Поддршка за маршот на толеранцијата

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) изразуваат јавна поддршка на годинешниот „Марш на толеранцијата“ посветен на слободата нa изразувањето. Настанот ќе се одржи на 16 ноември 2011 година, со почеток во 11:55 часот од пред Музејот на Град Скопје, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Како организации посветени на чувањето и негувањето на професионалното и етичкото новинарство кое е камен-темелник на демократијата и слободата, целосно го споделуваме ставот за потребата од постоење на здрава критичка свест и јавност, со акцент на негувањето и одбраната на јавната дебата и слободата на изразување.

Без слобода на изразувањето, не постои ниту новинарство сфатено како јавно добро, со капацитет да се спротивстави на сите влијанија и притисоци од политиката и од бизнисот и да придонесува кон заштита и афирмација на правата на граѓаните.

 

Скопје, 15 ноември, 2011 год.