Реакција од МИМ и ЗНМ

Се чита за 1 мин.

30122010

Загрижени поради еуфоричното и сензационалистичко медиумско известување за настаните и личностите поврзани со случувањата на Перо Наков бб, а заради правото на јавноста да биде информирана вистинито, објективно и непристрасно
 
 АПЕЛИРАМЕ 
 
 до сите новинари во Македонија да ги почитуваат принципите на однесување и етичките вредности на кодексот на новинари.
Да престане ова агресивно, непрофесионално и неодговорно известување, кое кулминираше во низа заемни обвинувања, заборавајќи ги основните етички начела за објективно, непристрасно, балансирано и одговорно информирање. Да се почитува пресумпцијата на невиноста без исклучок, правилото за “втората страна” и да има професионална дистанца во информирањето. Се навива, се напаѓа - но најмалку се информира!  
Обвинетите во случајот “Пајажина” не се ниту криминалци, ниту жртви на системот, туку само осомничени.  А1 треба да продолжи непречено да функционира, а колегите од А1 ТВ имаат право и одговорност објективно и непристрасно да ги извршуваат своите професионални обврски согласно кодексот на новинарите и не треба да се поврзуваат со сомневањата за незаконското работење на сопственикот и на другите одговорни лица.  Бараме сите медиуми да ги почитуваат професионалните стандарди и да не го користат својот медиум за пресметка со личности и со други колеги.
Со ваквото известување јавноста всушност се дефокусира од вистинските причини и проблеми со кои се соочува новинарството во Македонија: симбиотската поврзаност меѓу политиката и новинарството, влијанието на сопствениците врз уредувачката политика заради нивните бизнис или политички интереси, суптилното влијание на власта преку т.н. државно рекламирање, влијанието на огласувачите врз информирањето и таблоидизацијата и сензационализмот во информирањето.    
Повикуваме за проблемите на новинарите да се дебатира во рамките на еснафот, а не да се навредуваме и омаловажуваме преку медиуми. 
 
Здружение на новинарите на Македонија
Македонски институт за медиуми