Млади активисти, истражувачи и новинари од земјите од Западен Балкан и Турција имаа средба во Истанбул во периодот од 29-31 октомври по повод првата „Регионална академија за идни лидери на промени во врска со медиумска писменост и медиумски активизам“. Настанот беше посветен на воспоставување врски и еманципирање на учесниците со цел подобрување на медиумската писменост и на медиумскиот активизам во нивните заедници.
Пишува: Хилма Ункиќ
Во текот на два и пол дена, вкупно 29 млади луѓе и претставници на граѓански организации од медиуми од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, С. Македонија и Турција се собраа на едно место за да разменат искуства и мислења во врска со слободата на изразување и медиумскиот пејзаж во своите земји. Сите тие пристигнаа во Турција за да разговараат за заедничките предизвици со кои се соочуваат медиумските професионалци во регионот и да согледаат на кој начин младите луѓе можат да придонесат за зајакнување на медиумската писменост и во давањето поддршка на слободното и квалитетно новинарство.
Една од нив беше и Христина Цветинчанин-Кнежевиќ, социолог, истражувач и експерт за родови прашања и медиуми од Србија. Христина ја има основано Инстаграм страницата „Феминизам из теретане“ која има за цел промовирање на феминистичкото зајакнување и таа вели дека би сакала да ги искористи врските и знаењето стекнато на Академијата за да основа свој медиум.
„Сфатив дека едно од главните прашања во Србија е недостатокот на безбеден простор за информирање на луѓето во врска со ситуацијата во делот на права на жените и тоа на начин кој е достапен за секого, со користење на обичен јазик и решавање на секојдневните прашања“, вели Христина која исто така е член на групата Новинари против насилство врз жените и соработува со Elle, BIRN, Media Diversity Institute, Mašina и со други како слободен новинар.
Покрај својата желба да креира платформа за квалитетно информирање на феминистички теми, таа исто така се надева и дека ќе формира медиум кој на младите новинарки ќе им ја понуди поддршката што ѝ недостигаше неа на почетокот на нејзината кариера.
„Тоа би бил простор каде што може да се научи новинарскиот занает без да се биде искористуван од истиот тој занает, што значи да се биде платен за работата, а сето тоа да се води според феминистичките вредности“.
Бојан Лазаревски, младински активист, писател и истражувач од С. Македонија, верува дека врските што ги воспоставил во Истанбул ќе бидат корисни за неговата идна работа.
„Со оглед на тоа што на овој настан се присутни учесници од сите земји од Западен Балкан плус Турција, голема придобивка за иднината е токму вмрежувањето. Сега имам контакти од секоја земја кон кои можам да се обратам и потенцијално да соработувам во иднина, или, ако имам, да поставам конкретни прашања за тоа каква е ситуацијата во некоја од овие земји“.
Суштинската улога на младите во одбраната на слободата на изразување
Регионалната академија во Истанбул беше организирана во рамките на регионалниот проект Нашите медиуми кој се фокусира на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации, медиумските професионалци, младите активисти и граѓаните со цел подобрување на разбирањето за трендовите и предизвиците во однос на слободата на медиумите и интегритетот на медиумите во земјите од Западен Балкан и Турција.
Маида Муминовиќ, извршен директор на „Mediacentar Sarajevo", организација која го води овој проект, објаснува дека преку Академијата, партнерските организации сакаат да воспостават сојузници во својата борба за слободни и независни медиуми кај луѓето од сите сфери на животот и надвор од круговите за кои обично алармираат граѓанските организации, и нивно вклучување во активностите поврзани со слободата на изразување.
„Она што нашите учесници го споделуваат е интересот за иднината на слободни медиуми, иднината на слободата на изразување и тие се отворени да биде добро информирани застапници за нашето основно право да размислуваме и да зборуваме слободно. Учесници на Академијата се млади професионалци кои потекнуваат од различни образовни и професионални средини. Тука со нас имаме новинари, но и политичари, едукативни работници, активисти, инфлуенсери“.
Граѓанското општество, а особено младите, имаат суштинска улога во одбраната на слободата на изразување во општествата кои се стремат кон демократија, смета Дуња Мијатовиќ, експерт за човекови права. Мијатовиќ, која беше клучниот говорник на Академијата, ги објаснува различните начини на кои младите можат да се залагаат за подобро медиумско опкружување:
„Тие можат да потенцираат случаи на цензура, ограничувања и други форми на потиснување на слободата на изразување. Користејќи ги дигиталните платформи и преку организирање ненасилни протести, тие можат да ја подигнат локалната и глобалната свест за релевантните прашања и да негуваат солидарност за движењето кое има за цел слобода на изразувањето. Младите можат да креираат безбедни простори за отворени дискусии, како онлајн така и офлајн“.
Потребно е да се земе предвид скептицизмот кон традиционалните медиуми
Бојан, кој има долгогодишно искуство со младинска работа и со граѓански организации преку волонтирање и практикантска работа, смета дека медиумските граѓански организации во регионот треба да бидат свесни за новите трендови кај новите генерации.
„Кај помладата генерација се појавуваат нови предизвици и перспективи кои треба да ги следиме и внимателно да ги земаме предвид. Ако се фокусираме само на традиционалните медиуми, нашиот пристап може да стане застарен“, вели Бојан.
Дополнително на тоа, смета Мијатовиќ, на традиционалните медиуми вообичаено им недостасуваат интерактивни елементи кои им овозможуваат на гледачите да коментираат, споделуваат и директно да се вклучат во содржината, кои се клучни карактеристики на платформите како TikTok, YouTube и Instagram.
„Понатаму, помладите генерации честопати гледаат на најпопуларните медиуми со скептицизам, и велат дека кај нив постои загриженост за пристрасност и влијанието од корпоративните или политички интереси. Младите исто така сметаат дека традиционалните медиуми честопати не успеваат точно да ги одразат нивните различни перспективи, идентитети и искуства“.
Идни лидери на промени: Следни чекори
По организирањето на настанот во Истанбул, учесниците ќе продолжат да се запознаваат со концептите на медиумска етика, предизвиците на медиумската регулатива, родовите и медиумите, влијанието на технолошкиот развој врз слободата на изразување и иднината на медиумите.
„Напролет ќе направиме посети во редакциите и организациите кои имаат развиено напредни практики на полето на мобилизирање на заедниците во насока на слобода на изразувањето, и ова е нешто што со нетрпение го очекуваме. Целиот процес е осмислен така да ги охрабри учесниците да покренуваат свои иницијативи во врска со слободата на изразување кои ќе настојуваме да бидат поддржани преку нашиот проект Our Media, заклучува Муминовиќ.
Финансирано од Европската Унија
Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.
Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.