Ретроспективна изложба на дела од Владимир Георгиевски во Битола

Се чита за 2 мин.

Пред очите ми излегуваат средношколски години кога ги читав своите љубовни стихови во битолската гимназија

330f728be4f89b49979556dfdf1b2af6
Религијата провејува во делата што ќе бидат изложени во Битола: Владимир Георгиевски

Уметникот Владимир Георгиевски првпат го претставува своето ликовно творештво во Битола. Вели дека му е особено драго бидејќи градот му буди убави сеќавања од младоста. Сега, на 66 години, авторски се претставува пред битолската публика. Изложбата ќе биде отворена вечерва, во 18 часот, во просторите на Воената академија во Битола и ќе трае до крајот на годинава. По покана од Заводот, музеј и галерија од градот, Георгиевски ќе претстави повеќе од 50 дела слики, платна, акрил на картон, скулптури, цртежи, пастели и акварели.

- Со други зборови, ќе бидат застапени сите дисциплини што јас како сликар ги работам - вели Георгиевски.Во ателјето на Архитектонскиот факултет во Скопје, местото кое на студентите им влева љубов кон уметноста, се' уште мириса на боја, нанесена на најновите дела што ќе бидат изложени. Раскажува зошто изложбата во Битола му е толку значајна.

- Кога ќе се сетам на тој град, пред моите очи излегуваат средношколските години кога како ученик во Средното уметничко училиште, а член на тогашната литературна секција, читав некакви свои љубовни стихови во битолската гимназија. Кога неодамна бев да го видам изложбениот простор во Битола, ја видов гимназијата. Се побарав себеси, ама тешко...

- Зошто?

- Зашто како што вели Конески, „некогаш бев дете, а сега сум момче со збрчкано чело“...

Во секој случај враќањето во Битола за него е многу возбудливо. Очекува битолската публика од „прва рака“ да ја види неговата уметност.

- Досега не сум излагал во тој град, кој има културна традиција и однос кон културата и уметноста - вели Георгиевски.

Изложбата е насловена „Св. Ѓорѓи ја убива ламјата“, според една од сликите што ќе бидат изложени. Авторот го објаснува значењето на делото и, воопшто, на сите негови дела низ кои постојано како тема провејува религијата.

- Се' што ќе биде изложено, на еден чудесен начин го симболизира патот на животот Исусов на кој постојано се испречуваат разно-разни искушенија. Мојата ламја е човеколика. Онаа ламја што ние ја градиме во себе, што ја носиме во себе е исто толку силна колку што е силен и светецот. Но, сепак, верувам дека св. Ѓорѓи ќе ја смири, ако не ја убие - вели Георгиевски.Изложбата е еден вид ретроспектива. Ќе бидат поместени постари, но и дела од оваа година.

- Тоа „што било минато“ во моето сликарство сега е спротивставено на тоа што денес го работам. Но, убеден сум дека сликарот цел живот слика една единствена слика. Најважно од се' е дали таа ќе биде жива, дали го допира творецот. Можеби ќе се јави некаде и во староста, но битно е кога некој ќе ги види тие слики, таа живост да ја понесе со сеќавањата. Тоа е најголемата награда, најголемото признание за творецот - вели авторот.

Владимир Георгиевски е роден на 1 јуни во 1942 година во Скопје. Во Средното уметничко училиште занаетот го учел од доајените, основоположниците на македонското современо сликарство, Лазар Личеноски и Димитар Пандилов. Во 1968 година дипломира на Академијата за ликовни уметности во Белград, каде што по две години, во класата на Младен Србиновиќ завршил постдипломски студии. Бил член на Здружението на ликовните уметници на Србија, а потоа се зачленил во Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Редовен професор е на Архитектонскиот факултет во Скопје. Самостојно излагал во Рим, Париз, Киев, Виена, Истанбул, Белград и во Скопје. Негови јавно изложени дела се наоѓаат во холот на Факултетот за музичка уметност, во Домот на АРМ. Објавува свои есеи и размислувања во весници и во списанија.

Весна Ивановска
Фото Слободан Ѓуриќ