Можен е напредок кога некој ќе ви ги посочи грешките

Се чита за 7 мин.

Без разлика дали директно комуницираат со медиумите или се жалат на проблематична содржина преку постојните механизми за саморегулација, улогата на граѓаните и на граѓанскиот сектор во борбата за поквалитетно новинарство е незаменлива.

Од: Хилма Ункиќ, Жарко Радоја, Теодора Ѓурниќ


Кога порталот еТрафика (eTrafika) пред пет години објави сторија за успешната студентка по медицина Маја Перишиќ, овој медиумски тим веруваше дека тоа е уште еден обичен текст чијашто цел е да ги претстави талентираните млади луѓе од Босна и Херцеговина. Но, десет минути по објавувањето на текстот на социјалните мрежи, до редакцијата и до главниот уредник на еТрафика почнаа да пристигнуваат пораки и коментари од многубројни незадоволни читатели, кои тврдеа дека приказната не е вистина или се убедени дека станува збор за платена статија со цел да се промовира личност што не заслужила.

Уредничката Вања Стокиќ тогаш се нашла во предизвикувачка ситуација бидејќи морала да реши неколку проблеми – да одговори на претежно агресивните пораки на читателите, да се грижи за младата студентка новинарка што го напишала текстот како дел од едукативната програма на еТрафика и која во тој момент мислела дека сторијата ќе ја одбележи целата нејзина новинарска кариера, но исто така да ја провери точноста на приказната и да види како дошло до грешката.

Приказната за Маја Перишиќ веќе беше објавена во медиумите, а текстот на еТрафика требаше да биде дополнување на веќе постојните информации за неа. Во спорниот текст Перишиќ изнесува низа тврдења, кои подоцна се покажаа како неточни. На пример, дека е вработена на Медицинскиот факултет во Бања Лука и дека ќе стане најмладиот доктор на медицински науки во историјата на Босна и Херцеговина.

„Во суштина, од целата приказна важеше единствено дека таа беше првак на Република Српска во пружање прва помош“, се сеќава Стокиќ.

Побара помош од колегите од другите медиуми

Откако се сретнала со ваква ситуација за првпат, Стокиќ побарала совет од колегите, кои ѝ рекле дека треба да „се преправа дека ништо не се случило“, бидејќи читателите наскоро ќе заборават на сè, или да го избрише текстот.

„За мене тоа не беше во ред. Ако сте згрешиле, ако се занимавате со јавна работа, признајте ја грешката“, вели Стокиќ и додава дека не сакала текстот објавен на нејзиниот портал да наведе некои други новинари во иднина повторно да пишуваат позитивна приказна за истата личност.

Следувала исправка на текстот заедно со извинување до читателите, но и поука за во иднина.

„Ова е случај што го разгледуваме во секоја нова програма и му посветуваме посебно внимание. Секогаш им велам на луѓето дека не ни треба нова Маја Перишиќ. Се изгоревме доста и се трудиме да не дозволиме да се повтори“, вели Стокиќ.

Иако реакциите на читателите беа остри и Стокиќ лично доби многу непотребни навреди, таа истакнува дека ѝ е драго што публиката реагирала бидејќи без тоа не би знаела дека згрешила.

„Ако луѓето едноставно примаат медиумски содржини рамнодушно и минуваат преку нив, не сме ја завршиле добро нашата работа. Ми се допаѓа кога добиваме каква било реакција од луѓето, без разлика дали нè критикуваат или нè фалат, сè ни е еднакво вредно. Грешките ги гледа и како можност за напредок: „Не сакам да се опкружувам со луѓе што само ми кимаат и ме тапкаат по рамо иако правам нешто погрешно, бидејќи тоа не води до напредок. Напредувате кога некој ве предизвикува и ви ги посочува грешките, затоа што така се подобрувате во работата“.

Во борбата за попрофесионална медиумска содржина значајни се реакциите на граѓаните и на невладините организации

Голема промена во медиумското известување не може да се случи врз основа на само една поплака до тело за саморегулација. Потребно е да се јават што е можно повеќе граѓани и невладини организации, вели Маида Бахто Кестенџиќ, проектна координаторка од Советот за печат и онлајн медиуми од Сараево.

„Дури сега, ако погледнеме наназад и ги анализираме претставките што ги добиваме и какви прекршувања има, Советот може да забележи дека имаме позитивен развој во однос на намалувањето на бројот на драстични прекршувања на Кодексот за печатените и за онлајн медиумите. Претходно, многу почесто имаше случаи на прекршувања одредби поврзани со заштита на одредени ранливи групи, на пример, кога станува збор за малолетници и разни форми на дискриминација при известување“, објаснува Бахто Кестенџиќ.

Направен е голем исчекор во регулирањето на говорот на омраза во новинарските текстови. Кога станува збор за Кодексот за печатени и онлајн медиуми, уредувачката одговорност е проширена и на коментарите на посетителите на интернет-порталот и евидентно е дека уредниците развиваат механизми за борба против говорот на омраза и кршењето на правата на другите учесници во дискусијата за слободата на изразување.

Советот за печат и онлајн медиуми наведува дека е исто така важно што овозможиле анонимно да бидат контактирани лица што им припаѓаат на ранливи категории, односно со можност Советот да го заштити нивниот идентитет, за да се коригираат непрофесионалните информации, но без да им се направи дополнителна штета на луѓето што би можеле да наидат на одредени проблеми во локалната заедница или дополнително да бидат стигматизирани.

Околу 70 отсто од поплаките до Српскиот совет за печат ги поднесуваат физички лица, околу 20 отсто невладини организации, а 10 отсто други. Претставките, пред сè, треба да се задоволителни за оној што е оштетен од објавената содржина, исто така медиумите треба да извлечат поука и да не ја повторуваат грешката, иако таквото очекување е нереално, смета Гордана Новаковиќ, генерален секретар на ова саморегулаторно тело во Србија. Сепак, таа ги издвојува случаите во кои одлуките имале ефект, како, на пример, кога уредувачкиот одбор на редакцијата на еден дневен весник, по неколку одлуки на Комисијата за жалби дека истакнувањето на ромската националност на сторителите на кривични дела е погрешно, одлучи да прати забелешки до уредниците и до новинарите дека не смеат така да пишуваат.

„Во други редакции, колку што знам, им беа доставени слични известувања во врска со откривањето на идентитетот на малолетниците, исто така врз основа на нашите одлуки. За жал, тоа не се следи доследно.“

Врз основа на мониторингот на дневните весници во Србија, евидентно е дека е намален бројот на прекршувањата во однос на пресумпцијата на невиност, на кои се однесуваат многубројни одлуки на Комисијата за жалби, како и скриеното рекламирање, за кое сега нема жалби.

„Тоа, се разбира, не значи дека не постои, но такви случаи има значително помалку“, вели Новаковиќ.

Насоки за известување по поплаки на граѓани

Граѓаните на Косово поднесоа жалби до Советот за печат во однос на начинот на кој одредени медиуми известуваат за случаи на самоубиства. Поплаки имаше и за известувања за кризни ситуации за време на настани на северот од земјата во септември минатата година. Тогаш не известуваа сите медиуми во согласност со етичките кодекси и имаше случаи на објавување лажни фотографии, изјави директорот на Советот за печат, Имер Мушколај. За двете теми, Советот за печат објави Упатство за известување, а во соработка со Здружението на новинари објави јавен апел за усогласување со етичкиот кодекс.

Мушколај вели дека повеќето медиуми што се членови на Советот за печат, сега се повнимателни со пристапот кон чувствителните теми поврзани со известувањето за меѓуетнички теми, како и известувањето за маргинализираните групи, како што е ЛГБТ-заедницата.

„Не можете да најдете несоодветна терминологија за овие групи во медиумите во Косово. Медиумите се многу повнимателни во начинот на известување што може да поттикне говор на омраза.“

Преку институцијата омбудсман до подобра содржина на поединечни медиуми

Во Црна Гора постојат поединечни медиумски омбудсмани како саморегулаторно тело, кои се врската помеѓу граѓаните, граѓанскиот сектор и конкретните медиуми. Омбудсманот за Радио и телевизија на Црна Гора (РТЦГ) Данијела Поповиќ објаснува дека од вкупно 20 претставки што ги добила во текот на 2023 година, три биле пратени од граѓани, а другите од претставници на граѓанскиот сектор.

Институцијата Омбудсман на РТЦГ постои речиси три години и во тој период има добиено претставки за сериозни повреди на Кодексот на новинарите на Црна Гора и на Правилникот за програмски начела и професионални стандарди во електронските медиуми. Сепак, Омбудсманот посочува дека Советот на РТЦГ врз основа на нејзините извештаи препорача одредени мерки само во два случаи.

„Станува збор за случај во кој водителката на утринската програма даде несоодветен коментар на тема насилство врз жените за време на нејзиниот разговор со соговорници. Предметот за оваа тема се формираше уште пред да пристигнат поплаки од голем број граѓани и организации, а по овој инцидент водителката извесно време не можеше да се појави на програмата“, објаснува Поповиќ.

Омбудсманот на оваа медиумска куќа потсетува дека имало и случај на новинар од Радио Црна Гора, кој за време на руската агресија врз Украина со свој коментар ја бранел Русија. И покрај тоа што ја прифати претставката пратена за ваквото прекршување на професионалните стандарди, Советот не донесе никаква мерка или препорака. „Сепак, по тој настан, настаните во Украина беа и се третираат на РТЦГ исклучиво како војна во Украина“, додава Поповиќ.

Опсежна студија за механизмите за саморегулација спроведена во земјите од Западен Балкан и во Турција

Неколку невладини организации што се членки на Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (SEENPM) неодамна спроведоа голема регионална студија, која ја анализираше положбата на саморегулаторните тела во Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Северна Македонија и Турција.

Заклучокот од истражувањето е дека саморегулацијата може значително да ги подобри медиумските системи во оние земји каде што веќе постои релативно високо и стабилно ниво на слобода на медиумите и чувство на јавна одговорност.

Механизмите за саморегулација во регионот најчесто не произлегоа од внатрешните потреби на новинарската професија или општеството во кое се сместени, туку најчесто се формирани со иницијатива, поддршка и менторство на меѓународни организации. Сепак, и покрај просторот за подобрување на работата на овие механизми во регионот, во сите земји постојат прилично добри рамки за саморегулација слични на оние во земјите со богата демократска традиција. Она што сè уште останува предизвик е нивното мало влијание врз подготвеноста на медиумите да прифатат критики и навистина да го подобрат квалитетот на нивното известување и да се посветат на почитување на етичките кодекси на професијата.

Можете да го прочитате регионалниот преглед за позицијата на механизмите за саморегулација во земјите од Западен Балкан и Турција тука, а прегледот на добри практики за саморегулација од светот е достапен тука.

Истражувањето е спроведено како дел од регионалниот тригодишен проект „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за генерирање медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“ што го спроведуваат невладини организации од Западен Балкан и Турција.


Eu Flag Финансирано од Европската Унија

Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.