ТВ A1 со најголем придонес за развојот на граѓанското општество во 2008

Се чита за 2 мин.
А1 телевизијата е добитник на Годишната медиумска награда на граѓанското општество, која му се  доделува на медиумот кој дал најголем придонес за развојот на граѓанското општество во Македонија во текот на 2008 година.

Телевизија Тера од Битола е добитник на наградата за медиум кој најмногу придонел кон промовирање на граѓанскиот сектор на локално ниво, а утринската емисија „Раноден” на А1 телевизија, ја доби наградата во категоријата програмски појас, емисија или рубрика во електронските или печатените медиуми, што е најзаслужна за развојот на граѓанската сфера.

Посебни признанија им беа доделени на утринските програми на јавната Македонска радио-телевизија, и на информативната редакција на приватната национална телевизија Канал 5.  

Македонскиот институт за медиуми (МИМ) ја спроведува оваа иницијатива во рамките на Проектот за зајакнување на граѓанското општество, финансиран од УСАИД, а имплементиран од партнерски конзорциум предводен од Институтот за трајни заедници (ИТЗ), во кој членуваат и МИМ, Конект и Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ). Мисијата на проектот е да го зголеми граѓанското учество во процесот на донесување на одлуки на политичко и општествено ниво преку проширување и продлабочување на влијанието на граѓанското општество.  

Исто како и претходните две години, добитниците на наградата и признанијата се добиени преку процес на гласање, кој се одвиваше во периодот од 20 октомври до 15 декември 2008 година, а во кој можност за изразување на своето мислење добија сите легално регистрирани здруженија на граѓани и фондации во Македонија. Наградите се во форма на сертификат (диплома) кој им се доделува на добитниците.

Поголемиот дел од граѓанските организации кои гласаа, им оддадоа признание на сите национални електронски медиуми за промовирање на граѓанскиот сектор во утринските програми. Рубриките за локални информации и отворените (форумски) рубрики на печатените медиуми, како и локалните медиуми беа пофалени за отстапување на простор за граѓанскиот сектор и за одличната соработка којашто ја имаат со граѓанските организации на локално ниво. Сепак, некои организации истакнаа дека, освен користењето на мислењата на експертите од граѓанскиот сектор во информирањето за одредени општествени прашања и проблеми, информативните редакции на медиумите отстапуваат малку простор за информациите поврзани со активностите и резултатите на граѓанските иницијативи, што претставува област во соработката помеѓу медиумите и граѓанските организации која може значително да се подобри. 

 

Претходни добитници на Годишната медиумска награда на граѓанското општество 

 

2006

А1 телевизија беше добитник на Годишната медиумска награда на граѓанското општество во 2006 година. Посебни признанија им беа доделени на Сител телевизија за промовирањето на граѓанскиот сектор во утринската програма, на Утрински весник за опширниот и аналитичкиот пристап во третирањето на граѓанските теми, и на МРТВ, за континуираното следење и информирање на јавноста за граѓанските активности.  
 

2007

Телевизијата Канал 5 беше добитник на Годишната медиумска награда на граѓанското општество во 2007 година. Признанија во другите категории им беа доделени на Утрински весник, како медиум кој дал најголем придонес за промовирање на граѓанскиот сектор на национално ниво; неделникот Монитор, како медиум кој дал најголем придонес за промовирање на граѓанскиот сектор на локално ниво; утринската емисија “Рано ден” на А1 телевизија,  добитник на признанието во категоријата програмски појас или емисија во електронските медиуми која најмногу придонесува за зајакнувањето и промовирањето на граѓанскиот сектор; и колумните на дневниот весник “Дневник”, добитник на признанието во категоријата рубрика во печатените медиуми која најмногу придонесува за зајакнувањето и промовирањето на граѓанскиот сектор.

 

AND 0211AND 0193AND 0223AND 0118AND 0143