Утре се одржува завршната конференција на Проектот за унапредување на медиумската писменост во образованието

Се чита за 0 мин.

На настанот ќе бидат претставени резултатите од овој обемен и значаен зафат, преку кој над 1100 наставници по мајчин јазик од основните и средните училишта добија соодветна обука, се создадоа соодветни наставни средства и материјали кои се достапни и во електронска форма (www.mediumskapismenost.edu.mk), се со цел на децата да им се доближи начинот на којшто работат и функционираат медиумите. Ќе се разгледуваат и резултатите од евалуацијата на часовите по медиумска писменост реализирани во неколку основни и средни училишта, искуствата на дел од наставниците кои беа вклучени во обуките за медиумска писменост, наставните материјали и помагала за спроведување на наставата, а ќе се  дискутира и за перспективите на целосно и што побрзо вклучување на медиумската писменост во нашиот образовен систем. Воедно, присутните ќе имаат можност да видат и конкретни медиумски производи реализирани од ученици, со помош и надзор на наставниците кои беа опфатени со обуките.   

Цел на воведување на медиумската писменост во образованието е да им помогне на младите луѓе да ги унапредат своите знаења за улогата и функцијата на медиумите во демократските општества, да научат критички да им пристапуваат, анализираат и проценуваат медиумските содржини и пораките што се пренесуваат преку различни медиуми - печат, електронски медиуми, Интернет, реклами, и на тој начин, поангажирано да партиципираат во демократските процеси.

На конференцијата ќе се обратат и м-р Весна Хорватовиќ, директор на Бирото за развој на образованието, г-динот Џош Лапорт, претставник на Европскиот центар за новинарство, и  претставници на МИМ и ИДСЦ, организациите кои го спроведоа овој проект.