Состојбата со слободата на говор во Македонија е загрижувачка

Фридом Хаус, како дел од меѓународната група на организации кои ја испитуваа состојбата со слободата на изразување во Македонија, бара од Владата на Република Македонија да преземе чекори за подобрување на влошената ситуација со слободата на говорот и воопшто со слободата на медиумите во земјата.
Во заедничкото соопштение на меѓународните организации кои на17 и 18 ноември годинава престојуваа во земјава, се нотира алармантно влошување на состојбата со слободата на медиумите во текот на изминатата година. Според Паула Шрајфер, потпретседател на Фридом Хаус, потребни се итни реформи на правната регулатива за медиумите, како и доследно спроведување на постојните закони. На тој начин ќе им се овозможи на новинарите слободно да ја извршуваат својата улога на чувари на демократијата, а на граѓаните ќе им се овозможи пристап до независни информации од различни извори.

Како клучни наоди на мисијата се наведуваат отсуството на медиумски плурализам и нетранспарентната сопственичка структура. Воедно, на Владата и се препорачува да ја декриминализира клеветата,  да овозможи заштита на слободата на изразување преку реформи на Кривичниот законик, како и да изгради вистински и неполитизиран јавен сервис. Исто така, во соопштението се наведува дека предистражниот притвор на управители на медиуми, кој трае од 2010 година, е во спротивност со меѓународните и европските стандарди за човекови права. 

Учеството на Владата во работната група со претставниците на медиуми, како и нејзините заложби да се вклучи во процесот на отворени консултации во врска со измените на легислативата за медиумите, се чекори во вистинската насока на слободата на медиумите и слободата на изразување, смета Шрајфер.

Целосното соопштение можете да го погледнете на следната веб страница: www.freedomhouse.org/template.cfm?page=70&release=1524