Промоција на книга и тркалезна маса за интеркултурна комуникација

Се чита за 1 мин.

Дали медиумите во нивното секојдневно известување ја рефлектираат културната разновидност на нашето општество? Во која мера медиумите во Македонија им овозможуваат пристап на различните општествени и културни групи до своите програми или содржини? Кои се основните принципи на професионалното, инклузивното, чувствителното и одговорното медиумско  известување кое придонесува кон заемна толеранција, дијалог и подобро разбирање? Колку медиумите ги почитуваат професионалните и етичките стандарди во известувањето за различните општествени и културни групи? Дали новинарите (намерно или не) и самите придонесуваат за ширење предрасуди, нетолеранција или омраза?

Сите овие прашања ќе бидат предмет на дискусија на тркалезната маса што ја организира Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, на 20 декември (понеделник) 2010 година, од 11 до 13:30 часот, во просториите на ЕУ Инфо-центар, Скопје.

Покрај дебатата за овие прашања, Високата школа на тркалезната маса ќе ја промовира книгата со наслов „Медиу¬мите, граѓаните и интеркултурната комуникација“, од авторките Марина Тунева и Емилија Петреска Камењарова. Книгата е објавена со несебичната поддршка на нашите партнери - канцеларијата на УНЕСКО во Венеција (во рамките на заедничката програма на ОН "Зајакнување на интер-етничкиот дијалог и соработка на заедниците", финансирана од фондот MDG-F на Владата на Шпанија) и Фонда¬цијата Фридрих Еберт во РМ. Таа ќе претставува учебник првенствено наменет за студентите на додипломски студии по новинарство и по односи со јавноста, за предметите Интеркултурна комуникација и Медиуми и општество, но исто така е наменета и за активните новинари и уредници како сеопфатен едукативен материјал од кој тие ќе можат да извлекуваат препораки и насоки за сите важни прашања поврзани со улогата на медиумите во промовирањето на интеркултурниот дијалог.

Овој проект се реализира во соработка со канцеларијата на УНЕСКО во Венеција, во рамките на заедничката програма на ОН "Зајакнување на интеретничкиот дијалог и соработка на заедниците", финансирана од фондот MDG-F на Владата на Шпанија.

Заинтересираните кои не се во можност да присуствуваат на настанот, тркалезната маса може да ја следат преку Интернет, на следниов линк: http://zaednickivizii.org/live.

Печатењето на учебникот “Медиумите, граѓаните и интеркултурната комуникација” е поддржано од фондацијата Фридрих Еберт.

понеделник, 20 декември 2010 година
11:00 - 13:30 часот, ЕУ Инфо-центар