Одржана завршната конференција на Проектот за унапредување на медиумската писменост во образованието

Се чита за 1 мин.



На настанот беа претставени резултатите од овој обемен и значаен зафат, преку кој над 1100 наставници по мајчин јазик од основните и средните училишта добија соодветна обука, се создадоа соодветни наставни средства и материјали кои се достапни и во електронска форма (www.mediumskapismenost.edu.mk), се со цел на децата и младите да им се доближи начинот на којшто работат и функционираат медиумите. Се разгледуваа и резултатите од евалуацијата на часовите по медиумска писменост реализирани во неколку основни и средни училишта, искуствата на дел од наставниците кои беа вклучени во обуките за медиумска писменост, наставните материјали и помагала за спроведување на наставата, а се  дискутираше и за перспективите на целосно и што побрзо вклучување на медиумската писменост во нашиот образовен систем, за што се заложија речиси сите учесници. Воедно, присутните имаа можност да видат и конкретни медиумски производи реализирани од ученици, со помош и надзор на наставниците кои беа опфатени со обуките.

Цел на воведување на медиумската писменост во образованието е да им помогне на младите луѓе да ги унапредат своите знаења за улогата и функцијата на медиумите во демократските општества, да научат критички да им пристапуваат, анализираат и проценуваат медиумските содржини и пораките што се пренесуваат преку различни медиуми - печат, електронски медиуми, Интернет, реклами, и на тој начин, поангажирано да партиципираат во демократските процеси.

На конференцијата се обратија и г-а Ајше Селмани , заменик-директор на Бирото за развој на образованието, г-динот Џош Лапорт, претставник на Европскиот центар за новинарство, и  претставници на МИМ и ИДСЦ, организаците кои го спроведоа овој проект.

Matra4

Matra2