Предизвици за подобрување на видливоста на лицата со попреченост во медиумите

Се чита за 6 мин.

pwd cover 1

За многу лица со попреченост, нивните семејства, професионалци и активисти што работат на подобрување на човековите права на лицата со попреченост, промената на јавните перцепции и разбивањето на предрасудите кон лицата со попреченост спаѓаат во  приоритетните области за дејствување. Основата на ваквиот став е јасна: доколку сакаме на попреченоста да се гледа како на тема од човековите права, мораме континуирано да придонесуваме за афирмирање и за прифаќање на основното право на лицата со попреченост да живеат во рамките на заедницата и целосно да учествуваат во нејзиниот социјален, културен, политички и економски живот. Согласно со Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, потребна е национална политика и стратегија за подигање на свеста за попреченост, со цел спречување и борба против дискриминацијата, стигмата и стереотипите со кои се соочуваат лицата со попреченост.

Подигањето на јавната свест за правата на лицата со попреченост и промена на начинот на кој другите ги перципираат лицата со попреченост, во голема мера зависи од начинот на кој медиумите ги портретираат лицата со попреченост и известуваат за прашањата што се поврзани со нивните човекови права. Медиумските содржини се значаен извор на информации за клучни социјални и општествени теми. Градењето ставови, кои понекогаш  можат да преминат во стереотипи и предрасуди, честопати се резултат на преносот на информациите и знаењето преку медиумите.

Оттука, улогата на медиумите е круцијална во формирањето на јавните перцепции и затоа е многу важно сите други чинители да ги поддржат медиумите во намалување на дискриминацијата наместо нејзино предизвикување или поттикнување. Во отсуство на квалитетно известување, перцепцијата за лицата со попреченост и за нивните потреби останува доминантно субјективна и подложна на предрасуди, а со тоа често и контрапродуктивна. „Невидливоста“ на лицата со попреченост во медиумите го спречува нивното вистинско учество во јавниот живот и целосното практикување на нивните човекови права и на социјалната инклузија.

Сето ова произлегува од анализата за застапеноста и начинот на известување на медиумите за лицата со попреченост „Попреченоста во медиумското известување – огледало на општествените перцепции“, спроведена во рамките на проектот Попреченоста е прашање на перцепција“, кој заеднички го реализираа Институтот за различности во медиумите, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија. Истражувањето комбинираше мониторинг на медиумски содржини и интервјуа со релевантни претставници на државни институции, граѓански организации на лица со попреченост, самите лица со попреченост и новинари и претставници на медиуми. Целта беше да се истражат ставовите, искуствата и постојните практики на соработка меѓу различните актери, да се дадат предлози за унапредување на механизмите на соработка меѓу нив и на тој начин да се придонесе кон поголема застапеност на лицата со попреченост во медиумите.

Главни наоди од истражувањето:
  • Темите што се важни и се поврзани со лицата со попреченост се недоволно застапени во медиумскиот простор, иако е забележлив напредокот во ова поле.
  • Недоволна подготвеност на медиумските работници да известуваат на теми за лица со попреченост, недоволна информираност и непознавање на спецификите на прашањата поврзани со лицата со попреченост.
  • Граѓанските организации генерално немаат развиено доволно капацитети за соработка со медиумите, немаат развиени механизми и алатки за работа со медиуми и новинари, а исто така честопати им недостасуваат човечки ресурси.
  • Недоволна соработка помеѓу медиумите и организациите на лицата со попреченост и непостоење стратешки пристап во градењето коалиции што ќе придонесат за подобри резултати во однос на видливоста на лицата со попреченост во медиумите, а со тоа и делување врз општата јавна свест.
Препораки од анализата:
  • Во медиумите и на македонски и на албански јазик бројот на прилози и текстови што се однесуваат на лицата со попреченост е недоволен и треба да се зголемува, особено кај поединечни медиуми. Покривањето на темите поврзани со лицата со попреченост треба значително да се подобри и во однос на квантитетот и во однос на квалитетот, особено кај медиумите на албански јазик.
  • Темите што ги засегаат лицата со попреченост најчесто се покриени преку вести, извештаи и социјални стории, поретко преку подолги, аналитички жанрови. Потребен е поголем новинарски ангажман и поголема иницијатива на новинарите во идентификувањето теми поврзани со лицата со попреченост и нивно конзистентно покривање, сѐ до иницирање реакции од институциите и разрешување на евентуалните проблеми.
  •  Медиумите сѐ уште употребуваат застарена терминологија, како лица со посебни потреби, лица со инвалидитет, инвалидни лица, инвалиди, лица со хендикеп, наместо лица со попреченост, што е најсоодветен и општествено прифатен назив. Потребно е да се подига свеста на новинарите и на уредниците за употреба на коректна терминологија во однос на лицата со попреченост, а граѓанското општество треба да пружи поддршка во овој процес.
  • Лицата со попреченост ретко се сретнуваат како соговорници во новинарските содржини, а особено кај медиумите на албански јазик. Слична е ситуацијата и со граѓанските организации што ги застапуваат овие лица, или, пак, кои имаат некаква експертиза поврзана со лицата со попреченост. Новинарите треба да вклучуваат повеќе извори во подготовка на приказните што се однесуваат на лицата со попреченост за да се обезбеди афирмативно потенцирање на експертизите на лицата со попреченост.
  • При известување за лицата со попреченост, новинарите треба да го поттикнуваат дискурсот на „нормализација“ во однос на овие теми. Ова подразбира известување не само во случаите кога треба да се истакнат проблеми, предизвици или достигнувања на овие лица, туку преку примена на принципите на „инклузивното новинарство“ тие треба да бидат вклучени во различни теми и содржини што ги продуцираат медиумите.
  • Медиумите треба да ја претставуваат различноста во рамките на темите што се однесуваат на лицата со попреченост, а особено на жените и децата со попреченост, како и на повеќекратно маргинализираните групи, какви што се припадниците на етничките групи со попречености. Ова придонесува кон тоа на овие граѓани да се гледа како на некои што имаат еднакви права и потреби како и другите.
  •  За да се подобри новинарскиот и медиумскиот пристап кон темите што се однесуваат на лицата со попреченост, потребно е медиумите да отстапат поголем простор во своите програми за емитување теми, вести или информации што ги опфаќаат лицата со попреченост. Новинарите треба да имаат пристап кон лицата со попреченост од аспект на принципите на еднаквост и инклузија во сите сегменти од општественото живеење, а не врз основа на сожалување и милосрдие.
  • Медиумите треба повеќе да ги презентираат можностите и капацитетите на лицата со попреченост, а проблемите со кои тие се соочуваат, треба да се насочуваат кон барање одговори и решенија од институциите, граѓаните и јавноста. Медиумите треба да обезбедат пристапност за лицата со попреченост во своите објекти. Уште поважно е медиумите да овозможат пристапност на своите содржини во формати што се погодни за лица со различен вид попреченост.
  • Треба да се организираат повеќе сеопфатни и континуирани обуки за новинари, на кои тие суштински би се запознале со проблемите, предизвиците, правата и општо со областа што се однесува на лицата со попреченост. На тој начин би се овозможило практикување на инклузивното новинарство во редакциите, преку кое би се унапредила и општата слика и прифаќањето на лицата со попреченост во општеството.
  • Темите поврзани со маргинализираните групи, вклучително и лицата со попреченост, треба да станат дел од наставните програми на факултетите за новинарство, со цел идните новинари поблиску да се запознаат со областа. Во оваа насока може да се поттикнува соработката меѓу факултетите и граѓанските организации, чии претставници може да пренесат знаење, експертиза и да предложат ресурси од оваа област.
  • Соработката меѓу медиумите и граѓанските организации треба дополнително да се унапредува и да се развива, преку различни механизми и активности. Медиумите можат да генерираат теми, идеи, експертиза од граѓанските организации, на кои, пак, медиумите им се потребни за да можат подобро да се промовираат, да ја претстават својата работа, своите членови, заложби и иницијативи.
  • Потребна е почеста комуникација, но и почест и „поагресивен“ настап на организациите што ги застапуваат лицата со попреченост преку медиумите, во обидите да се изборат за реализација на барањата за подобрување на правата и положбата на овие граѓани, бидејќи медиумите можат да придонесат одредени прашања побрзо да бидат разгледани и разрешени од политичарите. Објективно информирање е од исклучителна важност во тој процес.

Очигледно е дека граѓанските организации на лицата со попреченост, заедно со медиумите, се важни актери во процесите на демократизација и во создавањето на инклузивни општества за лицата со попреченост. Имајќи ги предвид специфичните улоги на организациите и на медиумите, од суштинско значење е тие да ги здружат силите и да воспостават меѓусебна соработка, со цел да се зголеми влијанието врз ставовите на јавноста кон лицата со попреченост. Сепак, оваа соработка е честопати проблематична и како да постои врска што недостига, што всушност претставува недоволно разбирање и несоодветна комуникација меѓу граѓанските организации и медиумите и обратно.

Надминувањето на овој јаз во разбирањето и зајакнувањето на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите може да се оствари единствено преку одржување отворена, инклузивна и континуирана дебата меѓу граѓанското општество, медиумите и институциите. Тоа може да се постигне преку јакнење на капацитетите на новинарите за покривање на граѓанските теми и нивна поголема иницијативност за вклучување на граѓанскиот сектор во информативните рубрики, а од друга страна, треба да се зајакнат и капацитетите на граѓанските организации за комуникација со медиумите и да се охрабрат да бидат погласни и проактивни во нивниот пристап кон медиумите.

Дополнителни препораки и насоки за унапредување на соработката помеѓу граѓанските организации и медиумите, како основа за подобрено медиумско известување за лицата со попреченост, може да прочитате тука.

Автор: Владо Крстовски,
Национален совет на инвалидски организации на Македонија

 

Насловна фотографија: unsplash.com

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).