Страв од бојкот на претседателските

Се чита за 1 мин.

 

Можноста да се случи бојкот на изборите ја остави отворена и премиерот Никола Груевски, кој во емисија на телевизијата „Канал 5“ рече дека со цензус од 40 отсто ризикот од неуспех на претседателските избори е само намален, но не и сосема отстранет. Ваквото тврдење вчера го поткрепи и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протоѓер, кој изјави дека сомнежите произлегуваат и од премислување на претседателот на СДСМ Зоран Заев на лидерската средба за Изборниот законик.

- На лидерската средба Заев првично прифати цензусот во вториот круг да биде 30 отсто. Но, по консултациите со Бранко Црвенковски, рече дека 30 отсто цензус е неприфатливо за нив оти со тоа ќе се доведе во прашање легитимитетот на идниот претседател на државата - изјави Протоѓер.Партиски извори велат дека не очекуваат опозицијата јавно да повика на бојкот, зашто тоа би наишло на негодување кај меѓународниот фактор, туку ќе го спроведе преку едно од трите сценарија. Истите извори тврдат дека СДСМ за локалните избори веќе договорил соработка со структури на ВМРО-Народна. Наводно, Заев во општините Петровец и Македонска Каменица ќе ги поддржи градоначалниците што се дојдени како кандидати на ВМРО-Народна, а на изборите најверојатно ќе настапат како независни кандидати.Според истиот извор, ДПА наводно била заинтересирана да ги бојкотира и претседателските и локалните избори зашто и самата била свесна дека нема реални шанси да освои повеќе општини од ДУИ.Во СДСМ вчера ни изјавија дека „тоа се чисти глупости“.

- За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ никогаш не бојкотирал избори. Ќе и' бидеме многу сериозен противник на власта на наредните претседателски и локални избори. Впрочем и на лидерските средби, кога беа усогласени измените на Изборниот законик, вклучително и прашањето за цензус, Заев јавно кажа дека СДСМ и опозицијата ќе сторат се' за да успеат изборите. Жално е што ВМРО-ДПМНЕ пушта сценарија за можни изборни нерегуларности. ВМРО-ДПМНЕ, наместо да обезбеди атмосфера за фер избори, стимулира сценарија за можни инциденти - велат во СДСМ.Во партијата велат дека јавноста набрзо ќе ги дознае нивните кандидати за градоначалници.Висок функционер на ДПА вчера ни изјави дека владејачката коалиција намерно создава ваква атмосфера за да ги прикрие внатрешните недоразбирања.

- Власта прави сметки без крчмар кога прогнозира дека ДПА ќе ги бојкотира изборите. Очигледно е дека има недоразбирања меѓу неприродните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. За тоа да го прикријат, ја обвинуваат опозицијата. ДПА будно ја следи ситуацијата, но и се залага за изборите напролет да поминат без какви било инциденти. Тоа се сценарија на власта за да го мобилизираат сопственото членство, кое веќе е разочарано од политиката на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ - велат во партијата на Тачи.