Финализиран Проектот за поддршка на спроведувањето на Законот за слободен пристап до јавни информации

Се чита за 1 мин.

Целта на овој Проект, што КОМСПИ и МИМ го спроведуваа во изминативе две години со финансиска поддршка на Британската амбасада во Скопје, беше да се зајакнат капацитетите на јавната администрација за професионална комуникација со медиумите и со јавноста, со цел  зголемување на oтвореноста, транспарентноста и отчетноста на институциите, носители на власта на различни нивоа во државава. Во таа насока беа организирани 50 обуки со кои беа опфатени над 800 службеници надлежни за посредување со информации од јавен карактер од целата држава, беа издадени неколку публикации и брошури наменети за информирање на службените лица и на граѓаните, се спроведе медиумска кампања за запознавање на граѓаните за начинот на остварување на на правото на слободен пристап до информации, а почна да функционира и нова веб страница на Комисијата, на која секојдневно се објавуваат информации кои им помагаат и на службените лица и на граѓаните во правилната примена на Законот.   

На завршната конференција Ибрахим Ибрахими, заменик-министер за правда, истакна дека имплементацијата на Законот всушност претставува приближување до европскиот стандарди, меѓутоа напомена дека во текот на неговото тригодишно спроведување се покажа потреба од измени на некои решенија, што надлежното Министерство за правда ќе ги подготви во наредниот период.

На настанот присуствуваше и Андру Ки, британскиот амбасадор во Македонија, според кого Проектот придонесе кон тоа Комисијата да прерасне во препознатлива организација со капацитет да одговори на потребите на јавноста и се повеќе граѓани да го користат Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, а наедно ги поттикна институциите да бидат поотворени кон граѓаните.

Службени лица задолжени за посредување со информациите од јавен карактер во неколку министерства истакнаа дека тие се всушност двигатели на процесот на спроведување на Законот. Сепак, како што нагласија, често како кочничари, при доставување на јавната информација до барателите, се јавуваат одговорни лица во институциите. Претставници од Комисијата посочија на нелогичности и недоречености во регулативата, и информираа дека текстот за измени е веќе поднесен до Министерството за правда.

На конференцијата беше промовирана и брошурата Три години од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер: Примери од досегашната работа на Комисијата“. Сите три досега објавени публикации се достапни на веб страницата на Комисијата www.komspi.mk.