Доставени предлози за измени во Изборниот законик

Се чита за 1 мин.

Во прилог на дискусијата во врска со измените на Изборниот законик, ЗНМ, ССНМ и МИМ до Собранието на Р.Македонија доставија забелешки и предлози за измени и дополнувања на деловите од законот кои се однесуваат на медиумите.

Во дописот потсетуваме и укажуваме на следните три проблематични делови од постоечкиот Изборен законик, кои медиумската заедница ги оцени како спорни при изработката на Акцискиот план за подобрување на медиумската состојба, документ што беше јавно претставен и доставен до сите релевантни актери во март 2012 година:

- Законот го зголемува рекламното време во предизборието, со што се доведува во контрадикторност со Законот за радиодифузна дејност, а ова е противречно и на АВМС-директивата на Европската комисија, која поставува принцип од максимум 20%, т.е. 12 минути од еден час за реклами;

- Овозможува медиумите да донираат во предизборни кампањи до 5% од годишниот промет;

- ДИК во предизборието има надлежности над печатот.

Особено не загрижува членот 83-а (5) од Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, според кој попустите во цените кои ги даваат радиодифузерите и печатените медиуми за политичко рекламирање на учесниците во изборната кампања се сметаат за донација изразена во парична вредност. Со ова сметаме дека медиумите најдиректно се поткупуваат и се злоупотребуваат за партиски цели. Предлагаме новиот Изборен законик да содржи забрана според која на медиумите нема да им биде дозволено да бидат донатори на политичките партии.

Апелираме пратениците сериозно да ги земат предвид овие забелешки и предлозите да ги вградат во новото законско решение. На тој начин ќе покажат дека имаат намера да донесат квалитетен изборен законик со кој конечно ќе се решат дел од проблемите детектирани во медиумската сфера во сите досегашни изборни циклуси.