Медиумски клубови во 40 основни и средни училишта

Се чита за 0 мин.

Четириесет основни и средни училишта ќе добијат поддршка за основање и функционирање на медиумски клубови преку Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.  

Медиумските клубови ќе почнат да работат од ноември, а целта е учениците да научат како да создаваат веродостојни и проверени медиумски содржини користејќи различни формати, вклучително и текст, видео, поткасти, блогови и фото-новинарство. Учениците, во координација со наставникот, ќе имаат можност да предлагаат и да обработуваат теми коишто се поврзани со образовниот процес и училишните активности, но и со културни, забавни, спортски или други теми кои се од интерес на младите.

Со цел успешно да се реализираат активностите, на 10 и 11 ноември 2023 година беше спроведена дводневна обука за наставниците кои ќе ги водат медиумските клубови. Притоа, им беа презентирани теми и активности кои што се дел од предлог-програмата што ќе можат да ја користат при работа во медиумските клубови. Обуката ја водеа тројца обучувачи за медиумска писменост - Тамара Ќупева, Драгана Ѓореска и Сефер Тахири, со долгогодишно искуство во областите на образованието, новинарството и медиумската писменост.

Оваа активност во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ ја  спроведуваат ИРЕКС, МИМ и МОФ.