Канцерот на конформизмот и нашето новинарство

Се чита за 3 мин.

Во основите на новинарскиот повик е професионалната дистанца – кога читаме новинарски текст, претпоставуваме дека пишувачот, новинарот, зазема објективна, непристрасна позиција како известувач за темите и настаните, за да обезбеди интегритет и доверба кај публиката, дека го следи и го заштитува јавниот интерес. Ова понатаму има многу врска со новинарската независност, со етичноста, скептичноста и критичкото мислење... Новинарите насекаде и отсекогаш се во борба да ги сочуваат овие основни постулати на својата благородна, но денес прилично омаловажена професија.

Но, значи ли ова нешто во измаченото македонско новинарство, на посебно незгоден начин обликувано од политичките и бизнис-кругови во бескрајната транзиција, напуштено од плејада одлични новинари (од кои голем дел преминаа да работат за „другата страна“) и речиси целосно оставено на контролата на моќниците?

Еве илустрација: Ако ги следите македонските интернет-медиуми, чиишто популарност и влијание постојано растат наспроти телевизијата и другите канали на информирање, не може да не забележите како на една тема, повеќе портали често објавуваат исти, идентично „спакувани“ информации-близначки. Вести со ист наслов и ист текст, дури и со идентични грешки. Во таа поразителна пракса се гледа потеклото на некои од причините за лошите состојби во нашата медиумска сфера. Но, во исто време, таа е и сликовит показател за последиците од колапсот кој трае, односно за размерот и за длабочината на проблемите во кои западнало информирањето кај нас.

naslovi 1

Ваквата, секојдневно присутна, ригидна едноличност во новинарсата форма и израз не може да се сретне ниту во една земја од регионот, па дури ни во Вучиќевата Србија, во чиј медиумски простор со години речиси апсолутно доминира армија од портали впрегнати во соопштување и одбрана на едни исти гледишта и политики. Такви „армии“ , секако, одамна има и кај нас, но униформноста за која станува збор овде веројатно потекнува многу повеќе од влијанието на економските, отколку на политичките извори на моќ, иако на крајот им служи на интересите и на едните и на другите.

Важен е само квантитетот

Медиумите и новинарите, во зависност од уредувачката политика, дури и кога е во прашање само формата на веста, на новинарскиот производ, би морале да дадат некаков свој печат, да ја претстават и толкуваат информацијата на свој, посебен начин, пренесувајќи ја суштината, а внимавајќи на сите аспекти на темата и приказната.

Во нашите медиуми, посебно на интернет, тоа едноставно веќе нема кој да го прави. Егзодусот на новинари од медиумите и хипепродукцијата на портали придонесе во македонските интернет-гласила денес да работат неприфатливо голем број луѓе кои никогаш не се сретнале со основните новинарски правила, не го ни прочитале Кодексот на новинарите, никој никогаш не им укажал на тоа што е соодветно, а што несоодветно да се прави кога работите како новинар.

На исто така непријатно голем број портали на интернет, поради економски причини, воопшто не им е важен квалитетот на објавените вести, туку само колкав број на објави има на сајтот. Компаниите-огласувачи, за чии реклами се борат стотици портали на истенчениот пазар, не ги интересира ништо освен бројот на кликови, од кој грубо се пресметува и бројот на луѓе што ќе ги видат нивните реклами. Ако објавите повеќе вести, ќе има и повеќе кликови и само тоа е важно. Комплетниот процес на информирање на интернет така тежнее да се претвори во грдата борба за што повеќе објави и кликови што сите ја гледаме - на непосредна, тешка штета на новинарството, објективното информирање и јавниот интерес.

Јавното мислење се обликува евтино

Ако не се борат за кликови, порталите се борат некој бизнисмен да реши кај нив да плати за некаков свој текст со кој си ги штити интересите, често спротивставени на јавниот интерес. Повеќето портали ќе ви дозволат кај нив да објавите што сакате ако им платите, многу често и за тажно мали пари. Секој што има неколку илјади евра може да покрене толку голема кампања по македонските портали, што сериозно може да го насочи јавното мислење онаму каде што нему му одговара.

naslovi 2

naslovi3

Кога сопствениците на многу портали бараат луѓе кои ќе објавуваат вести, тие всушност не бараат новинари, туку работници за целосно механизиран процес, кои ќе „исштанцаат“ што повеќе објави во еден ден, што да пишува во нив. Има норми кои не смеат да се потфрлат: еден човек - 50-60-80 објави во една смена. Дури и да нема официјално пропишан број на вести кои треба да ги објавувате, ќе ви замерат ако не објавувате „доволно“. Економската логика не познава изрази како „професионална дистанца“ и „јавен интерес“.

Овој тренд, кој владее со години и децении, добро го познаваат луѓето што работат во секторите за односи со јавност во институциите и во компаниите. Голем број од нив се и поранешни новинари, па знаат и како да го искористат општоприсутната атмосфера на безумни копи-пејст вести на порталите. Што и да им испратите, ќе објават, често и без воопшто да прочитаат што објавиле.

Конформизмот е смрт за слободата

Во едноличното, роботско известување на нашите интернет-медиуми, убеден сум, се пресликува канцерот на конформизмот во целото општество, кој можеби како никогаш досега го обзема и сиот јавен простор – луѓето кои мислат со сопствената глава стануваат сѐ понепожелни, а од тоа никако не се исклучени или заштитени новинарите.

Во својата срж, новинарството е спротивно на едноличноста на конформизмот. Што би рекол нигерискиот поет, нобеловецот Воле Сојинка: „Најголемата закана за слободата е отсуството на критика“. Во нашиот медиумски простор, сепак, сѐ уште опстојуваат мали острови на интегритет кои не му се даваат на конформизмот - редакции во кои сѐ уште работат и доминираат новинари во вистинската смисла на зборот. Во нивниот донкихотовски пркос, сум забележал многупати, е последната надеж за објективното информирање кај нас – иако за ова, како и за многу други искривени состојби во македонското новинарство, не е лесно да се биде оптимист.

Автор: Жарко Настоски
Насловна фотографија: freepik.com


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).