Регионална конференција Ромите во јавноста: Повеќе Роми во мнозинските медиуми, и поголема поддршка за медиумите на ромски јазик

За да се зголеми квалитетот на претставувањето на Ромите во јавноста и медиумите, потребно е да се зголеми бројот на новинари Роми кои работат во мнозинските и влијателните медиуми, но и да се изнајдат механизми кои ќе овозможат институционална поддршка на медиумите на ромски јазик, порачаа учесниците на регионалната конференција Роми во јавноста, која се одржа изминатиов викенд (14 и 15 октомври 2011), во Собранието на Војводина во Нови Сад.

На оваа средба, која се организираше во рамки на истоимениот проект што го спроведуваат Транзишнс од Чешката Република, МИМ, Медиа центарот и Ромскиот информативен центар „Кали Сара“ од Сараево, како и домаќинот на средбата, Новосадската школа за новинарство, учествуваа четириесетина учесници од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, меѓу кои новинари-Роми, претставници на јавните сервиси, регулаторните тела, државните институции и на граѓанскиот сектор од овие три земји.

Во медиумите во регионот се уште преовладува стереотипното претставување на Ромите, а од друга страна, недостасуваат квалитетни информации наменети за ромската заедница. Бројот на медиуми на ромски јазик во регионот е многу мал, и сите се соочуваат со големи финансиски, кадровски и технички предизвици и проблеми. Сите учесници се согласуваат дека за да се подобри преставувањето на Ромите во јавноста се потребни подолгорочни инвестиции и зафати од страна на државните институции во повеќе насоки, пред се во медиумите, но и во образованието на ромската заедница. Новите медиуми, но и поддршката од бизнис заедницата преку проекти за социјална одговорност, беа истакнати како потенцијални двигатели кои можат да помогнат дополнително во оваа насока.
Проектот Роми во јавноста се реализира со финансиска поддршка од Европската унија во рамките на ИПА 2009 – Инструмент за граѓанско општество – Регионални програми.