Новости

Debata G O

Говорот на омраза да се потисне со повеќе говор дека е неприфатлив

Законски измени во постојната регулатива во насока на попрецизно дефинирање на говорот на омраза, развивање конзистентен систем на превенција и репресија на делата на говорот на омраза, вклучувајќи и примена на практиката на Европскиот суд за човекови права од страна на правосудните органи, како и итни измени во медиумската регулатива за воведување санкции поради говор на омраза и поттикнување насилство преку аудиовизуелните програми, што регулаторот би ги процесуирал во прекршочна постапка, се само дел од препораките од анализата на МИМ „Ефикасноста на законската регулатива за заштита од говор на омраза“ од авторот д-р Ненад Живановски. Анализата беше претставена на дебатата „Како до ефикасно справување со говорот на омраза“, на која со свои излагања учествуваа и претставници на граѓанското општество од Македонија и Словенија, како и претставници од адвокатската фела. Адвокатот Лазар Сандев, смета дека Јавното обвинителство е неактивно и не покренува иницијативи во насока на заштита на јавниот интерес, во случаи кога се употребува говор на омраза. Тој посочи дека новинарите и политичарите шират говор на омраза, и предупреди дека тоа ќе се случува се додека јавното обвинителство не почне да презема соодветни чекори. Сандев ја поддржува идејата за промена на домашното законодавство и упати да се користи праксата што произлегува од Европскиот Суд за човекови права, бидејќи во Македонија отсуствува судска пракса во оваа област. Елена Брмбеска од Хелсиншкиот комитет за човекови права посочи дека според нивното искуство етничката, политичката и сексуалната ориентација и родовиот идентитет се доминантните основи за појава на говорот на омраза. „Хелсиншкиот комитет редовно се обраќа до Јавното обвинителство, но резултатите се поразителни. Во 2016 година немало ниту една постапка, а во Основниот суд се води само еден случај, кој се уште нема разрешница...“, објаснува Брмбеска. Таа потенцираше дека се соочуваат со сериозни проблеми да закажат состаноци со Јавното обвинителство и изрази сомневање дека или не го препознаваат говорот на омраза или не ја препознаваат границата каде завршува слободата на изразување, а каде почнува говорот на омраза. Бранкица Петковиќ од Мировниот Институт од Љубљана, истакна дека и во Словенија законодавството е порестриктивно од самиот Устав, а Јавното обвинителство, исто така, не е многу проактивно, иако процесуира повеќе случаи отколку во Македонија. Сепак, таа посочи дека е потребно да се смени свеста, а граѓанското општество треба проактивно да демонстрира дека ниту еден напад нема да помине неказнет. „Меѓутоа мора да има симбиоза со медиумите. На говорот на омраза, треба да му се спротивставиме со повеќе говор дека тој е неприфатлив“, заклучи Петковиќ. Дебатата се организираше во рамки на проектот „#ReForMediaMKD – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество,институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведува МИМ во соработка со Мировниот институт од Љубљана, Словенија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Целосниот извештај од анализата е достапен во прилог. Фото-галеријата од настанот е достапна тука.Ефикасноста на законската регулатива за заштита од говор на омраза6.69 MB  
Konf.cover1

Влезот на специјализирани странски компании во телевизискиот бизнис ќе обезбеди поквалитетна програма и поголема независност

За разлика од Македонија, каде комерцијалните терестријални телевизии на државно ниво се исклучиво во „домашна“ сопственост, највлијателните комерцијални медиуми во Хрватска и во Словенија се во рацете на меѓународните медиумски групи - Централноевропски медиумски претпријатија (ЦМЕ) и РТЛ, што им овозможува поголема независност од политичките и бизнис центрите на моќ. Ниту една од компаниите кои се јавуваат како сопственици на највлијателните телевизии во Македонија не е регистрирана дека се занимава со медиумскиот бизнис како со основна дејност. Наспроти тоа, ТВ-каналите кои се во сопственост на ЦМЕ и РТЛ групите во Хрватска и во Словенија посветуваат особено внимание на развивањето на медиумскиот бизнис на различни платформи, што го наметнуваат новите технолошки трендови и барањата на публиката.  Ова се некои од заклучоците кои произлегоа од анализата на Македонскиот институт за медиуми, „Сопственички и финансиски модели на највлијателните ТВ-канали во Македонија, во Хрватска и во Словенија“, што беше претставена на конференцијата „Иднината на комерцијални терестријални ТВ-канали на национално ниво:  Која е формулата за успех?“. На настанот беше презентирана и анализата „Програмска разновидност на највлијателните ТВ-канали во Македонија, во Хрватска и во Словенија“, од која произлезе дека на повеќето комерцијални терестријални ТВ-канали на државно ниво во Македонија доминира еднолична и неатрактивна програмска понуда, која ја пополнуваат многу турски серии и забавна програма од српско производство, а од друга страна во програмската шема многу малку е застапена домашната продукција, која што е од послаб квалитет и не е конкурентна со останатите медиумски содржини. Наспроти тоа, и на хрватските и на словенечките ТВ-канали доминираат забавните, реалити емисиите, како и информативните изданија, кои, пак, се и меѓу 10-те најгледани програмски содржини генерално. И во двете држави, кои беа земени за споредба во истражувањата, на највлијателните ТВ-канали многу се вложува во домашната продукција, а овие програми високо котираат на листите на гледаност. Настанот го отвори Шефот на Делегацијата на ЕУ, Амбасадорот Жбогар кој рече дека на релативно мали медиумски пазари, медиумскиот бизнис и регулаторите имаат специфични предизвици, кои што „често отвораат можности за влијанија“. „Затоа е важно, медиумската сопственост и медиумското финансирање да бидат транспарентни. Исто така, е важно, регулаторот да има авторитет, капацитет и механизми да ги заштити својата независност и професионалност,“ нагласи амбасадорот. Тој ја истакна улогата на граѓанските организации, кои „треба да зборуваат слободно и да се вклучат во отворен, инклузивен и ефективен јавен дискурс“, како и на Советот за етика во медиумите на Македонија, кој треба да им помогне и да ги насочува сите засегнати страни во медиумската сфера како да ги почитуваат професионалните стандарди. „Соработката на медиумскиот бизнис со цел да се осигура транспарентност на одлуките и самоволна само-корекција е важна цел“, додаде Шефот на Делегацијата на ЕУ. На конференцијата говореше и новиот министер за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, за кого е клучно никој да нема никакво влијание врз медиумите и медиумската индустрија. „Ниту владата има потреба да влијае, ниту смее, ниту пак опозицијата. Сите треба подеднакво да бидат застапени, а медиумите подеднакво да се отворени за политичките субјекти, за граѓанското општество...“, истакна министерот Поповски. Во првата сесија во која се дискутираше за сопственичките и финансиските модели на највлијателните комерцијални национални ТВ-канали, говореше директорот на ТВ Канал 5, Иван Мирчевски, претседател на Македонската медиумска асоцијација. Тој, вината за нарушениот телевизиски пазар и нестабилната финансиска состојба на ТВ каналите ја наоѓа во државата и институции кои овозможиле спуштање на критериумите за добивање дозволи за национални и локални ТВ-канали. Иван Ловречек, заменик-претседател на Управата на РТЛ, Хрватска, се осврна на работата на РТЛ ТВ наведувајќи дека инвестициите од меѓународните медиумски групации овозможуваат пренесување на современите трендови, стандарди и знаење од медиумската пракса во развиените земји. Од друга страна, финансиската независност и стабилност, што ги овозможуваат меѓународните медиумски групации го прават медиумот поотпорен на какви било влијанија врз уредувачката политика. Комерцијалните ТВ-канали ќе покажат интегритет, став и се она што е потребно за т.н. политичка независност, во оној момент кога ќе имаат доволно средства да опстојат на пазарот, смета Милан Ф. Живковиќ, поранешен советник за медиумска политика во Министерството за култура на Хрватска. Според него се поприсутен е трендот на пораст на огласувањето на интернет за сметка на огласувањето на телевизиите. Во богатите земји како што е Обединетото кралство, таа миграција на интернет веќе е фактичка, додека во земјите од централна и источна Европа тој процес се одвива побавно, додаде Живковиќ. Во однос на програмската разновидност на највлијателните ТВ-канали во трите држави, Атанас Кировски, директор и главен уредник на ТВ Телма, истакна дека телевизијата освен тоа што има комерцијална дејност има и општествена одговорност кога станува збор за програмата што им се нуди на граѓаните. „Ние чувствуваме општествена одговорност да им покажеме на луѓето, кои беа оскаровците во 2016, кои се победниците на филмските фестивали во Кан и во Венеција “, вели Кировски. Според него, владиното рекламирање и несразмерната распределба на буџетските средства за огласување бил најголем проблем со  кој се соочила ТВ Телма на медиумскиот пазар во изминатиот период. Домашната продукција е нешто без што ниту една телевизија не може да помине кај публиката во Словенија, посочи Томаж Перовиќ, поранешен директор на вести и спорт во ПОП ТВ и Планет ТВ. „Минатата година имавме ситуација кога практично немаше вечер, кога на секоја комерцијална телевизија немаше барем една емисија која е од локална продукција“, додава Перовиќ. Лазо Петрушевски, претседател на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, посочи дека заштитата и развојот на плурализмот во медиумите се едни од основите надлежности на Агенцијата. Кога станува збор за плурализмот во медиумите Петрушевски смета дека има простор за дополнителни подобрувања на медиумската регулатива, особено од аспект на работата на надлежностите на Советот на Агенцијата. Ова е прва конференција во рамки на проектот „#ReForMediaMKD – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество,институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведува МИМ во соработка со Мировниот институт од Љубљана, Словенија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Во прилог може да ги погледнете извештаите од двете анализи, како и презентациите на гостите од Хрватска и од Словенија. Фото-галеријата од настанот е достапна тука. Сопственички и финансиски модели на највлијателните ТВ12.71 MB Програмска разновидност на највлијателните ТВ10.76 MB Ivan_Lovrecek_RTL_CRO.pdf547.01 KB Milan_Zivkovic_CRO.pdf344.29 KB Tomaz_Perovic_SLO.pdf74.45 KB
DSC 3430

Препораки и согледувања: Медиумската писменост и образовните потреби на новинарите и на јавноста

Речиси 20 години се вложуваат многу напори и ресурси во развојот на капацитетите на новинарите во Југоисточна Европа. Резултатите сè уште се далеку од задоволителни и новите случувања во медиумскиот сектор и во светот, на еден начин ги прават овие напори очигледно недоволни. Проектот „Партнерство на ЈИЕ за развој на медиумите“ го истражува начинот на кој земјите во регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија) се подготвени да се справат со овие нови предизвици. Студијата беше спроведена во петте земји од март 2016 година до февруари 2017 година, и истата беше дискутирана во рамките на Регионалната конференција за „Медиумска писменост и образовни потреби на новинарите и јавноста“, која се одржа во Скопје, на 28 и 29 март 2017 година. Препораките и согледувањата од дводневната конференција се прикачени во прилог. Препораки и согледувања226.92 KB
Dodeluvanje

Истражувањето за субвенциите за растително и сточарско производство првонаградено на конкурсот за „Наградата од ЕУ за истражувачкото новинарство“ за 2016

Новинарот Александар Димитриевски ја освои првата награда на годинешниот конкурс за „Наградата од ЕУ за истражувачкото новинарство“, за онлајн базата на податоци и серијалот текстови за субвенциите за растително и сточарско производство, објавени на интернет-страницата „Призма“. Истражувањето обелоденува сеопфатни и систематизирани податоци за распределбата на околу 3% од државниот буџет врз основа на субвенции за растително и сточарско производство и ја анализира можната поврзаност на дел од корисниците на субвенции со извршната власт и сомнителната сопственичка структура на одредени фирми кои добивале субвенции. Второнаграден е Зоран Јованоски за сторијата „Пеплиште на смртта“, објавена во емисијата „360 степени“ на телевизија „Алсат - М“. Истражувањето обработува еколошка катастрофа, која притоа се поврзува со феноменот на драматично зголемена смртност на граѓаните во кичевскиот регион, како последица на работењето на термоцентралата Осломеј и несоодветното третирање на пепелта од согорениот јаглен. Наградата за најдобра истражувачка сторија од млад новинар ја освои новинарката Славица Филиповска за сторијата „Бугарски пасош за ‘чиста’ Македонија“, објавена во емисијата „360 степени“ на телевизија „Алсат - М“. На автентичен и оригинален начин, приказната открива како граѓаните во обид забрзано да влезат во земјите – членки на Европската Унија, патот за тоа го гледаат преку процедурата за добивање бугарски пасош и државјанство.   Наградите ги врачи Шефот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар кој истакна дека насекаде во светот е стресно, тешко и многу често опасно да се биде новинар. „Новинарите се соочуваат со психолошки и физички закани, со тужби за клевета, тие се навредувани, но исто така добиваат и мали плати. И покрај тоа, тие се храбри, истрајни и посветени во извршувањето на својата работа. Најмалку што можеме да направиме е да го искажеме нашето воодушевување за нивната работа“,  истакна амбасадорот Жбогар. Тој додаде дека откривањето на корупцијата и организираниот криминал е можеби најтешкиот дел, затоа што криминалот има свои перфидни начини да се сокрие и да го наруши системот што всушност треба да го заштити општеството. Во конкуренција на 32 стории од 26 автори, објавени во печатените, на електронските и на Интернет медиумите, победничките стории беа највисоко оценети од жирито во состав Марина Тунева, Арта Тахири, Лирим Дулови, Борис Георгиевски и Фатмир Алиу. Марина Тунева, која беше претседавач на жирито, истакна дека без оглед на тоа што непосредното влијание на сториите нема да биде забележано веднаш, истрајноста во изложувањето на вистината сама по себе ќе претставува успех за новинарите и редакциите. „Во исто време, ги охрабруваме уредниците да го поддржат процесот на изработка на истражувачки стории, а особено кога новинарите утврдиле теми и прашања поврзани со корупција кои заслужуваат длабински и сеопфатен третман“, вели Тунева. Со оглед на фактот дека во потесна конкуренција влегоа повеќе приказни кои беа квалитетно обработени и кои адресираат исклучително значајни теми од јавен интерес, комисијата го додели максималниот број награди. Победничката сторија е наградена со паричен износ од 4000 евра, додека наградите за второ место и за најдобрата истражувачка сторија од млад новинар изнесуваат по 3000 евра. Извештајот од жирито е достапен во прилог. Фото-галеријата од доделувањето е достапна тука. Извештај на стручното жири174.52 KB
Mavrovo Rabotilnica

Примената на праксата на Судот во Стразбур ќе ја подобри домашната заштита на новинарите

Правната заштита на новинарите согласно меѓународните стандарди, Европската конвенција за човекови права и домашното законодавство, беше главна тема на дводневната работилница што ја организираше МИМ на 20 и 21 април, во рамки на проектот на ЕУ и на Советот на Европа „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“. Новинари и уредници од национални и локални електронски, печатени и интернет-медиуми учествуваа на работилницата, на која излагачи беа истакнати правни експерти и претставници на медиумската заедници. Др. Мирјана Лазарова-Трајковска, меѓународен експерт и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, во своето излагање се осврна на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на слободата на изразување, како и на праксата на Судот во Стразбур кога станува збор за случаи поврзани со повреда на слободата на изразување. Адвокатот Лазар Сандев се фокусираше на клучните аспекти на правната рамка која го гарантира остварувањето на правото на слободно изразување, слободата на медиумите и работата на новинарите во Македонија. Тој го сподели досегашното искуство во застапување на новинари и медиуми пред домашните судoви, особено во случаи кога станувало збор за тужби за навреда и клевета. Состојбата со медиумската саморегулација во земјата ја образложи Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при Совет за етика на медиумите на Македонија. Адамчевски ги истакна предизвиците и механизмите за поддршка на саморегулацијата од страна на засегнатите страни, во насока на унапредување на професионалното известување и заштита на новинарите од евентуални судски спорови. Насер Селмани, претседател на Здружението на новинарите на Македонија ги сподели искуствата на здружението во однос на заштитата на правата на новинарите. Тука, во прв план беше посочена неодамнешната пресуда на Судот во Стразбур, во која се констатираше повреда на правото на слобода на изразување и на правото на фер судење, во случајот со исфрлањето на новинарите од собраниската галерија на 24 декември 2012 година. Учесниците заклучија дека постои потреба за унапредување на знаењето и подигнување на свеста на новинарите во однос на постоечките домашни законски решенија кои го гарантираат правото на слобода на изразување, како и за зајакнување на новинарските вештини при известување за работата на судството и интерпретирање на судските пресуди и на судската терминологија, вклучително и на работата на Европскиот суд за човекови права. Исто така, тие сметаат дека e потребно дополнително подобрување на легислативата и на квалитетот на нејзината примена во насока на поголема правна заштита на новинарите при извршување на секојдневните професионални обврски.
Media Journalists

Поддршка за истражувачки приказни „Известување во кризни ситуации“

Во период од јуни до септември 2017 година, Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) ќе поддржат новинари од регионот преку организирање тренинг за известување во кризни ситуации и продукција на истражувачки приказни. Во рамки на програмата ќе биде доделена поединечна финансиска поддршка за продукција на приказни на теми поврзани со кризни ситуации. Во контекст на проектот, кризна ситуација подразбира контроверзии и/или жестоки несогласувања помеѓу важни општествени актери, каде првенствено се мисли на владејачките политички структури, како еден од главните субјекти во новинарските приказни. Во таа насока, целта е да се потенцира важноста и одговорноста на медиумите како еден од клучните фактори за демократска јавна дебата кои може да влијаат на исходот на кризите. Примери за кризни ситуации се протести на граѓани, политичка криза, големи корупциски скандали и сл. Како кризни ситуации може да се набљудуваат оние кои ги генерираат владејачките структури или пак опозицијата. Исто така, предмет на анализа може да бидат меѓународни прашања ставени во национален контекст, како што се бегалската криза, тероризмот или природните катастрофи, а кои се проследени со одредени контроверзии во кои властите играат важна улога. СЕЕНПМ и МИМ ги покануваат сите заинтересирани новинари да се пријават за програмата „Известување во кризни ситуации“ Кој може да аплицира? За учество во програмата „Известување за кризни ситуации“ може да се пријават новинари од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Македонија. Програма за поддршка: Поединечна поддршка се доделува за продукција на приказна чија цел е да ги разобличи дезинформациите во одредена кризна ситуација и да ги прекине таквите трендови, поттикнувајќи ја потребата за веродостојно и ангажирано новинарство во едно демократско опкружување. Во фокусот на програмата се неистражените или недоволно истражените теми. Преку програмата е планирано да се поддржи продукција на вкупно 18 приказни (18 новинари од шест земји). Формат на истражувачките трудови: Основeн текст на истражувачката приказна придружен со фото и/или видео содржина, или пак визуелизирани податоци, со што приказните би биле прилагодливи за објавување на различни платформи. Рокови за реализација на истражувачките приказни: Прв нацрт - 13 август 2017 година; Втор нацрт - 31 август 2017 година; Краен рок за објавување - 15 септември 2017 година; Приказните ќе бидат објавени во медиумите каде што работат новинарите учесници во програмата, како и во други медиуми во шесте земји. Обврски на учесниците на програмата: Обука: 6 - 8 јуни 2017 година, Албански институт за медиуми, Тирана. Избраните апликанти се обврзани да присуствуваат на обуката која ќе се одржи од 6 до 8 јуни 2017 во Тирана. За време на обуката ќе биде договорена детална методологија и динамика на работа за секој поединачен истражувачки проект и ќе биде поставена процедурата за работа. Обуката ќе се одвива на англиски јазик. Соработка со уредничкиот тим (12 јуни – 12 септември). Авторите се обврзани да соработуваат со уредничкиот тим на програмата. Минимум соработка подразбира три консултации во различни фази на истражувачкиот процес. Приказната ќе се објави откако уредничкиот тим и авторот ќе постигнат согласност за крајната верзија. Уредничкиот тим ќе им биде на располагање на авторите за време на програмата. Текстовите ќе бидат напишани на мајчиниот јазик на новинарот. Рок и начин на пријавување. Заинтересираните новинари најдоцна до 8 мај 2017 година треба да испратат: Кратка биографија/CV(задолжително да се наведат курсевите и обуките на кои кандидатите учествувале, а се однесуваат на истражувачко новинарство) Апликација во која треба да се наведе: Предлог тема (макс. 200 зборови) која ќе биде предмет на истражување – проблем, прашање на кое истражувањето треба да даде одговор и зошто е темата релевантна (Фокус на проектот се неистражените или недоволно истражените теми); Краток опис на методологијата - податоците што ќе се истражуваат, лица кои ќе бидат интервјуирани, извори кои ќе бидат консултирани итн.(макс. 200 зборови); Опис на форматот во кој ќе се продуцира приказната (текст, фото, видео, визуелизација на податоците); Доколку постои можност за дополнително објавување/емитување на приказната, да се наведат медиумите; Апликациите треба да се испратат преку е-пошта на: mim@mim.org.mk , со назнака: „Аликација за програмата - Известување за кризни ситуации“. Пријавените кандидати ќе бидат известени за нивиот статус најдоцна до 12 мај 2017 година. Повикот на Албански јазик е достапен тука (Shqip).
Med Pis

Активен ангажман на сите релевантни чинители е неопходен за унапредување на медиумската писменост

Медиумската и информациската писменост претставуваат животни вештини кои треба да ги совладаат сите граѓани, како активни чинители во едно демократско општество. Засега, државите и останатите релевантни актери во оваа сфера немаат ниту доволно разбирање за концептот на медиумската писменост и за нејзиното значење во општеството, ниту доволно волја за нејзино спроведување. Поради тоа, за развој на медиумската и информациската писменост потребен е еден сеопфатен приод и вклучување на сите засегнати страни на национално, регионално и европско ниво. Ова се некои од заклучоците на регионалната конференцијата „Медиумската писменост и образовните потреби на новинарите и на публиката“, што се одржа на 28 и 29 март во Скопје во организација на Македонскиот институт за медиуми. Конференцијата се организираше во рамки на регионалниот проект „Партнерство за развој на медиумите во Југоисточна Европа“, кој го спроведува Центарот за независно новинарство од Романија во соработка со осум медиумски организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Бугарија, а со поддршка од Европската Унија. На конференцијата учествуваа педесетина експерти од медиумската сфера, академијата, граѓанскиот сектор, претставници на институции и на меѓународни организации од земјите на Југоисточна Европа и од Турција.   Учесниците имаа прилика да дискутираат за наодите и препораките од споредбениот извештај за медиумската писменост и образовните потреби на новинарите и на публиката во Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и Црна Гора. Притоа, се разговараше за моделите на новинарското образование и за состојбата со медиумската писменост на публиката, како и за нивното значење за слободата на изразување и слободата на медиумите. Дискутантите заклучија дека државите треба да овозможат неопходна поддршка за вклучување на програмите за медиумска и информациска писменост во образовниот процес од најрана возраст и да придонесат кон поголема промоција на медиумската едукација на граѓаните. Во тој процес, граѓанските организации треба да бидат активен партнер преку развивање на иновативни проекти и кампањи за подигање на свеста на граѓаните за важноста на медиумската писменост во насока на унапредување на демократските вредности. Заклучокот беше дека во речиси сите земји од регионот е неопходно унапредување и модернизирање на програмите за новинарско образование, преку поголема соработка со медиумската индустрија и професионалните здруженија, со цел на студентите да им се овозможи учење преку пракса и стекнување на основно искуство во новинарската професија. Фото-галеријата од настанот е достапна тука  
Nis17

Сторијата за мистериозната смрт на Коста Крпач најдобра истражувачка сторија за 2016

Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска-Созен го освоија првото место на годинешниот конкурс на МИМ за новинарската награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија. Победничката сторија, објавена во емисијата „КОД“ на ТВ Телма, ги истражува околностите за мистериозната смрт на Коста Крпач, сведок на Специјалното обвинителство и едно од аболицираните лица од страна на претседателот. Сторијата обелодени детали и моменти поврзани со трагичниот настан кои подоцна се потврдија во истрагата која сè уште трае, иако Јавното обвинителство процени дека станува збор за самоубиство. Втората награда ја доби Зоран Јованоски за видео-сторијата „Пеплиште на смртта“, објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М. Сторијата ги открива застрашувачките последици по здравјето на луѓето и на животната средина предизвикани од работењето на термоцентралата Осломеј, во време кога државата најавува дека ќе го продолжи нејзиниот животен век. Ирена Мулачка, новинарка во неделникот „Фокус“ е третонаградена на конкурсот за серијалот текстови кои обелоденуваат застрашувачки податоци за смртта на 80 новороденчиња на скопската Клиника за гинекологија за само шест месеци. Годинава жири-комисија одлучи да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на новинарите Владо Апостолов за сториите „Дамки врз тендерот за чистење на Владата“, „Како жолтата зграда прерасна во неокласичен дворец“, „Гласачи живеат во Свети Николе, ама на скопски адреси“ и  серијалот истражувања за „Имотот на Владимир Здравев“, објавени на интернет-порталот „Призма“, како и на Стојанка Митреска за сторијата „Печуркарата во Свети Николе мувлоса предвреме“, исто така, објавена на интернет-порталот „Призма“. Оваа година, МИМ по 16-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава. Деталниот извештај на комисијата која ги разгледуваше пријавените стории е достапен во прилог. Линковите од наградените стории се прикачени во продолжение: Сторија за мистериозната смрт на Коста Крпач Пеплиште на смртта Серијал текстови за скандалот на скопската Клиника за гинекологија каде само за шест месеци починаа повеќе од 80 новороденчиња  Фото-галеријата од доделувањето може да ја погледнете тука. Извештај на жири-комисијата79.52 KB
R.a1

Професионални новинари и медиумски писмена публика – клучни за активно граѓанско учество во општествените промени

Медиумската писменост на публиката и образовните потреби на новинарите беа во фокусот на стручната расправа и дводневната работилница што ги организираше Македонскиот институт за медиуми, во соработка со Центарот за независно новинарство од Романија, како дел од регионалниот проект „Партнерство на Југоисточна Европа за развој на медиумите“, кој е финансиран од Европската Комисија. Перспективите и предизвиците во однос на воведувањето на концептот на медиумска писменост во македонското општество, како и улогата на новинарско образование во афирмирање на професионализмот во новинарската професија, беа тема на стручната расправа на која учествуваа претставници на факултети по новинарство, средни училишта, регулаторното тело, медиуми и граѓански организации кои делуваат во областа на медиумската писменост. На настанот беа претставени наодите и препораките од „Истражувањето за образовните потреби на новинарите и медиумската писменост на публиката во Македонија“, што го реализираше истражувачкиот тим на МИМ. Во однос на медиумската писменост на публиката, учесниците се согласија дека, покрај ангажманот на граѓанските организации, потребно е поактивно вклучување и на надлежните државни институции, како од апсект на воведување на медиумската писменост во образованието уште од најмала возраст, така и од аспект на едуцирање на повозрасната публика, преку кампањи од јавен интерес. Запоставувањето на професионалните стандарди во новинарството и повеќегодишната криза во медиумска сфера негативно се одразуваат врз младите новинари и студенти кои допрва треба професионално да се надградуваат. Во таа насока, дискутантите истакнаа дека е неопходен поголем ангажман на факултетите по новинарство за подобро да ги подготват идните новинари за работа во редакциите. Според дел од учесниците, факултетите треба да обезбедат ефективен баланс помеѓу теоријата и практичните вештини, да ја зајакнат соработката со медиумите во насока на обезбедување практична работа за студентите, да ги ревидираат наставните програми со вклучување на локални примери од секојдневието и да образуваат новинари кои ќе работат етички, професионално и во интерес на јавноста. Пред стручната расправа, беше организирана и дводневната работилница за улогата на медиумска писменост за поактивно вклучување на граѓаните во демократските процеси, која ја водеа Кристина Лупу и Јоана Авадани од Центарот за независно новинарство од Романија, како и Зоран Бојаровски, долгогодишен новинар и уредник во македонските медиуми. Учесниците се запознаа со концептот на медиумската писменост и неговото практикување во светски рамки, наспроти локалните перспективи, а дискутираа и за улогата на различните институционални и вонинституционални актери за унапредување на медиумската писменост. Тие развиваа идеи за кампањи за застапување на концептот на медиумска писменост и неговото значење за едно демократско општество. Извештајот од „Истражувањето за образовните потреби на новинарите и медиумската писменост на публиката во Македонија“ е достапен во продолжение:   Истражување за образовните потреби на новинарите и за медиумската писменост922.43 KB