Студиска посета на новинари и граѓански активисти во Брисел

Македонскиот институт за медиуми, со поддршка од Делегацијата на ЕУ организираше студиска посета во Брисел од осми до единаесетти ноември годинава, во која беа вклучени новинари и граѓански активисти од медиумската сфера.

Посетата беше организирана за да помогне во зацврстување на релацииите и градењето синергија меѓу медиумите, граѓанските организации и институциите во справувањето со дезинформациите, како и во насока на промоција на медиумската писменост во земјава.

Учесниците имаа можност да разговараат со релевантни претставници на европските институции, како што се Работната група за Западен Балкан во Секторот за стратешки комуникации при Европската служба за надворешнo дејствување (ЕЕАС) и медиумски организации и здруженија со седиште во Брисел.

На средбите се дискутираше околу потребата од институционален одговор кон дезинформациите и важноста од градењето партнерства меѓу релевантните чинители, како и за активностите што ги преземаат европските институции во оваа сфера, вклучувајќи ги и односите на ЕУ со приватните компании и платформи како што се Фејсбук, Гугл, Јутјуб и други.

Меѓу другото, беше истакната неопходноста од поголема транспарентност и објавување на критериумите што овие социјални мрежи ги користат при отстранување на содржини објавени од корисниците.   

На средбите со претставниците на Европската федерација на новинари, УНЕСКО и Европската асоцијација за интересите на гледачите (EAVI) се разговараше околу најновите активности што овие организации ги преземаат со цел зајакнување на соработката меѓу медиумите и граѓанскиот сектор и неопходноста од подобрување на професионализмот во известувањето на медиумите и ефикасното справување со дезинформациите. Соговорниците ја нагласија потребата од создавање нови, креативни пристапи за унапредување на знаењето и вештините на граѓаните со цел тие да можат да ги препознаат и да се справат со  манипулативните содржини, бидеќи   методологиите и технолошките иновации за создавање и ширење на дезинформациите постојано се усовршуваат.

Во рамките на престојот во Брисел, групата се сретна  и со амбасадорката Агнеза Руси Поповска и претставници на Мисијата на Република Северна Македонија во ЕУ, на која се разговараше за актуелни теми поврзани со евроинтегративниот процес на нашата земја и информирањето на граѓаните за овие теми.