Утре се одржува завршната конференција на Проектот за унапредување на медиумската писменост во образованието

На 2ри септември 2011, Македонскиот институт за медиуми ја организира завршната конференција од тригодишниот Проект “Унапредување на медиумската писменост во образованието во Република Македонија“, што го спроведоа МИМ, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и Европскиот центар за новинарство, во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија и Бирото за развој на образованието, а со финансиска поддршка од програмата МАТРА на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.

На настанот ќе бидат претставени резултатите од овој обемен и значаен зафат, преку кој над 1100 наставници по мајчин јазик од основните и средните училишта добија соодветна обука, се создадоа соодветни наставни средства и материјали кои се достапни и во електронска форма (www.mediumskapismenost.edu.mk), се со цел на децата да им се доближи начинот на којшто работат и функционираат медиумите. Ќе се разгледуваат и резултатите од евалуацијата на часовите по медиумска писменост реализирани во неколку основни и средни училишта, искуствата на дел од наставниците кои беа вклучени во обуките за медиумска писменост, наставните материјали и помагала за спроведување на наставата, а ќе се  дискутира и за перспективите на целосно и што побрзо вклучување на медиумската писменост во нашиот образовен систем. Воедно, присутните ќе имаат можност да видат и конкретни медиумски производи реализирани од ученици, со помош и надзор на наставниците кои беа опфатени со обуките.   

Цел на воведување на медиумската писменост во образованието е да им помогне на младите луѓе да ги унапредат своите знаења за улогата и функцијата на медиумите во демократските општества, да научат критички да им пристапуваат, анализираат и проценуваат медиумските содржини и пораките што се пренесуваат преку различни медиуми - печат, електронски медиуми, Интернет, реклами, и на тој начин, поангажирано да партиципираат во демократските процеси.

На конференцијата ќе се обратат и м-р Весна Хорватовиќ, директор на Бирото за развој на образованието, г-динот Џош Лапорт, претставник на Европскиот центар за новинарство, и  претставници на МИМ и ИДСЦ, организациите кои го спроведоа овој проект.