Денес започнува работна средба на истакнати медиумски работници за состојбите во македонските медиуми

Од денес, 27 октомври 2011, започнува дводневната работна средба во Маврово, што ја организираат Македонскиот институт за медиуми(МИМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), а на која ќе се утврдуваат приоритетите за развој на медиумскиот сектор во Р. Македонија и ќе се предложат поконкретни решенија за надминување на постоечките проблеми со кои се соочуваат новинарството,  новинарите и секторот во целина. На настанот ќе учествуваат четириесетина истакнати новинари, главни уредници, медиумски сопственици, претставници на регулаторот,  на граѓанското општество и академската заедница од медиумската сфера.

Преку неколку работни сесии, групни дискусии и работа во групи за поединечни прашања, а со помош на модератори, новинари - колеги од Холандија, учесниците ќе работат на утврдување на начини за подобрување сегашните состојби и определување на правецот во кој ќе се развива новинарската професија и медиумската дејност.  Дел од темите на кои ќе се работи се: законодавството и регулацијата, јавните сервиси, финансискиот статус, професионалните и работничките права на медиумските професионалци, условите за работа во медиумите, механизмите за саморегулација, независното и истражувачко новинарство, новинарското образование и т.н.  
Заклучоците и дискусиите од овој настан, кои се однесуваат на прашањата во надлежност на државата,  ЗНМ ќе ги искористи во процесот на дефинирање на акцискиот план за преговорите со Владата на Р. Македонија и во текот на процесот на преговори.
Во втората фаза од процесот, предвидени се активности со кои предлог- заклучоците од работната средба во Маврово ќе бидат претставени пред пошироката медиумска заедница, пред соодветните домашни институции и меѓународните претставници.    
Овој настан е дел од заедничката иницијатива на ЗНМ и на МИМ, што се спроведува во соработка со холандските новинари Роб Хеукелс и Роб Фреијсен, а со поддршка од страна на Амбасадата на Кралството Холандија.