МИМ го промовираше проектот за унапредување на медиумската писменост во образованието

Се чита за 1 мин.

Овој проект ќе се имплементира во основните и во средните училишта во Македонија од страна на Македонскиот институт за медиуми и на Институтот за демократија во соработка со Европскиот новинарски центар од Холандија и Министерството за образование и наука на Република Македонија, чии претставници беа присутни на пресот.  

За значењето на медиумската писменост во образованието на младите, на настанот зборуваше и амбасадорката на Кралството Холандија во Македонија, г-ѓата Симоне Филипини, според која овој проект придонесува кон подобрување на квалитетот на наставните програми, образување на млади луѓе кои ќе имаат свој став и ќе дебатираат за проблемите, но и кон „креирање“ медиумски писмени, ангажирани и одговорни граѓани кои ќе можат да одговорат на новите предизвици.    

Претставникот на Европскиот новинарски центар, г-нот Џош Лапорт, се осврна на значењето што медиумската писменост го има за младите генерации и граѓаните воопшто, во европски контекст. Тој истакна дека медиумската писменост во Холандија претставува интегрален дел од повеќе предмети, како што се социологија и граѓанско општество, додека, пак, во Белгија, надлежното министерство за образование, ја вовело медиумската писменост како дел од редовните наставни програми.

Повеќе информации околу активностите на самиот проект беа презентирани од страна на директорката на МИМ, г-ѓа Билјана Петковска и медиумскиот експерт од Институтот за демократија, г-н Марко Трошановски. Беше наведено дека во рамки на проектот ќе се спроведат 55 обуки за 1100 наставници и професори кои ќе предаваат медиумска писменост, како дел од предметите Социологија, што се изучува во средното образование, и Граѓанско образование, што се учи во основните училишта. Проектот предвидува и креирање на веб-страница која ќе го популаризира концептот на медиумска писменост, организирање тркалезна маса за експерти од регионот кои работат во оваа област, како и издавање литература за медиумска писменост. 

Целта на овој проект е младите луѓе да ги унапредат познавањата за улогата и функцијата на медиумите во демократските општества, за да можат критички да им пристапат, да ги анализираат и проценуваат медиумските содржини и пораки кај различни видови медиуми - печат, електронски медиуми, Интернет - што би им овозможило  поангажирано учество во демократските процеси.

Финансиската поддршка за проектот ќе биде обезбедена од програмата МАТРА на Холандското Министерство за надворешни работи.

Dscn3636Dscn3643Dscn3644