МИМ и ЗНМ го претставија Акцискиот план за подобрување на состојбите во медиумите

Се чита за 1 мин.

Како што се нотира во преамбулата на Акцискиот план, медиумската заедница ја препознава потребата од  темелни и суштински промени во медиумската сфера и е подготвена да го преземе водството во надминувањето на оваа неповолна состојба.Во поставените принципи за процесот на подобрување на состојбите во медиумската сфера, во акцискиот план се нотира дека граѓаните на Македонија заслужуваат квалитетни медиуми, професионално и етичко информирање и квалитетен јавен сервис, а медиумската сфера треба да функционира врз демократски и пазарни принципи; Законите треба да овозможат слобода на изразувањето и фер пазарни услови, да го штитат медиумскиот плурализам, да се прецизни и спроведливи, како и да обезбедат заштита на јавниот интерес, нормално и непречено функционирање на медиумите, без економски и политички притисок. Медиумите и новинарите, од друга страна,  треба да ја преземат одговорноста и суштински да придонесат за подобрување на професионалните и етичките стандарди во медиумите, пред се  преку воспоставување ефикасно тело за саморегулација.
Медиумската заедница инсистира медиумите и новинарите да бидат вклучени суштински во секој процес на измена и дополнување на законите од медиумската сфера. Во таа функција е и процесот на изработка на овој Акциски план, кој од денес е ставен на увид на медиумската заедница, а дел од чекорите кои тој ги предвидува ќе бидат дел од агендата на дијалог на ЗНМ со државните институции во делот на прашања што се од нивна надлежност.
ЗНМ и МИМ најавуваат конференција, која ќе се одржи во средината на овој месец, на која Акцискиот план ќе биде претставен пред пошироката медиумска и општествена заедница и пред претставниците на надлежните институции, а за време на овој настан, по добивање на забелешки од релевантните чинители, се очекува финализирање на овој документ, кој треба да послужи како платформа на медиумската заедница за решавање на проблемите во медиумската сфера во РМ .
За дополнителни информации:
ЗНМ- тел: 3116 447
МИМ-тел: 30 90 004