготрајното гледање со појави какви што се зависност, осаменост, депресија и дебелеење. Зависноста може да биде особено штетна за помладите корисници во нивните развојни години, низ кои тие едноставно не можат да се одвојат од медиумите и од дигиталните уреди поврзани на интернет. Според најновите испитувања, се проценува дека во 2022 година околу 330 милиони лица во светот ќе страдаат од медиумска зависност, што е пораст за 37 отсто во споредба со бројките од 2017 година.

5g communication technology optФото: freepik.com

Исто така, интензивното „бомбардирање“ со информации може да донесе и други несакани реакции во вид на зголемен стрес, вознемиреност, чувство на несигурност и поттикнување на асоцијално однесување. 

Во книгата на Ролф Добели „Престанете да следите вести“ (Rolf Dobelli, 2019, Stop Reading the News) подетално се наведуваат некои од можните негативни последици од презаситеноста со информации и вести:

  • Вестите ја поткопуваат нашата самодоверба
  • Вестите ја нарушуваат нашата доверба во општеството
  • Вестите нѐ наведуваат на губење време
  • Вестите нѐ наведуваат кон пристрасно резонирање
  • Вестите се токсични за нас преку развивање штетни хормонски реакции
  • Вестите ја заматуваат покрупната слика на настаните и реалноста
  • Вестите ни нудат лажна емпатија со страдањата на другите
  • Вестите ги поттикнуваат насилството и тероризмот

Добели ги споредува информациите со шеќер, па според него, информациите му го прават на човекот она што шеќерот му го прави на нашето тело (стр. 13-19). Авторот сепак признава дека не е реално да се очекува од мнозинството граѓани на некоја земја целосно да престанат да следат вести и редовно да се информираат, што е особено важно за демократски оформените институции по пат на слободни избори, како и за граѓанската вклученост во општеството. 

Овие негативни, понекогаш и екстремни појави, треба да послужат повеќе како предупредување за несаканите последици што можат да ни се случат ако редовно се презаситуваме со вести и информации, особено кога тие се негативни и истакнуваат неморални, насилни или девијантни случувања, кои реално доминираат во вестите. Тие, исто така, треба да послужат како коректив за новинарите и за другите медиумски работници за да бидат посвесни за многубројните лоши последици што несовесното информирање и објавување содржини може да ги предизвикаат, а со тоа да ги упати и да ги поттикне на општествено поодговорно работење. 

Информациски стрес?

Зголемениот број информации што ни се достапни покрај презаситеноста од информации, нѐ изложуваат на голем број содржини што ја зголемуваат нашата вознемиреност и го зголемуваат стресот што го искусуваме во текот на нашето информирање. 

portrait woman grabbing head optФото: freepik.com

ВИДЕО: Бомбашки напад врз луѓе што пијат кафе во Србија, безбедносна камера ја „фати“ драмата

За медиумите овие содржини се еден од најбараните типови информации затоа што имаат голем број прегледи и значителна публика. Тие особено се популарни на социјалните мрежи, а медиумите често ги преземаат оние што се вирални, со изговор дека публиката е таа што ги бара тие содржини, а новинарите само им го овозможуваат тоа. 

Tројца малолетници во полициска станица, сквернавеле гробови и се снимале за „Тик-ток“

Сепак, кумулативниот ефект од давањето предност или форсирањето ваков вид вести и информации е штетен не само за публиката туку и за самите медиуми. Засиленото следење вести поврзани со насилство води кон ефект на т.н. десензибилизација“, односно намалување на емотивните реакции по долготрајна и зачестена изложеност на вакви содржини. Како еден од одбранбените механизми од неконтролирано вознемирување кај публиката се јавува и селективната емпатија, односно различно сочувствување и емотивни реакции. Ако, на пример, во некој инцидент што се случува блиску до нас настрадаат десет лица, тоа ќе има посилен ефект и стрес врз нас од инцидент што се случил далеку од нас и во кој настрадале сто лица. Ваквото селективно сочувствување, кое може да се одвива не само според географска дистанца, туку и по расна, верска или етничка припадност, лесно може да доведе до дехуманизација на цели групи луѓе. Во голема мера ова е резултат на предусловувањето предизвикано од следењето вести и начинот на кој се покриени настаните во медиумите. 

Обидот за менаџирање на стресот на кој сме изложени преку информациите и вестите, води кон тоа да се намалува публиката што редовно следи вакви содржини. Медиумите и новинарите често на тоа реагираат со засилување на негативната стимулација и на вознемирувачките содржини, со што се предизвикува поместување на праговите на нашата чувствителност и прифаќањето на тоа што е „нормално“ во медиумите и во вестите. Оваа комуникациска појава е позната и како „дискурзивна рамка“, или „Overton Window“ (термин според Џозеф Овертон). 

„Не е нормално да се трошат милиони евра од буџет на непродуктивни и непотребни работи? Ќе направиш проект што чини 700 милиони евра, па потоа редовното непотребно трошење по стотици илјади евра, или по некое милионче, стануваат прифатливи и не толку скандалозни. Или некој купил службено возило за 600.000 евра, а ти велиш, што се 28.000 евра за службено возило? Џабал’к“.

Ова постапно поместување, што е прифатливо и нормално да биде во вестите, со постапна интензификација, води кон поларизација, засилено емотивно реагирање и конфликти кај различните групи од публиката, а со тоа и го зголемува информацискиот стрес низ кој поминуваме следејќи ги содржините во медиумите. Треба да се дополни дека забрзувањето на информирањето, исто така го зголемува информацискиот стрес, со самото тоа што нѐ става под зголемен притисок дека „мораме“ да прочитаме и да прегледаме извонредно голем број вести и содржини, само за да бидеме во тек со настаните. Но, во отворениот и глобализиран свет каде навистина се границите на доволната информираност? Никој тоа не ни го кажува директно или отворено, а медиумите и социјалните мрежи ја користат ваквата несигурност за да нѐ наведат што повеќе време да поминуваме со нив.

Лаконска или спартанска комуникација?

Во динамичното и високотехнологизирано време во кое живееме, се наметнува неопходноста од тоа внимателно да одредуваме како и колку време да поминуваме со медиумите. Видовме претходно дека поголемата изложеност на медиумите не само што не нѐ чини поинформирани и медиумски поедуцирани, туку напротив, може многу лошо да влијае врз нашата комуникација и социјализација. Избирањето на медиумите што редовно ги следиме, како и видовите медиумски содржини со кои поминуваме подолго време, е исто така исклучително важно.

tech devices icons optФото: freepik.com

Можеби во денешните околности и потребата од своевидна информациска диета што ни се наложува, корисно е да се потсетиме на една поучна приказна од минатото. Станува збор за ривалитетот помеѓу Спарта, од една страна, и Атињаните и античките Македонци од друга страна, и како тоа влијаело врз нивното комуницирање. За разлика од Атињаните и античките Македонци, кои ги негувале и развивале убавиот говор, реториката, поетиката и филозофијата, Спартанците имале мошне поинаков однос кон комуницирањето. За нив врвен принцип било да се биде кус и јасен во комуникацијата, т.е. да се каже што повеќе со што помал број зборови. Концизноста и директноста за нив биле највредните вештини во говорењето. Од тука потекнува и изразот што е сочуван до денес, лаконски стил, според една од областите во тогашна Спарта. Многубројни се историските примери и записи што сведочат за ова, а еден од најпознатите е оној кога Филип II по освојувањето на најголемиот дел од тогашна стара Грција, ја испратил следнава порака до Спарта со очекување тие да се предадат: „Ако ја окупирам Лаконија, вие ќе бидете уништени засекогаш!“. Одговорот од Спартанците бил многу кус: „Ако“.

Во денешното време кога секој од нас има свој глас и пристап до вмрежениот храбар свет, веројатно не е на одмет, барем повремено, да практикуваме некои од принципите на лаконската комуникација и јазичната економија говорејќи што е можно повеќе со помалку зборови.   

Автор: Сеад Џигал


Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).