Реакција од ЗНМ, МИМ и од Синдикатот во однос на укинувањето на фреквенцијата на А1ТВ

Начинот на кој Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) на 30 јули 2011 година ја укина фреквенцијата на националната телевизија А1 претставува груба повреда на Законот за радиодифузната дејност и на надлежностите на Советот за радиодифузија.
Укинувањето на фреквенцијата е направено без одлука за одземање на дозволата на А1 од страна на Советот за радиодифузија, кое е единственото тело надлежно за спроведување  на Законот за радиодифузната дејност. Согласно членот 55 од овој Закон, одобрението за користење фреквенции, АЕК го издава само врз основа на одлука за доделување дозвола за радиодифузна дејност, од што јасно произлегува дека АЕК не може своеволно да го одземе ова одобрение без акт на Советот за радиодифузија.

Нагласуваме дека ваквата повреда на законската постапка е спротивна на Препораката 2000 (23) на Советот на Европа за независните регулаторни тела во радиодифузијата, според која овие тела се единствено надлежни за доделување и одземање на дозволите на радиодифузерите, а фреквенцијата на која зрачи радиодифузерот е само технички аспект на дозволата со кој се овозможува емитувањето на програмата.      
Ваквиот преседан сериозно ја загрозува слободата на изразувањето, независноста на медиумите и независноста на регулаторното тело во радиодифузијата. Суспендирана е правната држава и владеењето на правото, со што се поставува модел на однесување според кој дозволите за работа на радиодифузерите и во иднина можат да бидат одземени без да се почитуваат процедурите, законот и меѓународните стандарди.
Бараме Советот за радиoдифузија итно да се произнесе за оваа ситуација, да престане со тактизирање и со пролонгирање на своите постапувања, и сериозно да се заложи за спроведување на Законот за радиодифузната дејност. Во спротивно, регулаторно тело кое не може да го спроведува Законот и да ја заштити независноста на медиумите никому не му користи и прашање е зошто воопшто постои.