Медиумската заедница е подготвена да го преземе водството во решавање на состојбите во медиумите

Се чита за 2 мин.

Речиси сите учесници ја оценија средбата како успешна и како позитивен знак за создавање кохезија во медиумската заедница. На средбата, која се одвиваше во вистинска работна атмосфера, учесниците успеаја да се согласат дека во најкус можен рок треба да изнајдат функционални решенија, кои ќе обезбедат поголема демократичност и заштита на јавниот интерес, поголема слобода во изразувањето на новинарите и подобра заштита на нивните права, поодржлив медиумски бизнис и подобри медиумски производи.
Присутните се согласија дека состојбите се загрижувачки од повеќе аспекти, но и дека причините за нив се повеќеслојни, и се резултат на повеќегодишна негрижа и хаос, за кој помалку или повеќе придонесоа сите - од медиумските сопственици и новинарите, преку сите досегашни власти,  надлежни институции и тела.
Проблемите беа лоцирани во повеќе области: долгогодишното недоследно, селективно и несоодветно спроведување и  донесување на медиумската регулатива и другите закони кои се однесуваат на медиумите; сегашните законски инструменти, како оној за санкцонирање на клеветата и навредата; нарушениот и преоптоварен медиумски пазар; медиумската концентрација, врзаните реклами и другите форми на недозволено доминирање на пазарот; состојбата во јавниот сервис; нетранспарентноста и недостатокот на валидни критериуми за распределба на буџетските средства за кампањи во медиумите; непостоењето на колективни договори  кои би ги регулирале односите помеѓу сопствениците, уредниците и создавачите на медиумската содржина,  и би гарантирале пристојна минимална плата и јасно дефинирање на правата и обврските на новинарите и другите медиумски професионалци;  потреба од ефикасни саморегулаторни механизми, кои би овозможиле заштита на спроведувањето на професионалните и етичките стандарди, и општото опаѓање на квалитетот на новинарскиот производ.
Состојбите кои ги констатираа работните групи на оваа средба се поподробно нотирани во работниот документ кој набрзо ќе се најде на јавна расправа пред медиумската заедница. ЗНМ и МИМ ги охрабруваат сите колеги новинари и медиумски работници да учествуваат активно во овој процес, со свои идеи и решенија, и да демонстрираат солидарност во решавањето на овие прашања, кои ги засегаат сите медиумски работници.

Дополнителни информации за инцијативата
Викендов (од 27 до 29 октомври 2011) во Маврово се одржа работна средба на четириесетина истакнати новинари и медиумски работници. која ја организираа МИМ и ЗНМ со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија и холандските колеги Роб Хеукелс и Роб Фреијсен. Цел на средбата беше да ги дефинира поконкретно клучните проблеми со кои се соочува медиумската сфера во нашата земја, и да изготви работен документ кој ќе ги определи генералните правци и рамки за изнаоѓање на решенија за подобрување на медиумскиот амбиент во земјава.
Во понатамошниот тек на оваа заедничка иницијатива, овој работен документ ќе се сподели со сите медиумски работници,  кои ќе имаат можност во јавна расправа и преку други форми да понудат свои размислувања, забелешки и можни решенија. Од овој процес, во консултација со медиумски и правни експерти, треба да произлезе конкретен акциски план, со конкретни решенија за обезбедување на подобри услови за функционирање на медиумите. Воедно, дел од решенијата од овој план, за чие спроведување се надлежни властите, ќе бидат искористени од ЗНМ во процесот на преговорите со Владата на РМ, кој започна неодамна и кој влегува во оперативна фаза.

За подетални информации:
Македонски институт за медиуми
Тел: + 389 (0) 2 30 90 004
е-маил: mim@mim.org.mk
Здружение на новинарите на Македонија
Тел: + 389 (0) 2 3116 447
е-маил: contact@znm.org.mk

{moocasa url="https://picasaweb.google.com/data/feed/base/user/117196877178514474988/albumid/5678943572835516529?alt=rss&kind=photo&hl=en_US"}