На залезот на изборната кампања - дали јавноста беше доволно информирана?

Се чита за 3 мин.

 „Иако никој со ништо не успеа да ме убеди дека ќе направи нешто посебно ако дојде на власт, сепак ќе гласам. А презаситена сум од сè, особено од она што го гледам во медиумите, доста беше“. Ова се зборовите на една моја сосетка, во пресрет на локалните избори во државата.

Се прашувам, кој и каков беше ефектот од изборната кампања? Дали до граѓаните допреа вистинските пораки? И колку постојаната изложеност на морето информации, (не)рационални ветувања и најави не ги збуни граѓаните дополнително?  

Секако, неизбежно се поставува и прашањето околу улогата на медиумите во изборниот процес. Колку, пак, тие успеаја да ги просветлат гласачите, да бидат во нивна функција, да им посредуваат и да им помогнат меѓу изборните пораки, ветувањата и реалноста? Во колкава мера беше обезбедена вистинска објективност и од оние, сериозните, редакции со докажан медиумски авторитет и со катадневен новинарски ангажман? Или, пак, и тие дополнително ги збунија граѓаните, вовлекувајќи ги во таканаречената „спирала на скептичност“?  

Едно нешто е да се констатира слободата на изразување што медиумите им ја обезбедуваат на учесниците во изборниот процес, но сосема друго прашање е каква е објективната реалност што им се прикажува на медиумските консументи - граѓаните. Еднаквоста во минутите и секундите, реално, ниту оддалеку не може да ја прикаже вистинската слика на нештата. На граѓаните им треба реална, објективна, информација, а таа честопати изостанува. Имаше ситуации во коишто водителите на некои од програмите во кои се претставуваа кандидатите за општинските функции, едноставно кажано, останаа неми набљудувачи на исказите на учесниците во изборите, партиските кандидати, кандидатите на независните советнички листи или, пак, на независните кандидати за градоначалници. Па, така, на пример, се случуваше водители на дебати да им дозволат на учесниците во изборите Вардар да го ветат за пловен и Скопје да го направат Токио. Во еден таков наплив на фатаморганични ветувања, домаќините на дебатите, новинарите – водители останаа само слушатели на исказите за неостварливите ветувања и проекти.

Но публиката, граѓаните, медиумските консументи, токму од нив, од новинарите домаќини и од медиумите организатори на таквите медиумски дебати очекуваа реакција и појаснувања. Очекуваа прашања до ветувачите во насока на реалноста на нивните ветувања. Очекуваа водителите - уредници на дебатните радио и ТВ - емисии да им постават прашање на своите гости за начините на коишто ќе ги остварат своите ветувања. Да прашаат колку пари ќе чини сето тоа, имаат ли општините буџет за толку амбициозни проекти, како ќе ги остварат ветувањата за субвенции за млади, за пензионери и слично. Или, пак, да ги прашаат потенцијалните градоначалници како ќе ги трошат заедничките пари на граѓаните слеани во општинските буџети и дали за тоа ќе се консултираат со сограѓаните, ќе ги проверат ли државните закони и така натаму и така натаму.

izbo 1

Фото: pixabay.com

Чест на исклучоците, но општо гледано сè повеќе медиуми се оддалечија од улогата на „медијатор“ во поттикнувањето граѓански ангажман. Наместо на прашањата дали и колку ставовите и изјавите на кандидатите „држат вода“, дебатите во нив се сведуваа на арена за маргинализирање на суштинските теми во корист на расправите за „победници и губитници“. 

Со таквиот свој пристап, а во името на некаква наводна објективност, новинарството се оддалечи од својата примарна функција, во името на граѓаните, да биде активен учесник и своевиден контролор и брана за нереалните, мегаломански предизборни ветувања на кандидатите за општинските функции.

Дали политичарите ја „исконтролираа“ медиумската агенда?

Новинарството својот придонес кон изборната агенда го обезбедува со барањето одговори на релација политичари – јавност, односно со фокусот кон теми од јавен интерес. Со тоа на граѓаните им се овозможува да го разберат политичкото опкружување и да се чувствуваат подготвени да ги остварат своите демократски права.

Но, да се прашаме уште еднаш, дали ова навистина беше случај кога станува збор за „отсликувањето“ на изборната кампања во медиумите?

Различните контроверзни прашања и теми што ги наметнуваа самите кандидати и партиите што ги поддржаа, едноставно, се пренесоа и во медиумите. Притоа, наспроти очекувањата на медиумската публика, во одредени медиуми се забележуваше рамнодушност и отсуство на реакции, дури и при најнебулозните истапи на кандидатите за функции во локалната власт. Забележливо беше отсутството на сериозни дебати околу суштината на процесот на креирање политики. Сè повеќе недостигаше критичкиот осврт, а сè повидлива беше инертноста, наспроти одговорноста кон консументите - граѓаните. 

Беше очигледно дека отсуствуваат редакциски договори, подлабока аналитичност и посебно храброст и одважност да се спротивстават на ветувањата од ракав, на оние за кои граѓаните забележуваа манипулации и лаги, а за кои, наспроти очекувањата од јавноста,  новинарството не реагираше.

Со препуштање на целиот простор на поканетите по студијата, граѓаните беа уште позбунети. Беа принудени самите да поставуваат прашања по социјалните мрежи за реалната одржливост на ветувањата на кандидатите за општинските функции.

Таквата практика кај повеќе медиуми, манифестирана и во ова предизборие, остава впечаток за новинарството како кампањско, пасивно и апатично. Наместо на потребните информации за граѓаните, медиумскиот фокус беше сè поголем врз политичките игри, пресметки и надмудрувања.

Освен тоа, и во овој предизборен медиумски интервал, не забележавме обиди медиумите да ја „придобијат“ онаа стандардно непартиска и привидно пасивна и индиферентна публика. Ова особено ако се има предвид дека вниманието кон изборната кампања главно доаѓа од луѓето коишто се веќе вклучени во политичките активности или, пак, оние што будно ја следат политиката.

За да можат да донесат вистинска одлука, граѓаните мора да бидат и информирани и едуцирани, а медиумите имаат капитален инпут во тоа. Посебно во разобличувањето на невистините или нереалностите форсирани во изборните кампањи, а сè со цел јавноста да се заштити од погрешните актери на политичката сцена. Во крајна линија, лидерите ги избираме да му служат на народот, но медиумите се тука да ни (по)кажат како тие ќе го прават тоа.

Автор: Марина Тунева

Насловна фотографија: pexels.com

----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).