ТВ Квиз „Одиме во ЕУ“

Се чита за 1 мин.

Одиме во ЕУ е циклус од 21 квиз-емисии кој се реализира преку соработка на ТВ Канал 5 и Македонскиот институт за медиуми, а со поддршка на Европската унија. Ќе се емитуваат 16 квалификациски емисии, чиишто победници ќе учествуваат во четирите полуфинални емисии. Победниците од полуфиналињата ќе се натпреваруваат во големото финале, кое ќе го одлучи финалниот победник на циклусот.

Преку игра, забава и дружење, овој квиз ќе понуди многу интересни информации за ЕУ, нејзините институции, историјат, знаменитости, а сето тоа на начин кој ќе биде занимлив и забавен за гледачите и учесниците.

Главната награда за победникот на циклусот е 120.000 денари и патување во европска метропола. Победниците на полуфиналните емисии ќе добијат 12.000 денари, а на квалификациските по 6.000 денари.

Кој може да учествува?
Право на учество имаат сите полнолетни граѓани на Република Македонија. Ќе се одберат вкупно 64 учесници од квизот, половината од кои преку претходна селекција од студентите на сите високообразовни установи кои во своите наставни програми содржат предмети и знаења за ЕУ, нејзините институции и начинот на функционирање на Унијата, а другата половина преку јавно тестирање на останатите пријавени кандидати кое ќе се одржи на почетокот на февруари 2011 година.

Како да се пријавиш?
Доколку сакаш да учествуваш во квизот, најдоцна до 2 февруари испрати електронска пошта на адресата odimevoeu@mim.org.mk, со твоето име и презиме, датум на раѓање, адреса, електронска пошта и контакт – мобилен телефон. Организаторите ќе те известат набргу за денот и начинот на кој ќе се спроведува тестирањето.

ЗА КВИЗОТ И ИГРИТЕ

1. ЕУ меморија
Во оваа класична квиз игра секој од играчите ќе има можност за ограничено време од 1 минута и 30 секунди да отвора сложувалка од 24 полиња, која содржи 12 парови на идентични симболи поврзани со ЕУ. Со секој сапрување на идентични симболи играчите ќе добиваат поени, а победник во играта ќе биде оној кој за определеното време ќе успее да спари најмногу симболи.Симболите ќе бидат поврзани со различни теми, на пример главни градови на земји членки на ЕУ, институции на ЕУ, итн.

2. ЕУ асоцијација
И оваа игра сигурно ја паметите од многу квизови. Четири колони со четири полиња, играчите имаат можност да го откријат решението на асоцијацијата за секоја од колоните, но и конечното решение на кое упатуваат одговорите од секоја од четирите колони. Темите, за разлика од обичните квизови, ќе бидат посветени на ЕУ, нејзиниот историјат, институции, географија, знаменитости...

3. ЕУ да / ЕУ не
Во оваа игра сите играчи одговараат на 10 исти прашања, избирајќи ја опцијата да или не за понудените одговори. И овие прашања, секако ќе бидат поврзани со ЕУ, нејзината историја, институции и знаменитости. Секако, играта ќе крие и трик прашања со кои ќе се трудиме да ги изненадиме играчите и да ги забавуваме гледачите.

4. Големото финале
И во оваа игра учесниците ќе одговараат на исти прашања, но овој пат избирајќи еден од понудените четири одговори за секое прашање. Големото финале ќе биде последна игра во секоја емисија, која веројатно ќе го решава и победникот на секоја емисија.