Кое е значењето на медиумската писменост во промовирање на демократијата и што значи сеопфатен пристап при имплементација на овој концепт, беше темата на која претставничката на Македонскиот институт за медиуми, Весна Никодиноска зборуваше на меѓународната конференција „Медиумите и демократијата: алатки и опции за зајакнување на демократијата преку медиумски ангажман“, што се одржа на 11 септември во Берн, Швајцарија. Настанот се организираше по повод Меѓународниот ден на демократијата од страна на Полит-Форум Берн и Швајцарската фондација за демократија.
Никодиноска го објасни моделот на вклучување на медиумската писменост во формалното образование во државава, што претставува дел од активностите во проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Еден од заклучоците беше дека е потребен сеопфатен пристап што ги вклучува институциите, училиштата и факултетите, медиумите, граѓанските организации, регулаторните и саморегулаторните механизми. На овој начин се унапредува свесноста и медиумската писменост на граѓаните, кои имаат знаење и вештини да учествуваат во демократските процеси.
Во рамки на конференцијата, водечки експерти и практичари од различни земји зборуваа за улогата на медиумите во промовирањето на демократијата и споделија добри практики од четири области: улогата на јавните сервиси во демократизацијата на општеството; ефективни стратегии за користење на социјалните медиуми за поддршка на демократизацијата; дефинирање на медиумска писменост и истражување на сеопфатни пристапи, како и влијанието на медиумите врз изборите и гласањето на глобално ниво, особено во изборната 2024 година.