Реакција од МИМ и од ЗНМ

МИМ и ЗНМ остро реагираат на последните предлог-измени во Законот за радиодифузна дејност, со кои се предлага менување на составот и бројот на членовите на Советот за радиодифузија. Двете организации сметаат дека секоја измена  во регулативата која се однесува на медиумите треба секогаш да се разгледува и донесува внимателно, во транспарентни и отворени процеси, каде што преку стручни и јавни расправи ќе бидат земени предвид и согледувањата на медиумските работници, медиумските експерти и професионалните медиумски организации.
Менувањето на значајни закони каков што е овој, во забрзана постапка која не ги вклучува медиумите, експертите и други засегнати страни, дополнително ја усложнува ситуацијата во која се наоѓаат медиумите во земјава, а решенијата во чие изготвување и донесување не се вклучува медиумската заедница од неа се перцепираат како решенија кои се наметнати.

Затоа, од предлагачите на измените на Законот итно бараме одговор на следните прашања:
- На што се должи брзањето во донесувањето на овие измени, кога се знае дека е во тек постапка за усогласување на Законот со новата АВМС Директива на ЕУ?
- Зошто овој процес се одвива нетранспарентно, без каква било јавна консултација?
- Зошто, со новите измени,  други регулаторни тела  ќе можат да предлагаат членови на СРД?
- Кои се вистинските причини за брзото донесување на овие измени?
Да потсетиме, Македонија допрва треба да ја усогласи медиумската регулатива и со новата Директива на ЕУ за аудиовизуелни медиумски сервиси (АВМС Директива). Токму во рамките на овој процес што претстои, можно е да се решаваат сите постоечки проблеми во радиодифузијата кај нас, но тоа треба да се направи во еден сериозен и транспарентен процес, кој треба да даде одговори на сериозните прашања и проблеми со кои се соочуваат медиумите во Македонија денес. За жал, констатираме дека секогаш кога се донесува регулатива која се однесува на медиумите, тоа се прави во последен момент, и на неинклузивен и нетранспарентен начин. Нагласуваме дека независноста на регулаторното тело Совет за радиодифузија на Република Македонија е клучно за независноста на електронските медиуми.     

Скопје, 13 јули, 2011