Апликација за новинари: Пакет алатки за транспарентност, проверка на факти и информации од отворени извори

Се чита за 2 мин.

Надворешното влијание не е нов феномен. Низ историјата луѓето и нациите секогаш влијаеле едни на други — без разлика дали тоа било преку војна, преку сојузи или преку трговија. Со глобализацијата и брзиот напредок на комуникациските технологии, природата на влијанијата стана посложена. Исто така, важно е да се забележи дека надворешното влијание не мора да биде инхерентно негативно. Сепак, во денешното опкружување, ова влијание станува сè помалку транспарентно – често е проследено со дезинформации покриени во тајност и често се извршува преку сомнителни зделки зад затворени врати.

Во демократските општества кадешто постоење на информирано јавно донесување одлуки е од витално значење, клучно е е надворешните влијанија да останат отворени за контрола. Медиумите играат значајна улога во овој процес со испрашување, анализа и информирање на јавноста за овие влијанија.

Апликацијата ‘Пакет алатки за транспарентност’ или Transparency Toolkit што беше развиена од Медиацентар од Сараево во соработка со лондонскиот Albany Associates и регионалните партнери е дизајнирана со цел да помогне во овие напори.

Оваа апликација има за цел да ги поддржи новинарите и другите истражувачи во регионот на Западен Балкан со тоа што им обезбедува еден насочен и рационализиран пристап кон нивната работа. Специјално е наменета за новинари кои работат на случаи за странски влијанија во Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија. Пакетот алатки нуди пет прилагодени курсеви за корисниците во секоја од овие земји, достапни и на официјалниот јазик на секоја од државите и на англиски јазик.

Првенствено, Пакетот алатки дава основни информации за присуството на Русија, на Народна Република Кина, на Иран, на Турција и на Заливските земји во регионот. Тоа опфаќа податоци за видовите на присуство, за институциите и за организациите преку коишто работат, за соработката меѓу државите, за инвестициите и за слични активности.

Посебно внимание се посветува на областите коишто се идентификувани како особено релевантни за новинарите или кадешто присуството на овие земји е најчесто - како што е влијанието врз информациската средина и економијата. Ова опфаќа увид и студии на случај за странски директни инвестиции, за јавни набавки и многу повеќе. Во таа насока, многу од деталите, како што се описите на процесите за јавни набавки во одредени земји и релевантната законодавна рамка, можат да им послужат на новинарите и истражувачите за различни теми, а не само за странски влијанија.

Покрај општите информации, Пакетот алатки вклучува неколку студии на случај за овие области, повикувајќи се на релевантни медиуми и други извори. Покрај тоа, апликацијата обезбедува обемни упатства за истражувачко новинарство, со практични упатства за користење на различни алатки за проверка на факти и разузнавачки информации од отворени извори (РИОИ). Овие упатства ја опфаќаат примената на законите во поглед на слободата на информирање, методите на истражувачкото новинарство и стратегиите за борба против дезинформациите, вклучително и употребата на специфични алатки - повторно, и ова е вредна содржина надвор од темата за странско влијание.

За крај, она што е критично важно за новинарите, апликацијата нуди листа на релевантни извори и контакти, поттикнувајќи вмрежување меѓу оние страни коишто се посветени на промовирање потранспарентни општества.

Покрај Медиацентар Сараево, апликацијата беше развивана и од регионални партнерски организации: Новосадската школа за новинарство, Црногорскиот институт за медиуми, Македонскиот институт за медиуми и Албанскиот институт за медиуми.

Пакетот алатки е достапен за преземање и користење и на десктоп и на паметни телефони:

QR toolkit

https://onelink.to/sjx845