Да се создаде новинарска сторија значи да се прикаже реалноста – ова е пораката што младите учесници во проектот „Моја приказна – мој медиум“ ја пренесуваат на читателите и гледачите. Проектот го реализираше граѓанското здружение „Од станица до граница“ од Гевгелија со цел да поттикне медиумска писменост во помалите рурални средини од југоисточниот плански регион, конкретно во населените места Дојран, Стојаково, Миравци, Негорци и Гевгелија.

Посебен акцент во проектот беше ставен на создавање оригинален драмски текст со едукативен карактер, којшто беше адаптиран за сцена преку неколку театарски претстави, како и на продукција на новинарски содржини и кратки видео прилози наменети за пошироката јавност.

„Работата на проектот ‘Моја приказна – мој медиум’ е нов предизвик за мене. Ова е првпат да работам на создавање и реализирање видео-работилници за ученици од основно образование од мали локални средини – места без театри, кина, и без многу културна и уметничка содржина. За мене, ова беше најубавото искуство досега и вистинско откритие,“ вели Марија Џиџева, режисерката која работеше со учесниците во проектот. Таа додава дека учесниците работат со голема желба и енергија и се отворени за нови знаења. „Нивните идеи и размислувања се храбри и иновативни, но истовремено и емотивни, и на некој начин испреплетени со магичен реализам. Треба да ги охрабриме и мотивираме да ги оживеат своите идеи преку кратки видео форми, затоа што имаат што да кажат, имаат свои пораки од кои сите можеме да научиме за нивниот светоглед.“

Јован Грозданов, еден од учениците – учесници, смета дека проектот му помогнал да го продлабочи знаењето за создавање новинарски текстови, што се покажало како исклучително корисно во неговата улога како млад новинар во Радио Гевгелија. Ова искуство ја зајакнало неговата желба да го следи новинарството како своја идна професија.

Проектот е финансиран преку шемата за мали грантови „Нашите медиуми“, која обезбеди поддршка за 21 локален проект низ Западен Балкан.


eu flag

Ко-финансирано од Европската Унија

Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.