Newspapers Table

Како нешто станува вест е онолку важно колку и како таа вест се презентира

Постојат медиуми што наведуваат извори и линкови со кои ги поткрепуваат своите истражувања и ѝ овозможуваат на публиката да има увид во процесот на создавањето на приказната, преку кој таа би можела да разјасни некои од несаканите ефекти од секогаш присутните предрасуди. А постојат и такви на кои им се верува „на слепо“, оние што процесот на создавање го чуваат за себе, а веста, најчесто, знае да остане непотврден факт. Познато е дека за вестите е најважно да се точни и вистинити, но денес станува еднакво важно публиката да види како тие се прават, од каде доаѓаат информациите и како функционираат. „Транспарентноста не е исто што и објективноста, еднакво како што објективноста не е исто што и професионалноста“, вели Катaрина Синадиновска од Советот за етика во медиумите на Македонија. Според неа, клучно е информацијата да биде професионално обработена и така и пласирана, а правото на став на медиумот е неприкосновено. Што значи тоа? Тоа значи информацијата да биде силно истражена пред да биде прогласена за факт, а доколку станува збор за мислење или став, во согласност со уредувачката политика на медиумот, тоа треба да биде јасно назначено. Ова е многу важно за транспарентноста за да не се мешаат мислењата со фактите и за да знае јасно читателот или гледачот за каков новинарски жанр станува збор, дали е вест или коментар - вели таа. Во однос на транспарентноста, Синадиновска вели дека за самиот процес на подготовка на вести таа е еднакво важна и дека секогаш помага кога медиумите се отвораат за граѓаните и наоѓаат начини да ги пуштат да „ѕирнат“ во редакциите.  На тој начин одблиску ќе видат како изгледа еден процес на подготовка на вести или пишување текст, низ какви професионални филтри поминува информацијата во рамките на една редакција и ќе сфатат дека кога станува збор за професионално новинарство, тоа никако не значи дека некој може да седне и да си напише што ќе му падне на памет, туку дека тоа е сериозен процес што бара неопходни професионални квалификации - вели Синадиновска. Од Здружението на новинарите на Македонија велат дека транспарентноста не само што ја претставува објективноста, туку и ја потенцира етичноста и професионалноста во новинарството. Сметам дека мора да се најде ефективен начин за подобра комуникација и транспарентност во односот и работењето внатре во редакциите помеѓу колегите новинари како и помеѓу новинарите и медиумските работници од една страна и институциите од друга страна. Секоја половична информација што нема доза објективност во себе остава простор јавноста да се сомнева во веродостојноста на информациите, а со тоа да се доведе во прашање и професионалниот пристап при работата на новинарите - вели Милан Спировски од ЗНМ. Според него, важно за читателите, слушателите и за гледачите, е да видат како се прават вестите и од каде доаѓаат информациите, но, дополнува тој, „уште поважен е квалитетот и вистинитоста на вестите и информациите, секако и дали во процесот на продуцирање на вестите се почитуваат минимум новинарските етички стандарди“. Транспарентноста е приказ на одреден процес Она во кое порано верувавме затоа што сметаме дека авторот е објективен, сега веруваме затоа што преку пишувањето можеме да ги видиме изворите и вредностите што го довеле до тој став. Јасноста, односно примерите во контекстот и откривањето на податоците, односно листата на извори, можат да им овозможат на читателите независно да ги проверат податоците што се наведуваат во приказната. Транспарентноста во новинарството, според Синадиновска, се содржи во тоа новинарите да бидат јасни и прецизни во изнесувањето на своите ставови и одговорно да известуваат, да бидат колку може повеќе интерактивни, односно да ги вклучат публиката и читателите во својата работа, да им дадат простор за коментари и фидбек, да најдат начин за остварување комуникација со нив, и, се разбира, „јасно и отворено да ги имаат наведено своите финансиери и своето сопствеништво“.  Спировски вели дека транспарентноста во новинарството е тесно поврзана со објективноста и кредибилитетот на новинарот или медиумот каде што тој работи. Од исклучителна важност за публиката, но и за лицата што работат во одреден медиум е да се изгради тој авторитет и кредибилитет преку транспарентност во процесот и во работата. Транспарентноста претставува приказ на одреден процес и начин како го правите тоа и да се објави што навистина ве поттикнало како човек, како професионалец и како организација (медиум) токму така да направите одредена работа. Тука спаѓаат неколку компоненти, најнапред за да се постигне кредибилитетот на еден одреден медиум, како и авторитетот на медиумот кон публиката како и луѓето што работат во тој медиум, не само што се објективни и транспарентни, публиката има увид како и колку се доследни во тоа и колку се залагаат за креирање добри приказни што јавноста треба да ги види - образложува тој. Од СЕММ велат дека имаме секакви примери за (не)транспарентни медиуми. Од максимално нетранспарентно до целосно посветени на зачувување на овие професионални начела и негување еден отворен и отчетен однос со публиката и со јавноста - вели Синадиновска. Спировски, пак, посочи на неколку активности што ги спроведува ЗНМ заедно со СЕММ, а кои, според него, се во насока за зголемување на професионалноста преку транспарентен начин да се регулира онлајн просторот во земјава. ЗНМ во соработка со Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) креира Регистар на професионални онлајн медиуми во земјава каде што за да се стане член, потребно е да се исполнат неколку услови транспарентно сопствеништво, објавен импресум, почитување на стандардите на Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕММ, објавените текстови да се потпишани од автор, а доколку се преземени од други медиуми тоа да биде наведено, во согласност со Законот за заштита на авторски права - појаснува тој. Откривањето на начинот на кој се собираат информациите и се известува за нив, предуслов за транспарентност Според експертите, организација што обезбедува ресурси за проверка на факти и линкови до истражувањето што го поткрепуваат известувањето се смета за транспарентна организација. Синадиновска вели дека СЕММ постојано работи со членките во изнаоѓање најдобри решенија и практики за зголемена медиумска транспарентност и, како што вели, самите тие како организација организираат отворени седници на Комисијата за жалби каде што секој граѓанин, колега, заинтересиран поединец може да ја следи седницата и да има увид како СЕММ, всушност, работи. Во врска со прашањето кои стандарди во медиумска индустрија би придонеле кон откривањето на начинот на кој се собираат информациите и се известува за нив, таа вели дека тоа е оставено на самите компании и е нивно индивидуално право. Тоа во најголем дел зависи од нивната креативност и начинот на кој ја доживуваат сопствената новинарска мисија освен кога станува збор за делот за транспарентно финансирање што го опфаќа и легислативата и самиот СЕММ преку критериумите за членство - вели Синадиновска. Според Спировски, ЗНМ секогаш се залага и апелира да се почитува етичкиот кодекс на новинарите односно да се запазат професионалните стандарди. Во точката 11 од Препораката CM/Rec(2018)1[1] од Комитетот на министри до земјите членки за плурализам во медиумите и транспарентност на медиумската сопственост (усвоена од Комитетот на министри на 7 март 2018 година, на 1309-тата средба на замениците министри) се вели дека усвојувањето регулатива за медиумска сопственост и нејзино ефективно спроведување може да играат важна улога во поглед на медиумскиот плурализам. Таквото законодавство може да ја зголеми транспарентноста на медиумската сопственост; може да ги реши прашањата какви што се меѓумедиумска сопственост, директна и индиректна медиумска сопственост и ефективна контрола и влијание врз медиумите. Може да придонесе и за обезбедување ефективна и јасна поделба помеѓу спроведувањето политичка власт или влијание и контролата над медиумите или одлучувањето во однос на медиумските содржини. Транспарентноста на медиумската сопственост, организацијата и финансирањето, помагаат да се зголеми одговорноста на медиумите - образложува тој. Неопходно е медиумите да развијат доброволни стандарди во индустријата за да го откријат начинот на кој ги прибираат информациите и известуваат за нив. Ова ќе придонесе кон градење на кредибилитетот и авторитетот на медиумот и на луѓето што работат во него, бидејќи не само што се објективни и транспарентни, туку публиката има увид во тоа како и колку се објективни и транспарентни и колку се залагаат за креирање добри приказни што јавноста треба да ги види. Автор: Ангела Рајчевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
JUNK FOLDER Cover

„Џанк Фолдер“ (Junk Folder) – Филм за бесконечноста на фабрикуваните содржини

„Џанк Фолдер“ (Junk Folder) e документарен филм на режисерот Ален Шимиќ, во продукција на Медиацентар (Сараево), кој го обработува прашањето за тоа колку дезинформациите му штетат на професионалното новинарство, како професионалните истражувачки новинари и проверувачи на факти се борат со дезинформациите, како изгледаат лажните вести и кој стои позади нив. Дезинформациите се без граници, а темата на „Џанк Фолдер“ (Junk Folder) – ширење дезинформации на Западен Балкан – го покажува токму тоа, но исто така покажува колку недоволната медиумска писменост е причина за ширењето дезинформации и неможноста да се препознаат фабрикувани содржини. Документарниот филм е продуциран во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување на дезинформации и пропаганда за ширење на омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.  
Povik Cover Lead Teacher

Прашања и одговори

Дали обуката важи за стручни соработници? Претходно 10 години бев наставник по француски јазик, а 5 години сум стручен соработник. Одговор: Обуката е наменета само за наставници и наставници ментори кои имаат најмалку петгодишно работно искуство и се вработени на неопределено време на таа позиција, односно кои во моментот предаваат. Наставниците, освен што ќе бидат ангажирани да ги обучуваат своите колеги, тие ќе треба да го пренесат своето знаење и на учениците, со оглед на тоа што во тек е процесот на вклучување на медиумската писменост во новите наставни програми за основно образование. За наставниците од основно образование ќе бидат обезбедени и различни материјали што треба да им помогнат во планирање, подготовка и спроведување на часовите преку вклучување пристапи и методи во наставата поврзани со медиумската писменост и со поттикнување критичко размислување кај учениците. Дали може да аплицира кој било наставник во средно училиште и дали Јавниот повик, важи и за државните средни училишта? Одговор: Овој јавен повик се однесува само на наставници од основните училишта. Во следната фаза на проектот, ќе бидат организирани и обуки за наставници од средните училишта, за кои дополнително, ќе биде објавен јавен повик. Дали информациите за учество на обуки, конференции и слично во Пријавата, треба само да се наведат или треба да се внесат и скенирани докази за истите ( решенија, сертификати, потврди)? Одговор: Потребно е да доставите само информација (да ги наведете во Пријавата) обуките, научно-стручните конференции, конгреси, симпозиуми, информациите за авторство, за учество во активности за подобрување на наставата, како и добиените награди и признанија. Нема потреба да се прикачуваат скенирани докази. Доколку процени, Комисијата која ќе ги разгледува апликациите може да ви побара дополнителни информации или докази. Дали треба да праќаме посебни документи, како доказ за вработување и дека работам во училиштето? Одговор: Не треба да се испраќаат документи како доказ дека сте вработен/а. Доколку процени, Комисијата која ќе ги разгледува апликациите може да ви побара дополнителни информации или докази. Што поконкретно се мисли на активности за подобрување на наставата и што претставува доказ за нив? Одговор: Како активности за подобрување на наставата се подразбира информација за ваше евентуално учество во процесот на изготвување на наставна програма за различни предмети и одделенија во основно образование, во процесот на изготвување на концепциски документи, изготвување или учество во истражувачки активности од областа на образованието, авторство на учебници, прирачници, дидактички материјали за учениците/работни тетратки, онлајн алатки кои се користат во наставата, дека употребувате иновативни методи во наставниот процес итн. Дали во награди и признанија спаѓаат и наградите од натпревари со ученици? Одговор: Може да доставите информација и за награди од натпревари со ученици.  Дали за наведените 4 (четири) услови треба да се приложат писмени потврди потпишани од директор, односно потврди во писмена форма, скенирани за наведените услови: најмалку пет години работно искуство како наставник;  вработен на неопределено работно време;  исполнување на професионалните стандарди за наставник или наставник-ментор и  претходно искуство со држење обуки на наставници.  Или пак е доволно само да се аплицира со пријавата која е дадена во јавниот повик? Одговор: Доволно е да ја пополните пријавата и да доставите доволно информации коишто се однесуваат на овие 4 услови. Доколку процени, Комисијата која ќе ги разгледува апликациите може да ви побара дополнителни информации или докази. Дали наставниците кои ќе бидат одбрани и сертифицирани ќе добиваат хонорар или друг надомест за обуките кои понатаму ќе ги извршуваат? Одговор: Наставниците кои ќе бидат ангажирани преку Проектот, ќе добиваат надомест за вложениот труд и направените трошоци само за конкретната обука/и. Дали ќе бидам наставник обучувач само во моето училиште каде што работам или доколку има потреба ќе бидам ангажирана и во други училишта?  Одговор: Наставниците обучувачи ќе спроведуваат обуки за нивните колеги-наставници и од други училишта вклучени во проектот согласно планот за спроведување на обуките што ќе биде изготвен од страна на Бирото за развој на образованието, но секако дека ќе  бидете ангажирани и за обуки на наставници од Вашето училиште во време кога динамиката на реализација на обуките ќе го предвиди тоа. Која е временската рамка за обучување на избраните кандидати? Доколку апликантот е избран, каде ќе се врши обука од страна на наставникот-обучувач само во неговото училиште или и пошироко и се разбира кога би било тоа? Одговор: За наставниците-обучувачи ќе се организираат две дводневни обуки, начелно планирани за мај и јуни 2022 година, а дополнително ќе биде решено дали тие ќе се спроведуваат онлајн или со физичко присуство, во зависност од епидемиолошката состојба. Обучените наставници понатаму ќе спроведуваат обуки за други наставници, нивни колеги, во зависност од динамиката што ќе се определи во соработка со Бирото за развој на образованието. Дали да препратам друг документ - пријава со сите освоени места/дипломи и останати благодарници? Одговор: Треба да ја пополните Пријавата за повикот каде може да наведете кратка информација за дипломи и други признанија. Документот што треба да се пополни се наоѓа на линкот наведен во Јавниот повик. Не е задолжително да се прикачуваат скенирани дипломи, благодарници и награди. Дали има значење предметот кој го предаваме во настава, барем приближно кој е бројот на планирани обучувачи на ниво на општина/училиште и дали обуките кои понатаму би ги реализирале како наставници- обучувачи би барале отсуство од местото на живеење на повеќе од еден ден? Одговор: Сите наставници, без оглед на предметот што го предаваат, може да аплицираат на Повикот. Вкупно ќе бидат избрани 60-80 наставници од целата држава. При обучувањето на вашите колеги-наставници ќе направиме напори да бидете ангажирани во вашето место на живеење или најблиски општини и места. Дали додека ќе се одржуваат обуките (ако е за време на наставен ден) ќе добиеме покритие од Вашите институции односно со Ваш допис ќе бидеме оправдани кај нашите работодавачи додека вршиме обука. Одговор: Обуките ќе бидат организирани, следени и сертифицирани од страна на проектот на УСАИД за медиумска писменост и од Бирото за развој на образованието. За секој ваш ангажман проектот ќе се координира со БРО и до вашиот претпоставен (директорот на училиштето) ќе биде доставено известување за вашето ангажирање во спроведување на активности за унапредување на образованието. 
Panel Diskusija Fb Event

Панел-дискусија “Ефикасноста на законските и саморегулаторните механизми за справување со говорот на омраза и дезинформациите во Северна Македонија“

Македонскиот институт за медиуми организира панел-дискусијата “Ефикасноста на законските и саморегулаторните механизми за справување со говорот на омраза и дезинформациите во Северна Македонија“ што ќе се одржи на 15 февруари (вторник) 2022 година од 11:00–13:00 часот, на онлајн платформата ЗУМ. На настанот ќе биде претставенa анализата „Регулаторна и саморегулаторна рамка за справување со говорот на омраза и дезинформациите во РСМ“ подготвена од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). На панел-дискусијата ќе говорат: Емилија Петреска – Камењарова, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Марина Тунева, Совет за етика во медиумите на Македонија Весна Бендевска, Комисија за спречување и заштита од дискриминација Драган Секуловски, Здружение на новинарите на Македонија Агендата за настанот е прикачена во прилог. За да учествувате на настанот потребно е да се регистрирате на следниот линк: https://us06web.zoom.us/meeting/register/tZYldemorT8uG9FHtQ65Q7PYcZLUy32BY_1v анел-дискусијата се организира во рамки на регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“. Проектот се спроведува со поддршка од Европската Унија од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Црногорскиот медиумски институт, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт Љубљана и Бианет Турција. Панел-дискусија102.6 KB

Прашања и одговори

Информативна сесија оджана на 22 септември 2020 година.