Отворената стечајна постапка за А1 не е основа за автоматско одземање на дозволата за радиодифузна дејност

Македонскиот институт за медиуми (МИМ) изразува жалење за одлуката со која првата приватна телевизија во независна Македонија, А1 телевизија е ставена под стечај, а колегите во телевизијата го изгубија работниот статус.
МИМ бара Советот за радиодифузија да ги искористи сите законски можности кои му стојат на располагање, телевизијата А1 да ја зачува дозволата за работа, водејќи се од начелото за заштита на интересите на граѓаните во радиодифузната дејност и заштита на плурализмот во медиумската сфера, што е и негова законска обврска.

Треба да се има предвид дека приватните медиуми не се какви било трговски друштва. Нивната  дејност е од јавен интерес, бидејќи придонесуваат за демократскиот амбиент и ја збогатуваат разновидноста на мислења во јавната сфера. Згаснување на еден национален информативен медиум може да нанесе долгорочна штета на слободата на изразувањето и на медиумскиот плурализам во Република Македонија.
Иако во членот 62 од Законот за радиодифузната дејност е наведено дека дозволата престанува да важи ако настапи стечај или ликвидација на имателот на дозволата, апелираме до Советот за радиодифузија оваа одредба да не ја применува сé додека не се исцрпат сите законски можности за продолжување на работата на А1 телевизија.       
Сметаме дека дозвола за вршење на радиодифузна дејност не смее да биде одземена по автоматизам поради започната стечајна постапка. Треба да се искористат можностите од членот 3 од Законот за стечај А1 телевизија да се реорганизира, со цел да се одржи и да продолжи да емитува програма.   
Апелираме  надлежните институции, органите надлежни за стечајната постапка, доверителите и стечајниот управник да ги испитаат сите можности согласно член 215 од Законот за стечај и да се изработи план за реорганизација на А1 телевизија кој ќе овозможи нејзино натамошно функционирање.
Нагласуваме дека постапката треба да се води транспарентно и  во интерес на граѓаните.