Македонскиот институт за медиуми (МИМ) е невладина, непартиска и непрофитна организација основана во 2001 година од Данската школа за новинарство, УСАИД/Ирекс Про Медија и Македонскиот прес – центар. Во своето понатамошно дејствување, Институтот се разви во една од најмасовните медиумски платформи во Македонија. Речиси и да не постои медиум во земјава со кој МИМ досега не остварил професионална соработка. МИМ им овозможува на медиумите и на новинарите лесен и бесплатен пристап до медиумска литература, медиумски истражувања и анализи, најмодерни ресурси за професионална надградба и едукација, поддршка за нивните истражувања, како и можности за заеднички продукциски или истражувачки зафати.
МИМ се залага за градење демократско општество во кое доминираат професионални медиуми, транспарентни и отчетни институции и граѓански сектор, кои им овозможуваат на граѓаните доволно веродостојни информации, за тие да можат да направат информиран избор за сите прашања важни за нивниот живот и за општеството.
Мисијата на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) е да го поттикнува и континуирано да помага во процесот на унапредување на професионални стандарди во новинарството, медиумите и во јавната комуникација со цел да влијае врз подобрување на демократските процеси во Р. Македонија.
Професионални едукативни програми од областа на новинарството: обуки, конференции, семинари и работилници
Студиски патувања и посети на регионални и меѓународни програми и проекти
Истражувања, студии, мониторинг и анализи
Документирање, превод и публикување медиумска литература
Програми за унапредување на медиумската политика, легислатива и заштита на слободата на говорот
Продукција на ТВ, радио и Интернет содржини
Подготовка и спроведување обуки за односи со јавноста и комуникација со медиумите за граѓанскиот сектор, локалната самоуправа и сите субјекти кои имаат потреба
Во активностите на МИМ досега учествувале илјадници новинари од земјава и од регионот, стотици уредници, претставници на државните институции кои се задолжени за јавна комуникација, претставници на граѓански организации кои биле обучувани за промоција и застапување на нивните активности и резултати во медиумите и јавноста. Околу 1500 наставници од сите основни и средни училишта беа обучувани за медиумска писменост и производство на мултимедијални содржини.
МИМ е активен учесник во сите процеси кои ја засегаат медиумската сфера. Со своите ставови, дискусија и експертиза редовно учествува и дава придонес на меѓународни и домашни средби, проекти, конференции, семинари, медиумски програми и разни активности кои ја адресираат состојбата во медиумите и јавната комуникација во Македонија.
© 2024 Македонски институт за медиуми