Povik Cover Lead Teacher

Прашања и одговори

Се чита за 3 мин.
  1. Дали обуката важи за стручни соработници? Претходно 10 години бев наставник по француски јазик, а 5 години сум стручен соработник.

Одговор: Обуката е наменета само за наставници и наставници ментори кои имаат најмалку петгодишно работно искуство и се вработени на неопределено време на таа позиција, односно кои во моментот предаваат. Наставниците, освен што ќе бидат ангажирани да ги обучуваат своите колеги, тие ќе треба да го пренесат своето знаење и на учениците, со оглед на тоа што во тек е процесот на вклучување на медиумската писменост во новите наставни програми за основно образование. За наставниците од основно образование ќе бидат обезбедени и различни материјали што треба да им помогнат во планирање, подготовка и спроведување на часовите преку вклучување пристапи и методи во наставата поврзани со медиумската писменост и со поттикнување критичко размислување кај учениците.

  1. Дали може да аплицира кој било наставник во средно училиште и дали Јавниот повик, важи и за државните средни училишта?

Одговор: Овој јавен повик се однесува само на наставници од основните училишта. Во следната фаза на проектот, ќе бидат организирани и обуки за наставници од средните училишта, за кои дополнително, ќе биде објавен јавен повик.

  1. Дали информациите за учество на обуки, конференции и слично во Пријавата, треба само да се наведат или треба да се внесат и скенирани докази за истите ( решенија, сертификати, потврди)?

Одговор: Потребно е да доставите само информација (да ги наведете во Пријавата) обуките, научно-стручните конференции, конгреси, симпозиуми, информациите за авторство, за учество во активности за подобрување на наставата, како и добиените награди и признанија. Нема потреба да се прикачуваат скенирани докази. Доколку процени, Комисијата која ќе ги разгледува апликациите може да ви побара дополнителни информации или докази.

  1. Дали треба да праќаме посебни документи, како доказ за вработување и дека работам во училиштето?

Одговор: Не треба да се испраќаат документи како доказ дека сте вработен/а. Доколку процени, Комисијата која ќе ги разгледува апликациите може да ви побара дополнителни информации или докази.

  1. Што поконкретно се мисли на активности за подобрување на наставата и што претставува доказ за нив?

Одговор: Како активности за подобрување на наставата се подразбира информација за ваше евентуално учество во процесот на изготвување на наставна програма за различни предмети и одделенија во основно образование, во процесот на изготвување на концепциски документи, изготвување или учество во истражувачки активности од областа на образованието, авторство на учебници, прирачници, дидактички материјали за учениците/работни тетратки, онлајн алатки кои се користат во наставата, дека употребувате иновативни методи во наставниот процес итн.

  1. Дали во награди и признанија спаѓаат и наградите од натпревари со ученици?

Одговор: Може да доставите информација и за награди од натпревари со ученици. 

  1. Дали за наведените 4 (четири) услови треба да се приложат писмени потврди потпишани од директор, односно потврди во писмена форма, скенирани за наведените услови:
  • најмалку пет години работно искуство како наставник; 
  • вработен на неопределено работно време; 
  • исполнување на професионалните стандарди за наставник или наставник-ментор и 
  • претходно искуство со држење обуки на наставници. 

Или пак е доволно само да се аплицира со пријавата која е дадена во јавниот повик?

Одговор: Доволно е да ја пополните пријавата и да доставите доволно информации коишто се однесуваат на овие 4 услови. Доколку процени, Комисијата која ќе ги разгледува апликациите може да ви побара дополнителни информации или докази.

  1. Дали наставниците кои ќе бидат одбрани и сертифицирани ќе добиваат хонорар или друг надомест за обуките кои понатаму ќе ги извршуваат?

Одговор: Наставниците кои ќе бидат ангажирани преку Проектот, ќе добиваат надомест за вложениот труд и направените трошоци само за конкретната обука/и.

  1. Дали ќе бидам наставник обучувач само во моето училиште каде што работам или доколку има потреба ќе бидам ангажирана и во други училишта? 

Одговор: Наставниците обучувачи ќе спроведуваат обуки за нивните колеги-наставници и од други училишта вклучени во проектот согласно планот за спроведување на обуките што ќе биде изготвен од страна на Бирото за развој на образованието, но секако дека ќе  бидете ангажирани и за обуки на наставници од Вашето училиште во време кога динамиката на реализација на обуките ќе го предвиди тоа.

  1. Која е временската рамка за обучување на избраните кандидати?

Доколку апликантот е избран, каде ќе се врши обука од страна на наставникот-обучувач само во неговото училиште или и пошироко и се разбира кога би било тоа?

  • Одговор: За наставниците-обучувачи ќе се организираат две дводневни обуки, начелно планирани за мај и јуни 2022 година, а дополнително ќе биде решено дали тие ќе се спроведуваат онлајн или со физичко присуство, во зависност од епидемиолошката состојба.

Обучените наставници понатаму ќе спроведуваат обуки за други наставници, нивни колеги, во зависност од динамиката што ќе се определи во соработка со Бирото за развој на образованието.

  1. Дали да препратам друг документ - пријава со сите освоени места/дипломи и останати благодарници?

Одговор: Треба да ја пополните Пријавата за повикот каде може да наведете кратка информација за дипломи и други признанија. Документот што треба да се пополни се наоѓа на линкот наведен во Јавниот повик. Не е задолжително да се прикачуваат скенирани дипломи, благодарници и награди.

  1. Дали има значење предметот кој го предаваме во настава, барем приближно кој е бројот на планирани обучувачи на ниво на општина/училиште и дали обуките кои понатаму би ги реализирале како наставници- обучувачи би барале отсуство од местото на живеење на повеќе од еден ден?

Одговор: Сите наставници, без оглед на предметот што го предаваат, може да аплицираат на Повикот. Вкупно ќе бидат избрани 60-80 наставници од целата држава. При обучувањето на вашите колеги-наставници ќе направиме напори да бидете ангажирани во вашето место на живеење или најблиски општини и места.

  1. Дали додека ќе се одржуваат обуките (ако е за време на наставен ден) ќе добиеме покритие од Вашите институции односно со Ваш допис ќе бидеме оправдани кај нашите работодавачи додека вршиме обука.

Одговор: Обуките ќе бидат организирани, следени и сертифицирани од страна на проектот на УСАИД за медиумска писменост и од Бирото за развој на образованието. За секој ваш ангажман проектот ќе се координира со БРО и до вашиот претпоставен (директорот на училиштето) ќе биде доставено известување за вашето ангажирање во спроведување на активности за унапредување на образованието.