Не се додели првата награда на конкурсот за Најдобра истражувачка сторија на годината 2010

Се чита за 1 мин.


Според годинешната Жири комисија, ниту една од пријавените стории не ги исполнува во целост критериумите за да биде прогласена за најдобра истражувачка сторија на годината, поради што Жирито одлучи годинава да не го додели највисокото признание на овој престижен конкурс.
Жирито во состав Јасмина Миронски, предавач на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и новинар на Франс-прес, Љубиша Николовски, уредник во А1 ТВ, Насер Селмани, претседател на ЗНМ и новинар во дневниот весник „Вест“, Љупчо Зиков, директор и главен уредник на весникот „Капитал“ и Билјана Петковска, директор на МИМ,
уште еднаш ја нагласија потребата од поголема упорност и истрајност кај новинарите, но и поголема институционална поддршка за новинарите од страна на уредниците и на редакциите, при изработката на истражувачки стории.
Александра Филиповска (Дневник) и Кристина Озимец (Макфакс), се добитниците на втората односно третата награда на годинешниот конкурс за Најдобра истражувачка сторија на годината.
Филиповска е наградена за серијата написи за незаконските примања на претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија(ССМ), објавени во дневниот весник „Дневник“.  Додека, третонаградената Озимец доби признание за текстовите со кои ја истражува темата за изнудената членарина од студентите за Студентскиот парламент на УКИМ, објавени од новинската агенција Макфакс.
Како дел од својата мисија за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава, МИМ и оваа јубилејна година ја стипендираше наградата која треба да биде охрабрување за новинарите и редакциите и во иднина да се посветат на истражувачки теми.
Медиумската поддршка за конкурсот ја овозможија дневните весници Дневник, Утрински весник, Шпиц, Коха и Лајм.

Dsc 0062

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Dsc 0072

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Dsc 0098