Едукација

Pride Parade

Медиумско врамување на ЛГБТИ-заедницата како закана за општествените норми или за колективните интереси

Теорискиот концепт на современите медиумски студии ги дефинира медиумските дискурси не како огледало на реалноста туку како активни конструирачи на нашата „реалност“. Оттука, активистите за човекови права, феминистките и актерите во социјалните борби за еднаквост често се заинтересирани за начините на кои медиумите ги репрезентираат малцинските или ранливите групи. Имајќи предвид дека медиумските дискурси се конструкти, односно се произведени, нашиот интерес е насочен не само кон репертоарот од зборови и слики што се вклучени во овој процес на производство, туку и кон идеолошките нивоа зафатени од него. ЛГБТИ-заедницата е една од ранливите заедници, која во последниве години станува сè поголем предмет на интерес за медиумите во Северна Македонија. Овој интерес секогаш има две страни. Еден дел од медиумите, ЛГБТИ-заедницата ја третираат како заедница што има своја легитимна борба за човекови права и недискриминација, но за еден друг дел од медиумите ЛГБТИ-заедницата претставува закана за општествените норми или за колективните интереси. Овој втор дел од медиумите наоѓа своја плодна почва во традиционално конзервативното македонско општество. Истражувањето на мислењето на јавноста во Република Северна Македонија, спроведено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2017 година, покажа дека на 70 отсто од испитаниците им пречат сцени во кои двајца мажи се држат за рака, додека само на 7 отсто им пречат сцени во кои маж и жена се држат за рака. Статистиката на говорот на омраза во Република Северна Македонија од 2013 до 2021 покажа дека говорот на омраза заснован врз сексуална ориентација и родов идентитет е втора по ред застапена форма на овој говор, веднаш по говорот на омраза заснован врз етничка припадност, со кој тесно се поврзани и основите религија, раса, потекло и јазик. Во ваков контекст, портретирањето на ЛГБТИ-заедницата и нејзината политичка борба за еднаквост како закана претставува јасна стратегија за креирање морална паника. Според социологот Стенли Коен, моралната паника претставува процес во кој одредена „состојба, епизода, личност или група луѓе“ добиваат статус на предизвикувачи на закани за општествените вредности и интереси. Преку медиумската симболичка реторика тие се дефинираат како непријатели или „народни бабароги“, поради што кај јавноста се создава чувство на страв и социјална анксиозност. Јавноста тогаш повикува на акција, за на крај моралната паника да резултира со општествена промена, стигматизација и насилство врз лицата што се гледаат како нејзини предизвикувачи . Заканата секогаш предизвикува силни чувства, бидејќи се пренесува како напад врз надразливите пунктови за мнозинството луѓе: децата, родителите и семејството, националниот идентитет и државата, културата, историјата, религијата и традиционалните вредности. Во периодот од јануари до јули 2021 година, во домашните медиуми, статус на новосоздадени непријатели во рамките на моралната паника добија ЛГБТИ-луѓето, а во помала мера дел од граѓанското општество и министерката за образование и наука Мила Царовска. Пресудни за ваквото етикетирање беа неколку настани: 1) објавувањето на нацрт-верзијата на новата Концепција за основно образование од страна на Министерството за образование и наука во 2020 година и  вклучувањето на изборниот предмет „сеопфатно сексуално образование“, 2) предлагањето нов закон за матична евиденција, со што ќе се уреди постапката и условите за правно признавање на родот за трансродовите лица и 3) одржувањето на Парада на гордоста во Скопје. Врамувањето на ЛГБТИ како закана беше делумно присутна во медиумите во периодот на првата половина на 2021 година. Сепак, оваа рамка се јавува во исклучително силна форма и претставува еден од клучните механизми за создавање морална паника. Една од најзастапените варијанти во кои се појавува рамката е повик на акција за „спас на децата“ што се под закана од ЛГБТИ. Стравот е базична сила на сите наративи на антиродовите иницијативи, но аргументите засновани врз страв употребени „во одбрана“ на децата, кои се врамени како ранлива, кревка и „најслаба алка на секое општество“, се особено загрижувачки. Основниот аргумент во креирање и одржување на паниката е дека „родот“, а со тоа и сите иницијативи што не го негираат, како сеопфатното сексуално образование, се инхерентно штетни за благосостојбата на децата. Тој се потпира на два столба: 1) идејата дека децата се „празни табли“ или „празни садови“ кои се крајно ранливи и лесни за „обликување“ и 2) премисата дека организираната борба за родова еднаквост е дел од ЛГБТИК+ заговор. Конечно, родот и феминизмот, а со тоа и ЛГБТИ-политиките, би воделе до крајот на нашата цивилизација. Овој аргумент во корпусот медиумски текстови што се вклучени во оваа рамка има за цел да го претстави сеопфатното сексуално образование како заговор на ЛГБТИ-заедницата, а децата како негови невини жртви. „Државата НЕ СМЕЕ да промовира и да рекламира сексуални опции на деца. Тоа се нарекува сексуална индоктринација. Асексуално суштество (какво што е детето во поголемиот дел од периодот што го викаме малолетност) не смее да биде ставено пред сексуални избори и опции пред да може да осознае самото што тие значат и претставуваат... Да седнеш 6-годишно дете во клупа и да му кажуваш дека постои секс меѓу двајца од ист пол е непотребно и безобразно, имајќи предвид дека децата немаат концепт за тоа што е секс. Децата се раѓаат асексуални и без предрасуди, предрасудите ги учат од нас, а за сексуалноста се грижи природата. Подложување деца на хомосексуална, хетеросексуална, транссексуална и каква било сексуална пропаганда е злосторство кон човештвото, а велиме децата се иднината. Школото е место за наука – пропагандата од секој тип НАДВОР ОД УЧИЛИШТАТА, вели тој.“ (Панговски: Ако хомосексуалноста не може да се „научи“, чуму часови по неа?, „Република“, 25.6.2021) „Треба да разбереме дека кога се зборува за родова рамноправност или родова еднаквост, не се мисли на род по пол, односно ако кажете дека жена по пол е жена, не значи дека и по род е жена, а со тоа децата ќе бидат стимулирани да можат да изберат што се, момчиња или девојчиња. Ние тоа не сакаме да дозволиме да се случи, вели Гоџо.“ (ВИДЕО: „Од нас за нас“ организира предавање за наставници и родители против сексуално образование, „Слободен печат“, 23 јуни 2021) Слично на оваа варијанта, во медиумските содржини се појавува уште една варијанта, чиј фокус не е толку „заштитата на децата“ туку „заштитата на родителите“. Кај овие медиумски содржини фокусот е ставен на наводното родителско право да одлучува што ќе учат и какви информации ќе добиваат нивните деца во училиште. На тој начин, покрај „одземената чистота на децата“ се појавува и „одземено право на родителите“, што претставува уште една точка на политичка мобилизација против родово сензитивното и сексуалното образование преку јасна анти-ЛГБТИ реторика. Мора да се спомене дека дел од корпусот содржини во оваа рамка претставуваат дезинформации и лажни вести, како онаа дека се исфрла од употреба „мајка“ и „татко“ на сметка на „родител 1“ и „родител 2“, дека сеопфатното образование ќе биде задолжително и дека ќе се изучува од второ одделение. „Јас сум татко, горд сум што сум татко на едно дете и сакам така да ме нарекуваат институциите. Немам никаков проблем доколку некој себеси сака да се самоопредели само како ‘родител’ или како ‘родител х’, но не ми го одземајте правото да бидам татко. Лудиот, пак, аргумент дека зборовите ‘татко’ и ‘мајка’ некого навредуваат, па мора да ги бришеме од употреба, се вон секој здрав разум и немам ни намера да влегувам со разноразни будалетинки во расправии на таа тема.“ (Ивица Боцевски: Сакам да сум татко, а не „родител x“, „Фактор“ 11 мај 2021) Дел од корпусот на содржини што ја сочинуваат оваа рамка содржат негативни ставови кон здруженијата на граѓани што работат на полето на родова еднаквост и образование. Вмешувањето на невладини организации го прави „заговорот“ уште пореален, особено ако се има предвид фактот дека граѓанското општество повеќе од една декада во претходниот хибриден режим беше доминантно портретирано како „агентура на Западот“ и „пералница на пари“. Поларизацијата меѓу „ние“, „обичниот народ“, „нашите деца“ и „тие“, „Западот“, „елитата“, „ЛГБТИ“ во оваа рамка најјасно го добива своето последно ниво – ниво што ангажира емоции на лутина и омраза и повикува на акција. За да може да се стигне до ова ниво, потребно е непријателот јасно да биде именуван. Во нашиот случај тоа се ЛГБТИ-заедницата и дел од граѓанското општество. „Вие од ЛГБТ ‘невладините’, да си кажете кој тоа ви дава од 300 до 500 илјади евра ГОДИШНО за вашите акции за разбивање на јавниот морал и заедницата. (…) Да чуеме каде, во кои политички кругови лобирате и со колку пари? (...) Колку новинари имате поткупено да ги туркаат вашите планови и да ви прават позитивни промоции по медиумите? (...) Колку од вас се инфилтрирани во власта?“ (Сашо Тасевски: Има ли новинари што ќе имаат храброст да го истражат ова и јавно да го објават, „Булевар“, 10 јуни 2021) Во првата половина на 2021 година наидовме и на содржини што ја поддржуваат идејата за сеопфатно сексуално образование, родово сензитивно образование, но и ги демаскираат манипулативните стратегии, лажните вести и дезинформации поврзани со некои од содржините од оваа рамка. „Со сеопфатното сексуално образование ќе се дополни едукацијата од областа на репродуктивното здравје, граѓанските права, насилството како и заемната почит на партнерите. Свесни сме дека на младите им треба поголема едукација кога станува збор за нивниот сексуален живот. Не секогаш учениците би се обратиле кон родителите/наставникот за одговор; попрво би му се обратиле на интернетот. Веруваме дека сеопфатното сексуално образование ќе им даде одговор на многу прашања, без притоа да оставиме сексуалното и репродуктивното здравје и права да бидат табу-теми“, објаснува Милошовски... „Преку програмата младите ќе го научат начинот на пренесување сексуални преносливи инфекции, ќе дојдат до концизни информации и факти за точната превенција од СПИ, па сè до каде и кога да се обратат во случај да се најдат во оваа ситуација. Но, најбитно, ќе се заштитат од злоупотреба и манипулација, како и видови насилство – особена проблематика која е карактеристична кај ранливите категории, какви што се млади лица со попреченост, Роми и ЛГБТ-лицата“, вели Александра Петкова од „Крик“. (Б. М., Сексуалното образование влегува во училишните клупи: Што ќе се изучува и како ќе се одвиваат часовите?, „Локално“, 24 февруари 2021) „Во постот што го објави на Фејсбук, таа ја критикува Парадата на гордоста и ЛГБТ-движењето што предизвика чудење кај многумина членови што таа група ја следат заради реформи во образованието и учебниците. Меѓу другото, Спасевска вели: ‘Ако ова денес е свеченост, тогаш денес облечете црно и помолете му се на Бога. Облечете црно и помолете се за нашите деца, за нашата иднина, за нас да останеме разумни и присебни, та да можеме децата правилно да ги воспитаме за еден ден да не го играат тангото со ѓаволот’. Ваквата реторика уште еднаш го отвори прашањето која е вистинската агенда на Велковска?“ (По „Учебници и настава мора да има“, ЛГБТ не смее да има!?, „Локално“, 27 јуни 2021) Најголем дел од текстовите што ја сочинуваат оваа рамка сугерираат негативен однос на новинарот кон ЛГБТИ-заедницата, а помал дел позитивен или неутрален. Кусиот преглед на оваа рамка ни овозможи увид во стратегиите за создавање морална паника преку медиумите. Медиумските содржини од овој корпус често се поттикнувачи на паниката или анксиозноста. Моралната паника имплицира две групи, една која дефинира и една која е дефинирана. Анализата покажа дека во најголем дел од случаите групата која е дефинирана е токму ЛГБТИ-заедницата, која иако е тема на интерес, нејзиниот глас е комплетно исклучен од овие дебати. (Овој текст е дел од Анализата на медиумското покривање на темите поврзани со ЛГБТИ заедницата и родово заснованото насилство, изготвена од Коалиција Маргини.) Автор: Ирена Цветковиќ Насловна фотографија: pixabay.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Con Rec 4

Заклучоци од конференцијата за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан „Справување со дезинформациите“

Конференцијата за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан „Справување со дезинформациите“ се одржа на 27 септември 2021 година во Музејот на современа уметност во Скопје, Северна Македонија и на интернет. Клучни чинители од Европската Унија и од Западниот Балкан дискутираа за сè поинтензивното ширење на дезинформациите, новите предизвици за професионалните медиуми и за важноста на медиумската писменост за граѓаните во новото медиумско опкружување. Конференцијата беше организирана во хибриден формат, со излагачи од Северна Македонија кои беа физички присутни на настанот и презентации преку интернет на излагачите оф регионот и од Европската Унија.   Конференцијата која се одржува по вторпат, беше организирана од страна на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Македонскиот институт за медиуми. Во продолжение се главните заклучоци и препораки од конференцијата:     Борбата против дезинформациите треба да биде сеопфатна и инклузивна. Сите релевантни чинители потребно е заеднички да работат со цел да се зајакнат отпорноста и капацитетите за справување со дезинформациите на лично и институционално ниво, како и во медиумите. Тоа би се остварило преку вклучување на медиумска писменост во формалното образование, подобри услови за професионална и независна работа на медиумите, доследно спроведување на регулативата, преку поддршка за механизмите на саморегулација и сервисите за проверка на факти. Владите и јавните институции треба да покажат политичка волја и да практикуваат активна транспарентност како пристап во справувањето со дезинформациите. Потребно е институциите на централно и локално ниво да овозможат пристап до што е можно повеќе отворени податоци, да се поддржи вклучувањето на медиумската писменост во образованието, брзо да се процесираат барањата од медиумите и од сите на кои им се потребни навремени и точни информации, како и поддршка и соработка со сервисите за проверка на факти. Владите и јавните институции треба да обезбедат правна рамка за поддршка на професионалните медиуми, вклучително и во предизборниот период. Дезинформациите се закана за демократијата, како и за јавната безбедност и јавното здравје, како што можеше да се потврди за време на пандемијата со ковид-19. Во таа насока, мора да се подигне и зајакне јавната свест за оваа појава. Во контекст на последните измени на Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги, државите имаат поголеми обврски во однос на медиумската писменост во сите сектори на општеството, вклучително за сите возрасти и сите медиуми, како и во однос на известувањето за тоа кои мерки се преземени од страна на самите држави. Справувањето со дезинформациите треба да се одвива со координирани напори во кои ќе бидат вклучени саморегулаторните механизми коишто треба да се поддржат од страна на новинарите, политичките и државните чинители. Поддршката од бизнис заедницата е исто така важна, како на пример, да не се огласуваат реклами во непрофесионални медиуми. Довербата во професионалните медиуми како извори на веродостојни информации треба да се зајакнува и да се зголемува. Ова е клучно особено во поларизирани општества, затоа што ниското ниво на „конзумирање“ професионални вести може да ги насочи публиките да бараат информации само на социјални медиуми. Тоа пак, може да доведе до понатамошна поларизација и уште повеќе да ја изложи публиката на дезинформации. Треба да се поддржат професионалните медиуми во нивните напори да се справуваат со дезинформациите, пропагандата и говорот на омраза. Работењето на мали пазари, каде премногу медиуми се борат за ограничени приходи од огласување, генерира проблеми поврзани со развојот на медиумите и со одржливоста на професионалното новинарство. Професионалното новинарство треба да биде поддржано преку различни механизми кои ќе ги обезбеди државата како што се основање на фондови за продукција на содржини од јавен интерес, даночни ослободувања и друго. Социјалните медиуми ги дефинираат наративите, што може да има позитивни и негативни аспекти. Позитивниот аспект е што преку социјалните медиуми, медиумите можат да допрат до побројна, но и до помладите генерации од публиката. Во таа насока, новинарите и медиумите мора да ги следат промените и брзо да се приспособуваат на новиот технолошки развој со цел да бидат поконкурентни во дигиталното опкружување и да допрат до сите сегменти од публиката. Социјалните мрежи одреден период беа „златен рудник“ за истражувачкото новинарство. Но, тие наедно наметнуваат брзи промени во процесот на дистрибуција на вести и на контрола на содржините кои се шират на интернет. Ова се должи и на публиката која веќе не е само примач на информациите, туку и ко-креатор кој ги преобликува и дава различни толкувања на содржината, што понекогаш можат да бидат различни или контрадикторни во споредба со оригиналните објави. Новинарите кои работат во интернет медиумите мора да ги почитуваат професионалните принципи исто како и новинарите во традиционалните медиуми. Верификацијата на информациите е клучна. Професионалните новинари мора да ги проверат податоците и изворите, мора да излезат на терен, да разговараат со луѓето и лично да ги посведочат настаните, и покрај тоа што работат под притисок наметнат од социјалните мрежи и интернет медиумите коишто се борат за кликови и први да ги објават вестите, што честопати на овие медиуми им ги ограничува можностите за верификација на информациите. Со цел да ѝ се помогне на јавноста целосно да ги разбере и да ги користи интернет медиумите, важно е да се зајакнат вештините за медиумската, информациската и дигиталната писменост на граѓаните, но исто така и писменоста за користење научни податоци. Младите луѓе може да немаат доволно информации за тоа што е професионално новинарство и да немаат доволно вештини да препознаат непрофесионални објави од различни извори. Јавноста, особено младите луѓе, потребно е да бидат запознати со основата и принципите на професионалното новинарство со цел да стекнат вештини брзо и ефикасно да ги распознаваат дезинформациите. Политичките центри на моќ и политичарите треба да се воздржат од давање каква било поддршка на непрофесионалните медиуми. Бројните истражувања низ регионот покажаа дека дезинформациите се шират на систематски и координиран начин и во многу случаи дезинформациите може да се поврзат со политички партии или со политичари. Релевантните институции, граѓанскиот сектор и медиумските организации, активистите за човекови права треба да ја подигнат свесноста, да се залагаат и да ги користат сите институционални мерки со цел да ги заштитат новинарите и активистите кои се мета на кампањи за дискредитација на социјалните мрежи. Активно вклучување и брза реакција од институциите е клучна во справувањето со продукцијата и ширењето на дезинформациите, пропагандата и говорот на омраза на социјалните мрежи и на интернет. Граѓанските организации, особено организациите за заштита на човековите права, мора се повеќе да ја дигитализираат својата работа, како во активностите за подигање на јавната свест, така и во однос на преносот на знаење, бидејќи многу од прекршувањата на човековите права се случуваат во дигиталното опкружување.
Vote 1

На залезот на изборната кампања - дали јавноста беше доволно информирана?

 „Иако никој со ништо не успеа да ме убеди дека ќе направи нешто посебно ако дојде на власт, сепак ќе гласам. А презаситена сум од сè, особено од она што го гледам во медиумите, доста беше“. Ова се зборовите на една моја сосетка, во пресрет на локалните избори во државата. Се прашувам, кој и каков беше ефектот од изборната кампања? Дали до граѓаните допреа вистинските пораки? И колку постојаната изложеност на морето информации, (не)рационални ветувања и најави не ги збуни граѓаните дополнително?   Секако, неизбежно се поставува и прашањето околу улогата на медиумите во изборниот процес. Колку, пак, тие успеаја да ги просветлат гласачите, да бидат во нивна функција, да им посредуваат и да им помогнат меѓу изборните пораки, ветувањата и реалноста? Во колкава мера беше обезбедена вистинска објективност и од оние, сериозните, редакции со докажан медиумски авторитет и со катадневен новинарски ангажман? Или, пак, и тие дополнително ги збунија граѓаните, вовлекувајќи ги во таканаречената „спирала на скептичност“?   Едно нешто е да се констатира слободата на изразување што медиумите им ја обезбедуваат на учесниците во изборниот процес, но сосема друго прашање е каква е објективната реалност што им се прикажува на медиумските консументи - граѓаните. Еднаквоста во минутите и секундите, реално, ниту оддалеку не може да ја прикаже вистинската слика на нештата. На граѓаните им треба реална, објективна, информација, а таа честопати изостанува. Имаше ситуации во коишто водителите на некои од програмите во кои се претставуваа кандидатите за општинските функции, едноставно кажано, останаа неми набљудувачи на исказите на учесниците во изборите, партиските кандидати, кандидатите на независните советнички листи или, пак, на независните кандидати за градоначалници. Па, така, на пример, се случуваше водители на дебати да им дозволат на учесниците во изборите Вардар да го ветат за пловен и Скопје да го направат Токио. Во еден таков наплив на фатаморганични ветувања, домаќините на дебатите, новинарите – водители останаа само слушатели на исказите за неостварливите ветувања и проекти. Но публиката, граѓаните, медиумските консументи, токму од нив, од новинарите домаќини и од медиумите организатори на таквите медиумски дебати очекуваа реакција и појаснувања. Очекуваа прашања до ветувачите во насока на реалноста на нивните ветувања. Очекуваа водителите - уредници на дебатните радио и ТВ - емисии да им постават прашање на своите гости за начините на коишто ќе ги остварат своите ветувања. Да прашаат колку пари ќе чини сето тоа, имаат ли општините буџет за толку амбициозни проекти, како ќе ги остварат ветувањата за субвенции за млади, за пензионери и слично. Или, пак, да ги прашаат потенцијалните градоначалници како ќе ги трошат заедничките пари на граѓаните слеани во општинските буџети и дали за тоа ќе се консултираат со сограѓаните, ќе ги проверат ли државните закони и така натаму и така натаму. Фото: pixabay.com Чест на исклучоците, но општо гледано сè повеќе медиуми се оддалечија од улогата на „медијатор“ во поттикнувањето граѓански ангажман. Наместо на прашањата дали и колку ставовите и изјавите на кандидатите „држат вода“, дебатите во нив се сведуваа на арена за маргинализирање на суштинските теми во корист на расправите за „победници и губитници“.  Со таквиот свој пристап, а во името на некаква наводна објективност, новинарството се оддалечи од својата примарна функција, во името на граѓаните, да биде активен учесник и своевиден контролор и брана за нереалните, мегаломански предизборни ветувања на кандидатите за општинските функции. Дали политичарите ја „исконтролираа“ медиумската агенда? Новинарството својот придонес кон изборната агенда го обезбедува со барањето одговори на релација политичари – јавност, односно со фокусот кон теми од јавен интерес. Со тоа на граѓаните им се овозможува да го разберат политичкото опкружување и да се чувствуваат подготвени да ги остварат своите демократски права. Но, да се прашаме уште еднаш, дали ова навистина беше случај кога станува збор за „отсликувањето“ на изборната кампања во медиумите? Различните контроверзни прашања и теми што ги наметнуваа самите кандидати и партиите што ги поддржаа, едноставно, се пренесоа и во медиумите. Притоа, наспроти очекувањата на медиумската публика, во одредени медиуми се забележуваше рамнодушност и отсуство на реакции, дури и при најнебулозните истапи на кандидатите за функции во локалната власт. Забележливо беше отсутството на сериозни дебати околу суштината на процесот на креирање политики. Сè повеќе недостигаше критичкиот осврт, а сè повидлива беше инертноста, наспроти одговорноста кон консументите - граѓаните.  Беше очигледно дека отсуствуваат редакциски договори, подлабока аналитичност и посебно храброст и одважност да се спротивстават на ветувањата од ракав, на оние за кои граѓаните забележуваа манипулации и лаги, а за кои, наспроти очекувањата од јавноста,  новинарството не реагираше. Со препуштање на целиот простор на поканетите по студијата, граѓаните беа уште позбунети. Беа принудени самите да поставуваат прашања по социјалните мрежи за реалната одржливост на ветувањата на кандидатите за општинските функции. Таквата практика кај повеќе медиуми, манифестирана и во ова предизборие, остава впечаток за новинарството како кампањско, пасивно и апатично. Наместо на потребните информации за граѓаните, медиумскиот фокус беше сè поголем врз политичките игри, пресметки и надмудрувања. Освен тоа, и во овој предизборен медиумски интервал, не забележавме обиди медиумите да ја „придобијат“ онаа стандардно непартиска и привидно пасивна и индиферентна публика. Ова особено ако се има предвид дека вниманието кон изборната кампања главно доаѓа од луѓето коишто се веќе вклучени во политичките активности или, пак, оние што будно ја следат политиката. За да можат да донесат вистинска одлука, граѓаните мора да бидат и информирани и едуцирани, а медиумите имаат капитален инпут во тоа. Посебно во разобличувањето на невистините или нереалностите форсирани во изборните кампањи, а сè со цел јавноста да се заштити од погрешните актери на политичката сцена. Во крајна линија, лидерите ги избираме да му служат на народот, но медиумите се тука да ни (по)кажат како тие ќе го прават тоа. Автор: Марина Тунева Насловна фотографија: pexels.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).                                                                                                                
Kat Sin 1

Иднината на новинарството во време на онлајн експанзија

Се менуваат алатките, не и новинарските вредности Идеите за развој или насочување на трансформацијата на новинарството мора да бидат во согласност со професионалните етички стандарди. Сите проблеми на новинарството денес, во својата суштина, повеќе или помалку, се сведуваат на фактот што новите технологии овозможуваат и создаваат опасност етичките кодекси да бидат побрзо, полесно и побрутално кршени. Ова значи дека клучниот предизвик на новинарството не е како тоа да се приспособи на новите технологии само од аспект на бизнис-логика, туку е неопходноста за промените што се неминовни да се подредат на основата на новинарската мисија – заштита на јавното добро и на јавниот интерес. Празни редакции, тешка финансиска состојба, слаба продукција, лош квалитет, ниска додадена вредност на информацијата – генералната слика за македонското новинарство денес тешко дека може да ни ја даде комоцијата што ја имаат странските колеги кога се прават анализите за иднината на професијата и предвидувањата за нејзиниот развој. Факт е дека новинарството е пред сериозни предизвици во светски рамки, но ситуацијата во Македонија е драстична и тоа може да се согледа низ неколку примери. Големата дилема на денешницата – дали социјалните медиуми го уништија новинарството – е актуелна низ целата планета, особено низ демократските општества, каде што слободата на говор и самото новинарство се сметаат за едни од основите на политичкиот систем. Оваа дилема во Македонија е обременета дополнително со штетата од годините на политичка, економска и културна дисторзија на целиот информативен систем. Колапсот на медиумскиот пазар (создаден преку силни политички влијанија, од една страна, и директна државна интервенција со истурање народни пари во приватни медиуми, од друга) ги опустоши македонските редакции. Финансиската состојба предизвикана од овие потреси, но и самиот притисок врз новинарите, предизвика бројот на вработени да се сведе на минимум потребниот за да се одржи еден медиум во живот, но никако не и за да може тој медиум да ја извршува својата вистинска задача – да обезбедува и да обработува квалитетни информации: да информира, да забавува и да едуцира. Се изгуби професионалното новинарство во кое новинарите треба да „специјализираат“ во дадена област, а со тоа се изгубија и самите редакции. Наместо тимови од новинари, кои би покривале конкретни области (култура, образование, здравство, економија, финансии итн.), новинарите се принудени да бидат сестрани, трчајќи по информации од еден до друг сектор, во тешки маки да изградат и да одржат структура на извори и да стекнат сериозно знаење на темата за која известуваат. Ваквите услови за работа, проследени со постојаните политички притисоци од разни центри на моќ, прават новинарството да станува сè помалку посакувана професија. Бројот на студенти што се запишуваат на факултетите по новинарство е поразителен – десетина годишно. Ова е и ќе биде еден од главните предизвици на медиумскиот сектор денес, затоа што без разлика колкумина сметаат дека „секој може да биде новинар“ и дека за оваа професија не е потребно формално образование, ова не влијае само врз квалитетот на медиумските производи, туку зборува и за третманот што самата професија го има во општеството. Ова исто така зборува и за неопходни итни реформи на самото новинарско образование кај нас, каде што дипломата мора да вклучува вештини неопходни за современиот тек на професијата, потребни за денешните редакции. Дефинирање на константите во морето од промени Овие процеси се неопходни за да се биде во чекор со светот и начинот на кој се предвидуваат промените во професијата, во глобална смисла. Проширувањето на интернетот и дигиталната револуција се мотори на огромни промени во новинарството. Интернетот и социјалните медиуми создадоа динамични нови платформи и ја замаглија разликата помеѓу печатењето и емитувањето. Ова, се чини, го имаме разбрано, но битката да се приспособиме додека се актуелни проблемите од погоре, е тешка. Можеби затоа не е лошо да се размисли за чекор во место и дефинирање или враќање на основните постулати на самата професија, кои први и најмногу настрадаа во овие трансформации. Она што сите аналитичари го укажуваат е дека дури и во многу изменетиот новинарски свет, известувањето, на едно најфундаментално ниво, сè уште се однесува на истражување и известување. Новинарството сè уште се базира на додавање контекст, објаснување, заднина и сè друго што може да е потребно за да разбере публиката што се случува во светот и да се трансформира во информирано и ангажирано општество. Интернетот овозможува неисцрпно поле за истражување приказни, но повеќето вести сè уште се базираат на известување од прва рака од примарни извори (некои од нив преку интернет) и преку разговор со луѓе. Техниките за откривање информации се во голема мера исти, без разлика која е крајната идеја или цел за приказната. И техниките за нивна презентација – повторно, без оглед на платформата – сепак бараат организација, јасност на мислата и добро пишување. Со овие елементи на маса и со нивно дефинирање како неопходни константи во бурата од промени, треба да се прецизираат чекорите потребни за осовременување и промена на поимот за улогата и за функционалноста на самите медиуми. Печатот во слободен пад Од ова, се чини, нема бегање. Бизнисот со весници и општо со печатени медиуми е во опаѓање. Во последните неколку децении, дигиталната револуција ги урна повеќето столбови на традиционалниот бизнис-модел за печатење. Сè помалку луѓе купуваат и читаат весници или огласуваат. Ние ги добиваме повеќето од нашите информации онлајн, каде што содржината е секогаш поажурна отколку која било приказна напишана пред 24 часа. Приходите од реклами исто така се драстично намалени. Фото: pixabay.com Главните забелешки за бизнисот со весници е дека тој е бавен, пребавен беше дури и за да предвиди и види какви промени доаѓаат, па затоа и бавно реагираше на нив. Дури и сега, некои печатени медиуми се движат многу побавно од другите во своите трансформации. Оние што се борат да држат чекор најчесто ги реконфигурираат редакциите, давајќи им предност на дигиталните изданија. Се печатат и се продаваат само неколку илјади примероци, а фокусот е на дигиталните платформи и максимизирање на приходите што тие ги носат. Новинарите имаат примарна задача да работат прво на веб-страниците и на социјалните мрежи, а на печатените изданија подоцна... ако остане време. Интернетот е и агент и овозможувач на оваа промена. Тој дава пристап до новата гигантска публика, не само преку веб-страниците, туку и преку Гугл и Фејсбук и другите. Дистрибуцијата низ целиот свет е достапна дури и за најлокалниот провајдер, а трошоците, споредени со тие за печатење, се минимални. Некои експерти се загрижени дека вака се централизира премногу моќ во рацете на релативно мал број глобални технолошки гиганти, чијшто примарен интерес не е новинарството само по себе. Тоа се легитимни забелешки, а и дебатата за тоа како профитот од соработката треба да се подели помеѓу оние што ја произведуваат содржината и оние што ја циркулираат е постојана. Новото новинарство што се појавува може да стане премногу зависно од технолошките компании за пристап до пазарот. Индивидуалните брендови и идентитети може да се изгубат во неразбирливите алгоритми на пребарувачите. Токму затоа, како што пишува, на пример Џонатан Бејкер, „за да бидеме на ниво на задачата што ни претстои, ќе ни требаат енергични млади новинари, кои се целосно „дома“ во дигиталниот простор, а паралелно продолжуваат да ги исполнуваат демократските одговорности на слободниот печат, здравите вредности, правилното однесување и принципиелна практика. Новите новинари треба да ги совладаат основните практични вештини за добро известување: барање сигурни извори, евалуација на информациите и презентирање на она што го научиле на привлечен, ама и точен, професионален и фер начин“. Почитувањето на професионалните начела и на етиката, останува константа што не смее да се менува. Модели на новото време Со овој краток увид во моменталната состојба на медиумскиот пејзаж, кој се карактеризира со недостиг на одржливи бизнис-модели во дигиталната арена и балони на социјалните медиуми, кои шират предизвици за одржување на новинарскиот професионализам, можеби малкумина експерти или аналитичари можат да бидат оптимисти за иднината на индустријата. Но, не е дека такви нема. Фото: pixabay.com Трендот кон медиумска конвергенција во последно време значи дека медиумите, технологијата и мобилната комуникација сè повеќе се испреплетуваат. Додека се движиме во вмрежено општество – каде што повеќе врски и комуникација создаваат нови функции и однесувања – ова треба дополнително да ја забрза дигиталната трансформација во иднината на медиумите и на новинарството. Но, според едно истражувањето на Микаел Торнвел, шведски автор и новинар, ова не значи и нужно лошо. Тоа истражување (https://www.ericsson.com/en/reports-and-papers/networked-society-insights/future-of-journalism) ја анализира иднината на медиумите и на новинарството во дигиталниот свет овозможени од интелигентните мрежи на следната генерација и нуди неколку концептуални совети за правецот во кој вработените во овој сектор (и сопственици, издавачи и вработени, новинари) треба да ја развиваат својата професија. Извештајот, исто така, дава и нови предвидувања за тоа каде се движат медиумите во едно вмрежено општество. Овие предвидувања вклучуваат создавање сосема нови деловни модели, што ќе им овозможат на новинарите подобра работа со ограничени ресурси и да произведат попаметна содржина од досега можната. „Наместо дигитализација на традиционалните медиуми, треба да се појават нови и иновативни форми на новинарство, врз основа на можностите на вмрежено општество. Заборавете на старите правила – дигиталната ера бара поинаков пристап“, пишува таму. А што значи тоа? Персонализирани вести Ова е еден од првите модели што се советуваат. Идните мрежи би можеле да овозможат постојано зголемување на низата насочени, адресибилни и трговски искуства што се мобилни и се преку екран. Иднината на новинарството може да види појава на сè повеќе и повеќе персонализирана содржина, интелигентни алгоритми и робот новинари, како и можност да се „доживеат“ тие вести благодарение на импресивните VR и AR технологии. Во оваа иднина е вклучена персонализирана содржина и паметни алгоритми – додека робот новинари пишуваат за настаните, што медиумите и компаниите инаку не би можеле да си дозволат да ги покријат. Јаху и Гугл веќе со години нудат персонализирани вести, сајтови – каде што содржината на предната страница на секој корисник е приспособена со алгоритам, базиран на параметри и историја на пребарувањата. Пребарувањата за вести исто така варираат според историјата на пребарување. Многу онлајн весници (како што е, на пример, канадскиот „Winnipeg Free Press“) сега нудат персонализирани почетни страници. На пример, читателот заинтересиран за спорт гледа различна насловна страница од некој што следи уметност или литература. Но, она што е интересно е и дека самата статија, исто така, може да се приспособи – на пример, ако медиумот објавува приказна за нов проект во град, читател што живее во близина и кој можеби веќе има одредено знаење за објектот ќе бара некои ситни детали, додека некому од друг град му треба една поопшта слика и повеќе бекграунд. Или извештаи за сообраќајот, на пример: оние што користат метро за да стигнат на работа се заинтересирани за одложувањата што влијаат врз нивната линија, но не за состојбата со линиите во другите делови на градот. Некои скандинавски медиуми одат и чекор потаму, па нудат персонализиран пристап во информирањето на своите читатели нудејќи информации и за нивните хипотекарни каматни стапки. Врз основа на претходните читања, паметен систем би погодил кои делови од приказната кому да му ги претстави. Ова е навистина извонреден пристап. Каде е ризикот? Оваа можност да се разбере секој потрошувач посебно, не може да не ја замагли границата помеѓу новинарството и услугите во иднина. Виртуелна реалност Виртуелната реалност (VR) допрва треба да се избори за својот пат во мејнстрим медиумите, но неколку експерименти во последниве години веќе се направени на темата и покажуваат дека ова ќе биде исклучително интересен и важен процес во блиска иднина. Денес се користи основната VR-технологија за да им се овозможи на читателите „вистинско искуство“ со емисија или вести преку VR-технологија достапна за кој било екран. Една значајна пречка е тоа што VR-очилата се обично скапи или не се со добар квалитет. Сепак, ова може да се промени наскоро (во САД има предвидување дека во медиумскиот сектор ќе бидат потрошени 150 милијарди американски долари на VR до 2025 година). Останува заклучокот дека во просторот за вести, VR-технологијата сепак има потенцијал да ги внесе читателите и гледачите подлабоко во приказна отколку што текст и 2Д слики некогаш би можеле. И дека тој потенцијал допрва ќе се развива. Мали и мобилни редакции Еден поглед на која било традиционалнa медиумска компанија е доволен за да се види дека тоа е една огромна организација со амбиција и ресурси за покривање повеќе области. Национален медиум има редакции што опфаќаат голем простор – од меѓународни вести до уметност. Интернетот донесе промени и на ова. Потрошувачите сега може одеднаш да изберат само спортски вести или само експертски анализи за надворешна политика и веќе не им треба цел спектар, доколку не сакаат. Тие исто така можат да гледаат содржини преку интернет достапни од ТВ-станици низ целата планета. Логиката на интернет-сајтовите се движи во процес што нуди наместо голема организација, што опфаќа голем регион или држава, мали групи известувачи (или еден известувач) кои би покриле многу помала површина. Технологијата го овозможи ова, со ниски трошоци, камерите и паметните телефони се евтини, а обезбедуваат фотографии и видеа со пристоен квалитет. Сепак, мало не мора да значи локално во однос на географија. Многу медиумски компании дури и со еден вработен имаат влијание што продира надвор од дадената околина. Граѓанско новинарство Новинарството не е лесно и не може секој да биде добар новинар. Од друга страна, не постојат правила за тоа што точно го дефинира новинарот како таков. Професијата свесно не е дефинирана со одредено образование или со формална акредитација од која било организација, бидејќи строгата дефиниција може да донесе ограничувања на слободата на говорот. Кога зборуваме за граѓанското новинарство, обично мислиме на некој модерен тренд, но факт е дека тоа постои барем од пронаоѓањето на печатницата во 1440 година. Тоа доби на значење благодарение на интернетот и намалените трошоци за користење веб и мобилен телефон наместо печатење. Денес, низ целиот свет, гледаме како области што беа занемарени од големите медиумски компании со децении, се покриени со граѓанско новинарство. Користејќи мобилни телефони, луѓето можат да снимаат аудиа и видеа што подоцна се користат за известување и/или ги преземаат медиумите. За време на Арапската пролет на Блискиот Исток, граѓански новинари објавија настани што професионалните новинари не можеа (или не се осмелија) да ги покријат.  Главен предизвик за овој тип новинарство е довербата и прашањето – како читателите да знаат кому да му веруваат!? Кога има новинар со голема организација зад него, обично тој се смета за доверлив, бидејќи лесно се лоцира одговорноста. Далеку е потешко да се верува во вистинитоста на приказна објавена од непознати граѓани, особено во време кога дури и големите медиумски организации честопати се измамени од или и самите се извор на дезинформации. Останува да се памети случајот со интернет-страницата iReport на Си-ен-ен, генерирана токму од корисници (публика), кога таму се сподели вест за наводни кардиолошки проблеми на сега веќе покојниот Стив Џобс. Веста се покажа како лажна, но пред да се повлече приказната, цената на акцијата на „Епл“ падна за цели 10 проценти. Заклучок Во вакви околности, ако се додадат тука и длабоките проблеми со продирањето на дезинформациите и преплетувањето на бизнис и на политичките центри на моќ со медиумите, што кај интернет-порталите е Гордиев јазол, бидејќи таму е и потешко да се следи, јасно е дека предизвиците се големи. Точно е дека тука има опасност, како што вели Алан Русбриџер (кој дваесет години помина како главен уредник на „Гардијан“) – за првпат во модерната историја, да се соочиме со перспектива како општествата ќе постојат без веродостојни вести – или како што пишува Џил Абрамсон од „Њујорк тајмс“ дека „се останати уште многу малку места кои добро ги пренесуваат квалитетните вести, или кои воопшто имаат за цел нив да ги произведат“. Но, еднакво точно е и дека развојот на технологијата и продирањето на интернетот нудат и можности што значат полесен и побрз пласман на информацијата до многу поширока публика. Она што е клучно е идеите за развој или за насочување на трансформацијата на новинарството, да се водени од мислата дека мора да бидат во согласност со професионалните етички стандарди. Сите проблеми во својата суштина, повеќе или помалку се сведуваат на фактот што новите технологии овозможуваат и создаваат опасност етичките кодекси да бидат побрзо, полесно и побрутално кршени (во демократските општества тоа е без никакви или со благи санкции). Ова значи дека клучниот предизвик на новинарството денес не е како тоа да се приспособи на новите технологии само од аспект на бизнис-логика, туку првенствено од неопходноста промените што се неминовни да се подредат на основата на новинарската мисија – заштита на јавното добро и на јавниот интерес. Тоа е и ќе биде суштината, без разлика на формата што самата професија ќе ја избере за да опстане, низ годините на воведување нови и нови технолошки алатки за остварување на основната цел – информирани граѓани и обезбедена демократија. Автор: Катерина Синадиновска Насловна фотографија: pixabay.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Mla Cha 1

Војната со дезинформациите може да ја добие само професионалното новинарство

Живееме во време во кое се залагаме за почитување права и слободи. Но, она што мора да го сфатиме е дека заради одржување рамнотежа на тој систем на права и слободи, секогаш мора да ги знаеме и да ги почитуваме обврските, кои ги имаме како должност кон професијата. Ова е особено важно, затоа што живееме во време што нуди можност секој поединец во дигиталниот простор да биде своевиден медиум. И тоа е убавата страна од придобивките што ги носи демократијата и развојот на дигиталните алатки. Но, тоа никако не значи дека сите ние треба да прифатиме хаос, затоа што слободата не е тоа. Денес често се среќавате со терминот медиумска писменост. Тој значи дека ние како што знаеме да читаме и пишуваме, треба да поседуваме и способност за анализа, односно критички вештини за да може да провериме дали она што е напишано и сме го прочитале, навистина е точно. Секој од нас како дете читал приказни за деца, но во одреден период од својот раст и развој, разбрал дека приказните не секогаш се реалност. Тоа е практично процесот што го минува секој од нас, односно да пишува, да чита и на крај критички да размислува и да анализира. За да можеме да ја разбереме суштината на медиумската писменост, ќе се обидам да го појаснам процесот преку кој се создаваат информациите или пораките што преку медиумите стигнуваат до вас. Кога гледаме некоја вест за некој настан, ние благодарение на медиумот, имаме впечаток дека тој настан се случува, а ние сме дел од него, иако физички не сме присутни на местото и во времето во кое тој се случува. КАКО СЕ СОЗДАВА ИНФОРМАЦИЈА Луѓето што работат во медиумите добиваат одредени податоци. Тие податоци потоа мора да ги проверат. Целиот процес е дел од системот на комуникација во кој податокот станува информација. Многу важно е да разбереме дека медиумите како секој од нас, користат јазик на кој комуницираат. Ако ја сфатиме суштината на јазикот на кој се комуницира, ќе научиме како да се заштитиме од манипулација, односно да не бидеме уловени од некоја кромид вест или дезинформација. Во таа насока, треба да внимаваме на одредени комуникациски „патки“, кои често треба да предизвикаат поголемо внимание. На пример, „шокантно“, „сензационално“ и слично. Фото: pixabay.com Секој од нас треба да е свесен дека информациите што ги има на медиумите, не се и не смеат да бидат пропаганда, туку проверени и потврдени факти, затоа што медиумското право не значи прекршување на туѓите права и слободи. Информациите што како порака ги добиваме преку медиумите, треба да бидат верификувани како точни. Односно процесот на обликување една вест поминува низ проверување на податоците кој, кога, каде, зошто и како. Во тој процес, изворите на фактите се многу важни. За жал, сите ние сме сведоци дека некои информации се прават за да донесат профит или моќ, наместо вистинито да ја информираат јавноста. Да, факт е дека и медиумите како и секоја друга компанија, треба да имаат своја цел за пазарно опстојување, односно да обезбедат финансии. Секој од нас работи за плата. И ова е факт што не треба да биде спорен. Но, клучно е да ја задржиме независноста на медиумите од еден или од малку центри на моќ, затоа што така ќе можат да влијаат врз уредувачката политика, а тоа неминовно води кон дополнително уривање на кредибилитетот. МЕДИУМИТЕ НЕ ТРЕБА ДА БИДАТ АРЕНА, НИ АЛАТКА ЗА НЕЧИИ ИНТЕРЕСИ Демократијата и дигиталните мрежи донесоа цела војска од влијателни личности што сметаат дека се кадарни да создадат вести. За жал, притоа, не се посветува внимание на еден значаен момент, дека постои разлика меѓу факти и мислења. Убаво е да имаш став и мислење, но тоа никако не значи дека твоето мислење е факт од кое треба да се обликува една информација што ѝ се сервира на јавноста преку медиумите. Социјалните мрежи и онлајн медиумите создаваат серија од сцени, кои наликуваат на циркус без пари. Притоа не се внимава на основните професионални начела за кои секогаш се залагаат новинарите. За жал, сите ние сме сведоци дека токму медиумите што се достапни преку интернет, придонесуваат за брзо и ефикасно ширење дезинформации. Тие се користат како алатка за поединци или групи за брза заработка преку привлекување голем број следбеници да отворат атрактивна, непроверена и искривена содржина, која често има елементи на фиктивни податоци. Има и опција во која овој вид медиуми се користат за злонамерна дискредитација на поединци, групи, организации или институции. Овој тип медиуми, без разлика дали се претставуваат преку поединци, групи или анонимни ликови, предизвикуваат огромни штети и на демократските процеси, но и на новинарството. Македонија не е ексклузивен пример во таа насока. Лажните наративи во светот се дел од глобалната информациска војна што живее и опстојува низ цели системи и мрежи. Глобалниот проблем само се пресликува на локално ниво и нам може да ни изгледа дома и многу пострашно. Зошто? Затоа што Македонија во медиумската писменост се наоѓа некаде при европското дно, па оттаму подложноста на дезинформации ја прави и поранлива. Сведоци сме дека групи медиуми преку копи пејст „новинарство“ користејќи ги и социјалните мрежи постојано продуцираат наративи што имаат за цел да ја поткопаат довербата во системот, но ја поткопуваат и довербата во новинарството. Некогаш се тие инспирирани од локални случувања и политички ситуации (избори, пожари, криза, попис), а некогаш од глобални случувања во кои земјава е актер (Преспански договор, Договор со Бугарија, членство во НАТО, почеток на преговори со ЕУ). Не е лесно да се зауздаат ефектите од продукција на лажни вести, особено не во време на новите технологии и социјалните мрежи. Тие неминовно доведоа до сериозна промена во начинот на добивање на вестите, па оттаму електронските медиуми знаат да предничат во трката за информирање, за жал, понекогаш во трката за дезинформирање. Фото: pixabay.com Што можеме да направиме? Ние како новинарска заедница имаме обврска да ги засилуваме професионалните стандарди, особено сега, во време на дезинформативни сценарија. На една лажна вест не можете да одговорите со друга лажна вест. Треба да работиме на саморегулацијата во насока на препознавање на професионалците наспроти непрофесионалците во медиумите. Напорите што ги прави ЗНМ во соработка со Советот за етика во медиумите во Македонија преку создавање на регистарот на професионални онлајн медиуми Промедиа.мк е еден чекор во таа насока. Но тоа не е доволно, потребна е дополнителна професионализација на редакциите, преку реафирмирање на етичноста во работењето. Етичкиот кодекс ги дефинира правата и обврските на новинарите. Тој служи како насока како новинарските задачи да се реализираат на најдобар начин, професионално и одговорно. Се разбира потребна е и изразена искрена политичка волја за кревање на квалитетот наспроти пропагандистичкото новинарство. Но, видете го само Изборниот законик во делот на рекламирање за онлајн медиумите. Не се бара никаков критериум, само тековна состојба не постара од 30 дена. Ова во превод значи дека политичка партија односно поединци можат да основаат десет портали во август, а на нивните сметки да стигнат десетици илјади евра во октомври. И тоа наши пари, на македонските даночни обврзници. Без никакви критериуми, бидејќи партијата е таа што одлучува кому ќе му даде пари. Во регистарот на ДИК сега има 200 онлајн медиуми што чекаат пари од државата. За добар дел од нив не сме ни слушнале дека постојат, а добар дел од нив се дел од тие таканаречени групации што се создадени од политички партии за да можат да водат пропагандистичка војна. И во овој дел од законот мора да има промени. На крајот, да ни биде на сите јасно, професионалното новинарство чини пари. Во услови кога пазарот е мал, комерцијалните рекламери недоволни да го покријат големиот број медиуми, а странските фондови го ограничија интересот во Македонија, треба да се размислува за модел преку кој ќе се поддржи професионалното новинарство, а со тоа и да се стимулираат содржини во интерес на јавноста. Тоа ќе го подигне квалитетот во традиционалното, но и на онлајн новинарството, како предуслов за креирање пазарна сцена во која ќе доминираат кредибилни медиуми, наспроти оние што се создадени за да креираат лажна слика за општествените појави. Автор: Младен Чадиковски Насловна фотографиј: pixabay.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Gra Se 1

Да се биде новинар или не

Во демократските општества или, пак, во оние што претендираат да се демократски, новинарството се смета за слободна професија. Што значи тоа во практика и дали секој може да биде новинар? Секој може да каже дека е новинар, но тоа не значи дека ќе биде прифатен од фелата, јавноста и од еснафските здруженија. Кога станува збор за професионални новинари, без разлика дали работат во традиционални или во онлајн медиуми, речиси и да нема дилема, но кога, од друга страна, се злоупотребува новинарството со цел намерно да се влијае врз јавниот дискурс, тогаш новинарството станува пропаганда. Во Македонија има сè повеќе очигледни примери кога лица блиски до политичките партии се претставуваат како слободни новинари или граѓански активисти или, пак, и двете во исто време. Тие објавуваат колумни, даваат лични осврти на важни општествени случувања, а често и јавно се пресметуваат со политички неистомисленици на социјалните мрежи. Новинарите се свесни за злоупотребата на нивната професија од овие поединци, но пошироката јавност, за жал, не ги препознава секогаш овие расипани јаболка во новинарската кошница. Како новинарите и јавноста да се заштитат од натрапниците во оваа професија? Сè додека партиите не се откажат од плаќање на непрофесионалните медиуми, и тоа со јавни ресурси, а истовремено приватните компании не станат навистина општествено одговорни и ги вложуваат своите пари за реклами кај професионалците, а со тоа да го поддржат квалитетното новинарство, граѓаните ќе бидат жртви на дезинформации и на евтини медиумски содржини. Фото: unsplash.com Решението на ова прашање не е едноставно, посебно во услови кога секој може да регистрира домен и речиси без вложувања, да има своја онлајн платформа, без притоа да се почитуваат минималните стандарди за еден медиум. Затоа локалните еснафски здруженија пред две години вложија дополнителни напори да се засили медиумската саморегулација во земјата, преку создавање на регистарот на професионални онлајн медиуми во Македонија. Идејата на Промедиа.мк, како што се нарекува овој регистар, ѝ служи на јавноста да знае кои онлајн медиуми ги исполнуваат минимум критериумите да бидат медиуми, како што се имање импресум и контакт, да се почитува кодексот, медиумот да користи .мк домен, да има јавно објавени ценовници и слично. За разлика од правилата предвидени во Изборниот законик за платената политичка програма во партиската кампања, каде што се бара само онлајн медиумот да е регистриран 30 дена пред пријавата да учествува во кампањата, Промедиа предвидува 12 облигаторни услови и препораки за да може да бидат дел од овој регистар. Поради ова, речиси секој може да се пријави да шири политичка пропаганда платена со парите од граѓаните, но не може секој да биде дел од регистарот на професионални онлајн медиуми. Токму ова ја покажува искрената волја на еснафските здруженија да придонесат во воспоставување некој ред, за разлика, пак, од политичките партии кои преку Изборниот законик оставаат можност да ги корумпираат медиумите и да ги наградат оние „лажни новинари“, кои прават штета на јавниот интерес на сметка на интересот на партиите или на поединци. Приватните фирми што се јавуваат како рекламери имаат сериозна улога во подобрување на состојбата. Тие имаат општествена обврска да се рекламираат во професионалните медиуми, а не во оние што шират пропаганда, па дури и говор на омраза. Тоа е и, впрочем, една од целите на Промедиа – одговорните приватни компании да ги наградат професионалните медиуми, а на долг рок да се маргинализираат оние што прават штета. Дали може да помогне дефинирањето на новинарството со закон? Дефинирањето на тоа кој е новинар, а кој не, може да биде опасна практика, бидејќи им се дава можност на владите да фаворизираат лица што ги промовираат нивните политики на сметка на оние што конструктивно ги критикуваат. Освен ова, дефинирањето на новинарите може да биде и вовед во нивно лиценцирање од страна на владите, со што се нарушува концептот на слободна професија, а со тоа и ризикот да се суспендира правото на слобода на изразување и правото на информирање. Фото: pixabay.com Дел од државите на овој континент се обидуваат да дефинираат со закон што е новинар и таков обид постои и во Македонија во Законот за медиуми од 2013 година. Па, така, според овој закон „новинар е лице што врши активности на прибирање, анализа, обработка, обликување информации што се објавуваат во медиум или има склучен договор со него или е лице што врши новинарска дејност како самостојно занимање (слободен новинар)“. Проблемот со оваа дефиниција е што работата на новинарот се поврзува со работен договор, а законот се однесува на радиодифузерите, па затоа имало и домашна судска практика во минатото, која била на штета на новинарите, зашто дел од нив не биле препознаени од судот. Во меѓународен контекст, еснафските здруженија претендираат да го дефинираат поимот новинарство, а не новинарот. Па, така, според Американскиот прес-институт, новинарството е активност на собирање, оценување, креирање и презентирање вести и информации. Она што е основа за сите кредибилни членски организации на медиумски работници, вклучително и во Македонија, е тоа што имаат јасни правила кој може да биде член, за што одлучува комисија, како што е, на пример, најмалку две години да врши новинарска дејност и при пристапувањето да се обврзе дека ќе го почитува кодексот на етика. Доколку некој е одбиен за членство, не значи дека не е новинар, туку едноставно еснафот во тој момент ценел дека не ги исполнува критериумите да биде дел од професионалниот колектив во медиумскиот сектор. Во јавната комуникација, новинарството окупира мал простор и голем дел е отстапен на содржини поврзани со забава, рекламирање, па и пропаганда, но и покрај тоа, новинарството има исклучителна важност. Преку одговорното новинарство се следи работата на јавните установи и се информираат граѓаните, со што им се помага да одлучуваат свесно на избори, но и за други општествени околности. Затоа, тие што ja имаат привремено власта во едно општество, не можат да одлучуваат кој е новинар, а кој не, бидејќи на тој начин има очигледен конфликт на интерес што би бил на штета на граѓаните. Автор: Драган Секуловски Насловна фотографиј: pixabay.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).    
Naslovna

Сензационалистичкото известување при несреќи и трагедии, закана за психичкото здравје и за довербата во институциите

Доживувањето несреќа или трагедија само по себе е стресно, а сензационалистичкото известување за нив, дополнително ги изложува засегнатите на продолжен стрес и влијае врз нивното психичко здравје како и врз довербата во институциите. Кога ќе се случи загуба на блиска личност, емотивната болка на блиските е голема, а кога случајот ќе се прикаже низ неетичката призма на медиумите, добива уште почувствителна димензија. Загубата на блиска личност, како што вели Натка Пачоска, специјалист по медицинска психологија, европски сертифициран гешталт и семејно-системски психотерапевт, предизвикува чувство на вина и одговорност. Освен ова, многу често, кај повеќето блиски на починатиот, присутна е и лутината, чувството на неправедност, особено кога тој што починал настрадал во несреќа или починал ненадејно. Притоа, вели таа, лутината е многу посилна кога има каде да се лоцира, односно кога има некој што се смета за одговорен за смртта на нивниот близок и лутината е во функција да се исканализира силното чувство на болка и тага поради загубата. – Кога имаме сензационалистичко информирање од медиумите, овие чувства силно се потенцираат и влијаат директно врз менталното здравје на блиските луѓе. Кога ќе се појават при медиумското информирање, или по социјалните мрежи, и снимки каде што се гледа несреќата, трагедијата што се случува во моментот, и притоа се слушаат разни звуци, вресоци, гласови, како што беше во случајот со трагедијата на пожарот во модуларната болница во Тетово, тогаш кај блиските на починатите, меѓу кои има и деца, последиците по нивното ментално здравје може да бидат од многу изразен карактер – вели Пачоска. Таа посочува дека мешавината од емоции како тага, чувство на вина, лутина, страв, чувство на неправда, може да го намали емотивниот капацитет за справување со тешки стресни ситуации и да го замати здраворазумскиот приод кон реалноста, или силно да се потенцира депресивна состојба, анксиозност, панични реакции, деструктивни или автодеструктивни реакции и состојби и слично. Според Пачоска, сензационалистичкиот начин на известување, постојано ги изложува на продолжен стрес лицата што биле изложени на несреќата и завршиле со повреди. Повторно доживување на стресниот настан, како да се случува сега, со што се преоптоварува нивниот емотивен капацитет на адаптација и одбранбениот систем, има силно влијание врз влошување на нивната психолошка состојба и е еден од факторите за развој на пострауматско стресно растројство. Информирањето во случаи на несреќи, мора да биде ослободено од сензационализми Според Кодексот на новинарите, медиумите се должни, особено кога станува збор за информации што се однесуваат на загуби на човечки животи, да го почитуваат член 1 од Кодексот, кој вели: „Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно за шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“. При експлицитни фотографии и видеа треба да се внимава на член 8 и член 7 од Кодексот, кои велат дека „начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“, односно „новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост“. Катерина Синадиновска од Советот за етика во медиумите, како главен принцип при известувањето за загуби на човечки животи и информирање во случаи на несреќи и трагедии, го издвојува токму членот 1 од Кодексот на новинарите и посочува да се избегне искушението на сензационалистичкиот пристап во обработка и пласман на информациите. – Нешто што гледаме дека е исклучително тешко во време на експанзија на интернет-портали, кога целта е клик повеќе. Она што исто така медиумите го забораваат е да направат дистинкција помеѓу катастрофа од ваков тип, кога починатите се граѓани што не се јавни личности, или смрт на јавна личност, природна, во некоја несреќа или, пак, самоубиство. За второто има различни ставови на различни новинарски школи околу тоа колку е дозволено, во смисла на објавување фотографии и слично, и каде е границата во почитувањето на приватноста – вели Синадиновска. Таа дополнува дека ставовите на советите за етика од Европа, усогласени преку Алијансата на независни совети за печат во Европа – АИПЦЕ, каде што и СЕММ е полноправна членка, се на линија дека во несреќи и катастрофи, кога страдаат лица што претходно не биле изложени на јавноста преку својата работа, треба да се почитува приватноста и да се внимава на личната болка на роднините. Во врска со известувањето околу трагедијата во Тетово, таа потсетува на нивната реакција со забелешка дека не се почитуваа три члена од Кодексот на новинари, односно членовите 1, 7 и 8, кои се однесуваат на пренесување точни и проверени информации. – Се шпекулираше со бројот на жртви што е забрането при несреќи, а притоа во дадени случаи не се ни кажа дека се тоа шпекулации, се пуштаа сензационалистички фотографии и видеа без да се води сметка за личната болка на семејствата – вели таа. Синадиновска дополнува дека често добиваат пријави за прекршување на новинарските стандарди при известување за загуба на човечки животи, несреќи и трагедии, при што посочува дека секогаш кога имало некаква несреќа, се соочувале со такви поплаки, а секогаш имале и реакција. Бојан Кордалов, комуниколог, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, вели дека при овие известувања, треба да се запазат сите принципи на новинарството, особено во делот на заштита на идентитетот на жртвите и интегритетот на нивните семејства. – Особено е важно да преовладува јавниот интерес во известувањето за секоја несреќа, додека, пак, секоја информација мора биде двојно проверена, точна и целосно кредибилна. Со други зборови, неопходно е медиумите да бидат целосно инволвирани и одблиску да го следат текот на истрагата за секоја несреќа, бидејќи токму јавноста што ја застапуваат медиумите е најдобар гарант дека ќе се одвива објективна, непристрасна истрага, целосно во насока на следење на законските и другите правни дејства – вели Кордалов. Тој смета дека, главно, медиумите во континуитет покажуваат високо ниво на свест, стандарди и почитување на сите правила при известувањето за несреќи во Македонија и го посочува случајот во Тетово како пример. Но, сепак, како што вели, понекогаш се добива впечаток дека под влијание на политичките структури, дел од онлајн медиумите напред го ставаат сензационалистичкиот момент давајќи му свесно или несвесно политичка боја на известувањето во вакви кризни ситуации. Сензационалистичкото известување при трагедии и несреќи ја подрива довербата на луѓето во институциите На прашањето дали и институциите, информирајќи, ги запазуваат овие стандарди, Синадиновска цели дека нивните соопштенија честопати се надвор од овие високи стандарди, и тоа не ја загрижува толку, бидејќи, како што вели, тие соопштенија во професионална редакција секогаш ги обработува новинар. – Институциите мора да внимаваат да бидат максимално транспарентни. Кога има катастрофи, мора да има постојан однос со јавноста, прес-конференции или, дури, и отворен прес-центар 24 часа за да се обезбеди институционално информирање и можност за новинарите да поставуваат прашања во име на граѓаните, меѓу другото, и за предизвикување на она што се пушта како официјален став на некоја институција. Тие официјални ставови мора да се остави простор да бидат предмет на новинарски интерес, било да се дообјаснат, поедностават или просто – да се оспорат, доколку се имаат такви новинарски индиции – вели Синадиновска. Таа дополнува дека и да ги немаат надлежните сите одговори во првиот момент, важно е да се исправат пред јавноста и да покажат дека кон несреќата ќе се пристапи со максимална почит на јавноста и на граѓаните и на нивното елементарно право да бидат точно информирани. Кордалов е согласен по ова прашање и вели дека институциите и во овој случај покажаа дека можат и мора да функционираат многу подобро во односот со медиумите. – Во кризна ситуација потребно е реорганизирање во таканаречен кризен систем на информирање, кој подразбира постојано ажурирани информации за медиумите, но и непречен перманентен пристап до сите други информации. Особено важна поука за политичарите е дека не постои информација или вест во вакви околности, која треба да ја споделуваат со јавноста првенствено преку социјалните медиуми. Напротив, патот за информирање на јавноста во вакви кризни ситуации, води првенствено преку медиумите, преку ставање во нивен сервис за навремено, точно, кредибилно информирање на јавноста – посочува тој. Кордалов двели дека сензационалистичките вести и непроверените информации за загуба на човечки животи, за несреќи и за трагедии, врз публиката, јавното мислење, како и врз семејствата на жртвите имаат несомнено негативно влијание. – Првенствено за фамилиите и за другите блиски на жртвите, а дополнително и за емотивно обојување и поделба на јавното мислење. Секоја трагедија или несреќа е голема и непосакувана. Но, дали ќе успееме да извлечеме поуки со цел слична таква да не се повтори во иднина, во огромна мера зависи од начинот на известување, а особено од улогата на политичарите и на јавните институциите, односно од нивниот капацитет и способноста за градење партнерски однос со медиумите – вели тој. Во однос на влијанието на сензационалистичките вести за овие случаи врз публиката, Синадиновска, пак, сподели искуство од последната трагедија, при што вели дека нејзиното сандаче било преполно со пораки од публика згрозена од начинот на информирање, со барање СЕММ да реагира за да се сопре, пред сè, ширењето на неколку крајно експлицитни фотографии на изгорени тела. – Не само семејства или роднините, туку и граѓани беа трауматизирани. Еве, ќе цитирам порака од граѓанин: „Дали полудевме сите во државава? Има ли некој што може да ги симне овие видеа од Фејсбук и од ФБ-страниците на медиумите? Како смее да се објави нешто вакво? Со кој ум? Ова што го видов, ќе остане вечно во мене. Засекогаш. Се нема никаков респект кон починат човек. Знам дека сте новинар и веројатно ќе ги штитите колегите, но ова повредува и трауматизира“ – пренесува Синадиновска. Таа порачува дека доколку медиумот сака да ја покаже големината на катастрофата преку фотографиите, тогаш секогаш има опција деталите да бидат покриени и, во најмала мера, да биде назначено дека станува збор за вознемирувачки видеа или слики. Психологот Пачоска вели дека ваквиот начин на информирање, сериозно ја подрива довербата на луѓето во институциите. – Особено со последните случувања на пожарот во модуларната болница, може да доведе до страв на населението да се лекува во болниците, доцна да доаѓаат на прегледи, а со тоа полесно да се доведе до состојба на проширување на заразата со ковид-19. Исто така, модуларни болници има во повеќе градови низ Македонија, и луѓето заразени со вирусот, кои се во тешка здравствена состојба, може да одбиваат да бидат хоспитализирани поради страв и чувство на загрозеност од условите на сместувањето во нив – вели таа. Според Пачоска, најдобар начин на заштита на засегнатите лица и на населението од влијанието на овие информации, е ограничена изложеност на ваков тип информации, споделување за својата емоционална состојба со стручни лица, или кога се во поблага дестабилизација – со блиски лица, долги прошетки во природа, учење техники за намалување на анксиозноста и стресот. Во однос на превенцијата од последиците од притисокот и изложеноста од јавноста, таа вели дека треба да се обезбеди психолошка помош и поддршка на засегнатите лица. На луѓето и на семејствата што загубиле близок од семејството да им се даде психотерапевтска помош, а на пошироката јавност, преку медиумите, да ѝ се понуди што повеќе позитивни содржини од актуелни случувања на ниво на локална заедница и на национално ниво за да почне да се враќа довербата во институциите. Автор: Ангела Рајчевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
K Sin 1

Граѓаните се дезинформираат за да не може вистински да владеат

Експанзијата на дезинформациите што се случува во последните децении дефинитивно се должи на брзината и на лесниот пристап не само до консумацијата на вестите, туку и во нивното креирање. Факт е дека лагите биле секогаш присутни во јавните наративи, но порано, додека беа познати како старата добра пропаганда, тие ја немаа моќта да бидат произведени и дистрибуирани насекаде и по безобразно ниска цена. Ова, се разбира, создава медиумско, но и социјално и политичко растројство и од темел ги потресува не само општествата и личните животи на луѓето, туку и меѓудржавните односи. Како тогаш да се очекува од демосот да владее кога тој е лишен од вистинските информации за состојбите во едно општество? Кому му одговара да се состојбите вакви, лесно е да се погодува, но пред да се тргне кон барање решенија, потребна е прецизна анализа и детекција на суштината и на големината на самиот проблем што дезинформациите го создаваат во демократските општества. Лаги, проклети лаги и статистика – веројатно многумина ја паметат познатата изрека на Марк Твен, којашто денеска слободно може да се парафразира, па „почесното“ прво место на статистичките операции, да го заземе интернетот и сите активности низ светската мрежа. Експанзијата на дезинформациите што се случува во последната деценија дефинитивно се должи на брзината и на лесниот пристап не само до консумацијата на вестите, туку и во нивното креирање. Факт е дека лагите биле секогаш присутни во јавните наративи, но порано, додека беа познати како старата добра пропаганда, тие ја немаа моќта да бидат произведени и дистрибуирани насекаде и по безобразно ниска цена. Многумина сите нарушувања во системите за комуникација и информирањето на граѓаните ги дефинираат со популарниот термин „лажни вести“, но голем број експерти се согласни дека оваа кованица треба да се избегнува. Измислена е од популистички политички авторитети, со идеја да служи за дискредитација на основани и сериозни критики, кога носителите на јавни функции ги етикетираат нападите или прашањата од јавноста кон нив просто како лажни вести. Целта е јасна – да избегнат одговори и одговорност за своите постапки, да го изиграат начелото на транспарентност и на граѓанскиот тип лидерство, две клучни основи за добро демократско владеење. Дополнително, фразата самата по себе е оксиморон – веста не може да биде лажна. Барем не онаа, за којашто секој школуван новинар знае какви елементи треба да содржи, при што токму точноста и проверката се основа за да може една информација и воопшто да се нарече вест (нешто што обично е содржано и во првиот член од сите новинарски кодекси за етика во современите демократии, вклучувајќи го Кодексот на новинарите на Македонија https://znm.org.mk/kodeks-na-novinarite-na-makedonija/). Судир на факти и на лични мислења со амбиција да бидат факти Но, како и да ги наречеме, факт е дека штетата што овие дисторзии ја прават врз општествата како целини е огромна. За само неколку децении сведочиме на целосни потреси на цели комуникативни системи, редефинирања на процесот на информирање, значењето на информациите и ефектот што лагите го имаат врз личните животи на луѓето, општествените процеси и воопшто врз развојот на државите. Една од главните штети се состои во огромното нарушување на довербата на граѓаните во институциите, што е голем пораз за демократијата. Живееме во период што слободно може да се нарече „време на сомнежот“, кога сè почесто луѓето имаат тенденција повеќе да им веруваат на информации прочитани на интернет од непроверени извори и од исти такви медиуми, отколку од официјални институции. Се разбира, тука големо влијание има и поразителното владеење во многу либерални демократии, што остава простор за раст на ваквите процеси. Но, факт е дека има пад на довербата не само во политичките органи туку и во т.н. „институции за знаење“: универзитетите, медиуми, експерти, невладини организации... Денес најценета е вистината што доаѓа од индивидуалното искуство и мислење на луѓето и експертите велат дека причина за ова е креирањето таканаречени „филтер балони“ и „еко комори“, кога луѓето, во својата виртуелна реалност, се опкружени само со пријатели со кои делат исти ставови. Затворајќи се така во својот круг, тие веруваат само во својата „вистина“, дури и кога таа тоа не е, па навистина е ѓаволски тешко за еден факт да продре низ тој систем на заштита од реалноста и да ја победи лагата макар била таа на ниво на апсурд („Земјата е рамна“, на пр.). Фото: unsplash.com Ваквата извртена реалност, каде што мислењaтa или чувствaта добија позиција на факт, неминовно води до зголемена поларизација и радикализација на населението, што неминовно, пак, води до натамошно уривање на довербата во системот и во институциите. Тука, дополнителен проблем прави отсуството на вистинска дебата помеѓу приврзаниците на фактите и на самонаречените факти. Медиумите во целата трка за клик повеќе диктирана од промените на самите медиумски пазари, дури и кога обезбедуваат „дебата“ тоа го прават низ призмата на сензационализмот, трудејќи се да најдат двајца „екстремисти“, кои меѓу себе нема да разговараат за да разменат аргументи или да (раз)убедат, туку за да ја задоволат жедта за „крв“ на разјарената публика. Дебатите и сите дискусии во „добата на сомнежот“ се одвиваат главно со еден фрапантно прост јазик, со навреди и лични напади, дискредитација и свесна манипулација, вешто избегнувајќи сериозна расправа и судир на политички визии и концепти. Ова е суштинска катастрофа за секоја демократија, оти директно ја урива нејзината смисла – почит кон различното, култура на размената на мислења и дијалог, но и култивизација на јавниот наратив и политичко облагородување на граѓанството. Токму затоа на дезинформациите – и пошироко нарушувањето на информациите – треба да се гледа како симптом на едно социјално и политичко растројство, а не како причина. Тие имаат поширок спектар на цели, во поширок спектар на поставувања, отколку што обично се цени. „На краток рок, може да се искористат за да се одвлече вниманието од некое прашање, да се замагли вистината или да се инспирираат потрошувачите да преземат одредена акција. На долг рок, дезинформацијата може да биде дел од стратегија за обликување на информатичката средина во која поединци, влади и други актери формираат верувања и донесуваат одлуки.“ (NED, “How disinformation impacts politics and public”). Политиката како реално шоу Што се однесува до распространетоста, дезинформациите се ендемичен и сеприсутен дел од политиката низ целиот свет. Западниот Балкан не само што не е исклучок, туку е и плодна почва за нивно виреење имајќи ја предвид и политичката и демократска култура, но и културата на владеење и начинот на кој властодршците од регионот ја разбираат и политиката и комуникацијата со јавноста. Политичките партии исто така играат особено значајна улога во целиот регион, честопати координирајќи се со поврзаните медиуми за да произведат и шират дезинформации за изборни цели. И тие, се разбира, главно го користат интернетот за овие активности. Истражувањата на јавното мислење (извор: Balkan Public Barometar) покажуваат дека во Европа највисока доверба во државните институции има во Данска, Холандија, Луксембург, Финска и во Шведска, а најниска во Бугарија, Хрватска и во Словенија. Балканските земји надвор од ЕУ се подолу на листата. Во однос на довербата во социјалните мрежи (кои секаде се главен извор на дезинформации) на ниво на ЕУ таа е околу 20 %, Македонија е во првите десет, заедно со држави како Бугарија, Албанија, Турција. Романија, Црна Гора... каде што се верува во сè (или во многу) што ќе се прочита по социјалните мрежи. Она што е интересно кога се анализира ефектот од „добата на сомнежот“ врз политиката на нашиот континент е што ваквите трендови секако се искористија за раст на популистичките движења. Сите овие групи имаат една главна карактеристика, а тоа е презентацијата на нивните лидери дека се „еден од масата“ заедно со тезите дека тие се борат против естаблишментот, тие се бунтовници, тие се нови херои и витези против „страшниот капитализам и уште полошите капиталисти“. Во последните години гледаме наплив на вакви инстант политички ѕвезди насекаде низ Европа, оние што јаваат на бранот на незадоволство на граѓаните од властите и од политичките лидери, создавајќи нови групи не само на луѓе без никакво политичко искуство зад себе, туку и на политички активисти што понекогаш се граничат со фикцијата. Италијанецот Бепе Грило, комичар, актер и блогер, е еден од ѕвездите на шоу-бизнисот кој стана политичар и со своето популистичко движење на последните избори освои 32,7 проценти од гласовите во 2018 година, со што неговата стана прва партија во парламентот. Павел Кукиц, една голема рок-ѕвезда, со освоени 8,8 проценти од гласовите стана еден од главните играчи и трета сила во Полска, а тука се и комшијата Слави Трифунов, кој освои најголем број од гласовите на последните и на претпоследните бугарски избори, а сигурно се сеќавате и на Марјан Шарец, автор, комичар и сатиричар, чијашто политичка кариера се развиваше од градоначалник до премиер на Словенија. Да не го заборавиме тука и Мирослав Шкоро, хрватски пејач, еден еднакво успешен јавач на популизмот, кој беше пратеник, кандидат за претседател, формираше своја политичка партија и сега е потпретседател на Парламентот. Можеби еден најинтересен пример во оваа група ѕвезди лидери е Владимир Зеленски, претседател на Украина, кој стана татко на нацијата како ултрапопуларен комичар во ТВ-комедијата „Слуга на народот“, каде што, верувале или не, глумеше – претседател на Украина. Очигледно му се допаднала улогата, па тој во март 2018 година формираше партија, ја крсти, се разбира – Слуга на народот, и ја освои највисоката државна функција. Како што гледате, тука има примери од целиот политички спектар, што значи дека популизмот е идеологија над сите идеологии, вешто заведувајќи ги и левите и десните, па дури и оние што би требало да се стабилни на центарот и имуни на овие ветришта. Политичкиот живот на овие новосоздадени политичари се разбира дека во чекор го следат медиумите преку еднаков третман на улогата што треба да ја имаат исклучиво гледајќи ја повторно низ призмата на кликбајтс, негативизам, сензационализам или со еден збор медија-популизам. Во држави со слаба политичка култура нема само медија-популизам, туку гледаме и медиумски интервенционизам, кога медиумите преку својата работа, директно и сосема отворено се претворени во агитатори за дадена политичка опција, сосема заборавајќи на примарната улога за професионално информирање и грижа за јавниот интерес, ама и на новинарските жанрови, па својата слобода да преферираат дадени политики не ја коментираат или анализираат на пример (што е неприкосновено право на една уредувачка политика), туку за неа известуваат во информативните сегменти свесно манипулирајќи ја публиката. Средство за меѓудржавни битки Но, не се само внатрешните потреси резултат на дезинформациите. Медиумите и сите социјални платформи се користат и за влијанија помеѓу државите станувајќи алатки во геополитичките битки. Кога се анализира Балканот, тука главниот судир е на два наративи – оној прозападниот и оној што тврди дека НАТО и ЕУ се штетни за националните интереси на државите. Многумина аналитичари се посветени на истражување на влијанието, пред сè, на Русија како главна противтежа на прозападните процеси и визии за земјите што (сè уште) ја имаат поддршката од мнозинството граѓани на Балканот, и од главните политички актери (барем декларативно). Едно такво истражување е „Стратешки интереси на Русија и алатки за влијание на Западен Балкан“ на проф. Димитар Бечев. Овој извештај го испитува местото на Западниот Балкан во стратегијата на Русија за зајакнување на нејзините геополитички интереси. Активностите на надворешната политика на Русија се водени од три главни цели: да се зачува стабилноста на сегашниот режим, да се задржи контролата над постсоветскиот простор и да се зачува нејзиниот статус на голема моќ во глобалните прашања. Југоисточна Европа е над она што Русија го смета за своја привилегирана сфера на геополитички интерес. Сепак, Русија гледа на Западниот Балкан како можност да ги поткопа ЕУ и НАТО со користење на сопствените слабости на земјите. Во овој поглед, Балканот е ранлива периферија на Европа каде што Русија може да изгради основа, да регрутира приврзаници и на крај да ја зголеми својата моќ над Западот. Акциите на Русија на Западен Балкан имаат за цел замрзнување на сегашната статус кво состојба (во случаите на БиХ и на Косово), спречување на проширувањето на НАТО и ЕУ, како и искористување на слабостите во и меѓу земјите од регионот, долевајќи оган на отворените прашања. Свеж е примерот кај нас, кога во мај, на Денот на сесловенските просветители, амбасадите на Русија и во Скопје и во Софија упатија честитки до двете земји преку социјалната мрежа Твитер, во кои и на двете им ја препишуваат заслугата за ширењето на писменоста помеѓу словенските народи (чии се Кирил и Методиј?) во време кога односите се затегнати токму на таква чувствителна линија. Во Извештајот погоре се вели дека кутијата со алатки за влијанието на Русија може да се подели на три дела: принуда, кооптација и субверзија. Русија претпочита да го практикува своето влијание со минимални трошоци, а таквите напори не би биле можни без поддршка од локални соработници. Затоа руската политика во Западен Балкан е во најголем дел насочена кон кооптација и субверзија отколку кон воени или невоени форми на принуда: Ко-опцијата е инструмент на Русија по избор на Западен Балкан – изградени се партнерства и сојузи со локалните моќници во Србија и во Република Српска во БиХ. На пример, Србија се усогласи со Русија за да добие моќ во врска со косовското прашање и да добие придобивки од инвестициите и од деловните врски. Во исто време, меката принуда што се однесува на нарушување и мешање во домашните работи е далеку од ретка. Примерите вклучуваат трговско ембарго и сајбернапади, како на пример во Црна Гора за време на последниот круг пред влезот во НАТО (2015-2017). Субверзијата е прикажана со тактики какви што се (не)информативни кампањи и или скриена поддршка за радикални антизападни актери (партии и граѓански здруженија). На Западниот Балкан, најдобар пример се обидите на Русија да го блокира пристапот на Црна Гора во НАТО и да го наруши процесот околу Преспанскиот договор на Северна Македонија (Извештај – Ризици и ранливост на Западен Балкан, Руфин Замфир, Глобален центар за фокусирање). Овој извештај ги идентификува ризиците и ранливоста на непријателските актери можат да искористат за да добијат влијание врз земјите во регионот на Западен Балкан. Врз основа на методологијата развиена во претходните студии на Глобалниот центар за фокусирање, овој извештај нуди индекс на пропустливост за мерење на ранливоста на секоја земја од малигни влијанија за да помогне во поддршката на напорите за градење отпорност. Ранливоста на антизападни дезинформации се проценува во четири домени: општество, економија, политика и надворешна политика и безбедност. Според Индексот, Северна Македонија и Албанија се признати како најмалку ранливи, додека Босна и Херцеговина е најранлива земја во регионот. Рангирањето на БиХ претставува комплицирано политичко, социјално и економско опкружување на земјата – што е најважно, длабоките поделби помеѓу Република Српска и Федерацијата на БиХ (двата конститутивни ентитети), кои поттикнуваат конфузија околу стратешката ориентација на земјата. Најчестите ризици се поврзани со концентрацијата на моќ, високи нивоа на корупција, државно фаќање и организиран криминал и неказнивост на политичките елити. Овие променливи придонесоа за чувство на разочарување од политичките елити од страна на јавноста. Друга ранливост во овој домен е генерирана од клиентелистичката, трансакциска и политичка конкуренција. Концентрацијата на моќ, исто така, му штети на политичкиот дијалог и ги влошува етничките националистички чувства, обезбедувајќи простор за маневрирање на малигните влијатели.  Во доменот на општеството, најголемиот дел од загриженоста е поврзана со растечката општествена поделба (вооружена од надворешни и внатрешни нарушувачи на Косово и на БиХ) и етнички национализам.  Медиумите, сепак, остануваат најдиректен пат до малигни влијанија врз општествата. Континуираните обиди на владата и на сојузничките медиуми да ги поткопаат независните новинари, ги оставија општествата без важен надзорник и бранител од пропаганда.  Во доменот на економијата, најчестите ранливости се поврзани со корупција, слаби економски политики и лошо планирање, како и манифестација на националистички чувства во економската политика (како што е одлуката на Косово да ги зголеми тарифите за српска и босанска стока во 2018 година). Организираниот криминал и корупцијата на високо ниво се уште една сериозна ранливост во сите анализирани земји.  На енергетскиот сектор му треба обновување како што е замена на опремата за стареење и диверзификација на изворите. Оваа потреба создаде можности за надворешни чинители да соработуваат со локалните самоуправи. Во областа на надворешната политика и безбедноста, земјите со неможност да ги формулираат своите надворешни и безбедносни политики се поранливи на надворешно непријателско влијание. Политиката сепак, заедно со медиумите, е област со најголем потенцијал на пропустливост во сите анализирани земји. Она што треба да се има предвид кога се прави анализа за какво било надворешно подривање на една демократија преку процесот на дезинформации е дека тоа никогаш не може да го обезбеди планираниот ефект без слабостите на домашниот систем, што погоре ги опишавме, а што се однесуваат првенствено на ерозијата на демократските нишани и во начините на владеење и комуникација со јавноста и во обезбедувањето на суштински политички дијалог, како главна демократска алатка. Демократијата се гради, се штити и се урива дома. Автор: Катерина Синадиновска Насловна фотографија: unsplash.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Mirce 1

Новинарите жртви на политиката

Дописничката на Би-би-си од Москва, Сара Рејнсфорд, на 31 август го објави својот последен текст од Москва. Денот до кога мораше да го напушти главниот град на Русија по долгогодишна работа како дописник. Веста низ светот на 13 август ја пренесе Blumberg, повикувајќи се на рускиот телевизиски канал „Русија24“. Веста беше дека Русија ќе ja протера новинарката на Би-би-си до крајот на август во знак на одмазда! Протерувањето новинари не е честа практика, како, на пример, протерување дипломати или шпиони. И токму затоа овој потег на Русија, пошироко предизвика посебен интерес. Но, најмногу во Москва и во Лондон. Според Рејнсфорд, читајќи го нејзиниот последен текст, таа е протерана од Русија како закана за нејзината национална безбедност, по речиси 20 години работа. Рејнсфорд пишува дека на 10 август на враќање од Белорусија, на аеродромот Шереметјево ѝ рекле дека ѝ е забранет влез во Русија заради „заштита на безбедноста на Русија“, дури и морала да потпише документ дека „разбира дека ако се обиде да ја премине руската граница, ќе го прекрши законот“. Но, по 12 часа ѝ рекле дека може да влезе во Русија, да го напушти аеродромот само за да се спакува, со оглед на тоа што визата ѝ истекува на 31 август. За неа протерувањето е прекин на многугодишните врски со Русија. Најважниот дел од нејзиниот живот, откако на 18 години за првпат заминала во Москва во време на распадот на СССР. Рејнсфорд била повикана во руското МНР и таму ѝ рекле дека во нејзиното протерување нема ништо лично, а официјално ѝ соопштиле дека тоа е одговор на недавањето виза за работа на руски дописник на ТАСС од Лондон. И тоа уште од 2019 година. Веста од 13 август, нормално беше дочекана со реакција на матичната куќа на Рејнсфорд, Би-би-си. Во изјавата, генералниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, рече: „Протерувањето на Сара Рејнсфорд е директен напад врз слободата на медиумите и го осудуваме безрезервно. Ги повикуваме руските власти да ја преиспитаат својата одлука. Во меѓувреме, ние ќе продолжиме да известуваме за настаните во регионот независно и непристрасно“. Британското Министерство за надворешни работи го опиша потегот како „уште еден неоправдан чекор на руските власти“. И амбасадата на Британија во Москва повика да не се протерува новинарката. Обединетото Кралство смета дека одлуката на руското МНР да одбие продолжување на работната виза за новинарката Сара Рејнсфорд е неразумна и повикува на промена на одлуката, изјави амбасадата на земјата во Москва за РБК. „Ги повикуваме (руските власти) да го преиспитаат овој реакционерен чекор против наградуваниот новинар на Би-би-си“, рекоа дипломатите. Тие, исто така, истакнаа дека ваквите одлуки на Москва ќе продолжат да ја влошуваат ситуацијата со слободата на медиумите во земјата. Дипломатската мисија не се согласи со обвинувањата дека руските медиумски работници се малтретирани во Кралството. „Руските новинари продолжуваат да работат слободно во Обединетото Кралство, под услов да дејствуваат во рамките на законот“, резимираше британската амбасада. Визен ќорсокак И додека Рејснфорд, Би-би-си и дипломатите зборуваат за протерување, официјална Москва смета дека не станува збор за тоа. Едноставно визата ѝ истекува на 31 август, а не ѝ е продолжена како одговор на непродолжување виза на руски новинари во Лондон. „Одлуката да не ѝ се продолжи визата на дописничката на Би-би-си Сара Рејнсфорд беше чисто возвратна мерка“, напиша портпаролката на руското МНР Марија Захарова во саботата, на 14 август, на нејзиниот Телеграм-канал. „Тоа нема никаква врска со нарушување на слободата на говорот“, тврди Захарова. Таа објасни дека летото 2019 година, новинар од руска новинска агенција морал да го напушти Обединетото Кралство со своето семејство, бидејќи тие не дочекале „продолжување на визите и какво било објаснување за причините за ваквиот став“. Во исто време, Русите строго ги почитувале сите упатства на британската страна. Обидите да се испратат други дописници да ги заменат, исто така, биле неуспешни: „Британската страна одби да му издаде визи на новинарот, и повторно без никакво објаснување“. Портпаролката, исто така, ги негираше изјавите на новинарката на Би-би-си за забраната засекогаш да се врати во Руската Федерација, нарекувајќи ги манипулација. „Не ѝ го кажаа тоа. Новинар, дури и Британец, кој живеел во средина што зборува руски, според неговите процени, една третина од неговиот живот, треба да ја разбере разликата помеѓу ‘никогаш не се враќај’ и ‘отповикана новинарска виза и акредитација на неопределено време’. Но, ние сме навикнати на такви манипулации со информации“, истакна таа. Захарова во една изјава на 14 август нагласи дека Русија ќе ѝ издаде работна виза на Сара Рејнсфорд во случај британската страна да го стори истото за рускиот дописник. „Ако му дадат виза на руски дописник, ќе ѝ дадат и на Сара. Ова е токму она што го предложивме, повикувајќи го Лондон да го деблокира визниот ќорсокак за новинарите“, истакна Захарова. Таа соопшти дека нејзиното министерство повеќепати предупредило за можноста од возвратни мерки. Настаните со одземањето на работната виза и акредитацијата на Сара Рејнсфорд, беа повод Би-би-си да го покани рускиот амбасадор во Лондон Андреј Келин во емисијата „Hard Talk“. Емисијата во најголем дел беше посветена на Авганистан, но поради актуелност не остана без разговор и темата за медиумите, за Сара Рејнсфорд и за руските дописници. Амбасадорот Келин изјави: „Руските новинари во Велика Британија работат во тешки услови, не им даваат акредитации за многу настани, не можат да отворат банкарски сметки, бидејќи банките имаат упатства да не го прават тоа. Пред една година (поточно во 2019 година) на нашиот новинар му беше одбиено правото да остане во Велика Британија. Односот кон новинарите овде, морам да кажам, е крајно лош. Тие се протерани и се лишени од правото да бидат тука“. Бидејќи тие денови сите зборуваа за „некој новинар“, водителот Стивен Сакур праша за кого станува збор. Амбасадорот Келин појасни: „Тоа е дописник на новинската агенција ТАСС. Неговото име е (Игор) Броварник, на целото семејство му беше одбиено продолжување на визата, а неговата сопруга беше во деветтиот месец од бременоста...“ Пиони на политичарите Во 2019 година, британскиот медиумски регулатор Ofcom го казни рускиот канал РТ за прекршување на правилата за непристрасност при известување за труењето во Солсбери на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија. Инаку, руското Министерство за надворешни работи честопати ги споменуваше и проблемите со визите за руските новинари во Обединетото Кралство. Претставниците на Би-би-си „неодамна го посетија Министерството за надворешни работи“ и ним „сѐ подробно им беше кажано“, изјави портпаролката на министерството Марија Захарова, како одговор на прашањата на западните медиуми за одлуката да не ѝ се обнови визата на британската новинарка Сара Рејнсфорд. Од сето ова што се случува со Сара Рејнсфорд и со руските новинари, може да се заклучи дека станува збор за пиони во шаховската игра на политичарите. Во време кога се зборува за пропагандни војни, за дезинформации, а во кои учествуваат и Обединетото Кралство и Русија, а да не зборуваме за други земји од Запад и Кина, на пример, новинарите се први за отстрел. И веројатно тоа ќе се случува сѐ почесто. Не случајно Стивен Сакур му рече на рускиот амбасадор Келин дека за проблемите со руските новинари во Британија не е виновен Би-би-си и дека тоа е проблем на владата. Сакур е во право. А односите меѓу Русија и Британија се катастрофални. Но, тоа е посебна тема. Руските медиуми на Запад ги третираат како пропагандно оружје. А во Русија, пак, велат дека тоа е така бидејќи тие медиуми пренесуваат теми за кои во конкретната земја не сакаат да се зборува. Згора на тоа, портпаролката Захарова споменува дека за почит се рејтинзите на Раша тудеј на Запад, па тоа им ги боде очите на властите и ја третираат како пропагандно оружје. Од друга страна, Западот е во право кога зборува за задушувањето на слободата на говор во Русија, која, пак, смета дека западните медиуми шират пропаганда против Русија. Британската амбасада во Москва вели: „Руските новинари продолжуваат да работат слободно во Обединетото Кралство, под услов да дејствуваат во рамките на законот“. А што ако не работат во рамките на законот? Ќе ги протераат? Или, најлесно е со „меки“ методи да се натераат сами да ја напуштат државата. Нема да продолжат виза, нема да им дозволат да отворат банкарски сметки, како што изјави рускиот амбасадор Келин, и слично. Или, пак, нема да им даваат визи на други дописници. Русија за возврат ја користи истата „мека“ метода. Нема продолжување на визата. Да се вратиме на Сара Рејнсфорд. Таа во вторникот (7 септември) даде интересно интервју за опозицискиот руски телевизиски канал „Дожд“, кој пред извесно време беше ставен во списокот на „странски агенти“, кој Русите го прават според истоимениот закон, демек и во САД уште од 1939 година имало таков закон. Нејсе, ова е посебна тема, за медиумите во авторитарни држави, особено на постсоветските простори. Тргување со новинари Рејнсфорд во интервјуто одново ги раскажува случките што биле пред нејзиното и во време на нејзиното заминување од Москва. Речиси сѐ што кажа во својот последен извештај од Москва. Новинарот, водител од „Дожд“, барајќи ја вистината околу рускиот новинар Игор Броварник во Лондон, без продолжена виза, ја прашува Рејнсфорд зошто британската страна не може да ја продолжи неговата виза, дотолку повеќе што Марија Захарова вели дека ако се реши тоа прашање, ќе се реши и прашањето на визата на Рејнсфорд и таа ќе може да се врати во Русија. Рејнсфорд одговара дека моментите со визите се лични моменти и за нив не се зборува. Можеби е направена проверка на луѓето што сакаат да останат во Лондон, но не ја поминале. „Јас, едноставно, не разбирам што се случува, но ми се чини дека тоа е многу подлабоко и многу повеќе отколку новинар за новинар. Ми се чини дека најнапред треба да се гледа општиот призвук на односите меѓу Британија и Русија. Политиката, секако, е ужасна и мене ми се чини дека ова е некаков сигнал. Т.е. да се зборува за тоа дека го протерале, не му дале на човекот да остане во Британија пред две години и затоа ние го протеруваме дописникот на Би-би-си. Малку не ми е многу разбирливо“, изјави Рејнсфорд. Нормално, нејзе можеби и не ѝ е разбирливо, бидејќи таа е новинар, а не политичар кому му се јасни ваквите игри. Соговорникот на Рејнсфорд ѝ соопшти дека разговарала со Марија Захарова за случајот со неа, а Захарова ѝ рекла: „Тогаш нека дадат виза кому било од агенцијата ТАСС“, што зборува дека Британците воопшто не сакаат да примат новинар од таа агенција. Русите настојуваат, ако не ви се допаѓа тој и тој, нека биде друг новинар. Како да станува збор за тргување со новинари. Рејнсфорд се прашува: „А зошто се тргува со новинари? Јас не разбирам зошто ние, зошто новинарите. Ние имаме иста работа.“ – „Реципрочен одговор“, одговара водителот. За Рејнсфорд да заклучи: „Ние не сме политичари, не сме претставници на своите држави, ние едноставно си ја вршиме својата работа. Зошто да тргуваат со мене или со некој новинар од ТАСС? Јас не разбирам и не се согласувам со тоа, јас не сакам да бидам така тргувана“. Владите си водат своја политика. Тие нема никогаш да ги прашуваат новинарите што сакаат. Особено оние што работат за медиуми непосредно или посредно под државна капа. И тие ќе бидат протерувани, или со „меки“ мерки принудувани да заминуваат. И сето тоа како дел од реципроцитет, ако во меѓувреме не се направи трговија со нив. Пропагандните војни си имаат цена. Сега не може да се исклучи дека во иднина Русија и Обединетото кралство, а и Западот во целост, уште повеќе на отстрел ќе ги имаат новинарите. Сѐ ќе зависи од ефектите на пропагандата. Автор: Мирче Адамчевски Насловна фотографија: unsplash.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).