Група македонски новинари и граѓански активисти посетија истакнати медиуми и невладини организации во Словенија

Македонскиот институт за медиуми со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, од 4 до 8 октомври, организираше студиска посета на Република Словенија, на која учествуваа новинари и претставници на граѓански организации што работат во медиумската сфера во земјава.

Целта на посетата беше да се разменат искуства со словенечките колеги за теми и прашања поврзани со модерните предизвици со кои се соочуваат медиумите и јавната комуникациска сфера, со фокус на дезинформациите, проверката на фактите, лажните наративи и влијанието на социјалните мрежи во редефинирањето на новинарството, како и злоупотребата на јавниот комуникациски простор за ширење говор на омраза.

study v 2

Во рамки на посетата, македонските претставници се сретнаа со истакнати истражувачки новинари од порталите Подчрто и Оштро, граѓански активисти и медиумски експерти од невладините организации Уманотера и од Мировниот институт од Љубљана, претставници на Здружението на новинари на Словенија, како и со главните уредници на информативните изданија на јавниот сервис Радио Телевизија Словенија.

Престојот беше искористен и за присуство на Самитот на ЕУ што се одржа на 6 октомври во Брдо, од кадешто новинарите известуваа за своите редакции.

Словенечката медиумска сфера се соочува со бројни предизвици поврзани со актуелните политички случувања во земјата, што исто така се резултат и на влијанието на новите комуникациски технологии, особено на социјалните мрежи, во секојдневието на граѓаните. 

study v 3

На сите средби, без исклучок, беше истакната неопходноста од заштита, поддршка и афирмација на професионалното новинарство како јавно добро, коешто е од суштинско значење за унапредување на демократските процеси.  Беше заклучено дека медиумските слободи во голема мера зависат од демократскиот капацитет на носителите на власта, кои честопати користат различни механизми со коишто може да ги загрозат или  оспоруваат тие слободи. Финансиската зависност на медиумите од одлуките на властите може да прерасне во голема пречка за нормалното функционирање, пред се на јавните сервиси и новинските агенции во сопственост на државата. Затоа е неопходно јавните сервиси да се финансираат главно од средствата собрани од претплатата на граѓаните, а не од  државниот буџет, беше истакнато од учесниците на средбите. Во однос на лажните наративи, беше посочено дека тие можат да се победат само со квалитетно новинарство кое e во служба на граѓаните, доколку постои медиумски едуцирана јавност и се поттикнува севкупна општествена  поддршка за постоењето и развојот на  слободните медиуми.