Работилници за планирање на ефикасни интерактивни јавни презентации во контекст на меѓуетничката интеграција во образованието

Како да комуницираме со различни целни групи, како да подготвиме ефикасни јавни презентации, како да препознаеме стереотипи и говор на омраза и да го избегнеме нивното користење во училиштата и јавната комуникација? Ова се само дел од содржините кои беа опфатени на работилниците со членовите на училишните тимови за интеграција, што се одржаа во текот на 2013 и 2014 година.

Циклусот работилници за планирање на ефикасни интерактивни јавни презентации во контекст на меѓуетничката интеграција во образованието го спроведоа обучувачи од МИМ во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието. На работилниците учествуваа повеќе од 150 претставници на тимовите за интеграцијата од основните и средните училишта од целата земја.

Покрај теоретските предавања, учесниците на работилниците работеа и конкретни вежби за планирање и подготовка на кратки изјави и настапи пред специфична целна публика. На крајот од секоја работилница, преку играње на улоги, учесниците поделени во тимови дебатираа и ги спротивставуваа ставовите за конкретни теми поврзани со меѓуетничката интеграција во училиштата.