СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА, во врска со вчерашните случувања поврзани со А1 Телевизија

Се чита за 0 мин.

А1 Телевизија, вчера вечерта беше злоупотребена заради интересите на сопственикот на телевизијата и во политички цели. Недозволиво е еден медиум да биде искористен за создавање на медиумска реалност со која се шири атмосфера на вознемиреност и несигурност.

Особено посочуваме дека во програмата имаше говор на омраза и нарушување на програмските и професионалните стандарди. Сопственикот на телевизијата има обврска да и објасни на јавноста зошто дозволи новинарите да бидат жртви на неговите бизнис интереси.

Факт е дека граѓаните не беа навремено информирани од страна на институциите на државата зошто полицијата беше присутна пред влезот на телевизијата А1, со што се создаде дополнителна вознемиреност во јавноста.

Присуството на полицијата пред еден медиум може да се толкува како обид за притисок врз слободата на медиумите и обид за попречување на работата на новинарите, што е недозволиво во едно демократско општество.

Државните институции при вршењето на своите законски надлежности не смеат да ја попречуваат работата на новинарите и нивното слободно движење.

Вчерашните случувања се последица на состојбата во медиумскиот сектор што трае со години наназад и не е првпат, сопствениците на медиумите да ги стават медиумите во служба на личните интереси, интересите на политиката или на бизнис интересите.

Ги повикуваме новинарите да не дозволат овој настан дополнително да го усложни  започнатиот процес на консолидирање на македонското новинарство и да биде повод за понатамошни делби меѓу колегите.

Единствен начин да се стопира деградацијата на новинарската професијата е доследното почитување на професионалните и етичките стандарди и здружување на новинарите заради заштита на професијата од сите видови притисоци.