Преку учество во работилници, посети на медиуми и заеднички публикации, млади луѓе, новинари, претставници на граѓанските организации и наставници од Пробиштип, Злетово и од Кратово стануваат активни гласноговорници во медиумскиот пејзаж.

Промовирањето на медиумската писменост и медиумскиот активизам како начини за справување со поларизацијата и за поттикнување дијалог во рамки на граѓанското општество беа во фокусот на проектот „Лице в лице – медиумски активизам преку создавање приказни што прават разлика“ предводен од невладината организација Паблик – Здружение за истражување, комуникации и развој од Скопје. „Лице в лице“ е уличен весник и граѓанска платформа што раскажува приказни преку инклузивност, медиумски активизам и јакнење на видливоста на недоволно застапените заедници низ земјава. Проектот беше спроведен во соработка со локалната организација ГРИТ од Пробиштип.

Проектот им овозможи на 31 ученик и наставници од три локални училишта директно да се вклучат во работата на четири независни медиуми во Скопјe: „Лице в лице“, „ТРН“, „Рацин“ и „Истражувачка репортерска лабораторија“ (ИРЛ). Групата учествуваше во интерактивна работилница за медиумска писменост и ги посети редакциите, каде што учесниците непосредно стекнаа увид во новинарството, се информираа за дезинформациите и научија како се создаваат содржини што имаат општествено влијание. Сите овие активности во рамки на студиската посета на учениците и на наставниците на редакциите имаа цел да ги унапредат знаењата на учениците, да поттикнат идеи и да ги мотивираат и натаму да работат на проекти поврзани со нивните теми на интересирање.

„Посетата ја поттикна креативноста на учениците. Најголем успех беше што младите по враќањето во Скопје, откако научија нови алатки беа подготвени и мотивирани да започнат свои медиумски иницијативи и да објавуваат текстови во нивниот училиштен весник“, истакна Мартина Јачевска, претседателка на ГРИТ и локален координатор.

webdurbin 1536x1265 1

Според соговорничката, учениците веќе смислуваат содржини за нивниот училиштен весник и планираат да започнат поткаст во иднина, како први чекори во медиумскиот активизам.

„Големо достигнување е да ги видиме учениците како толку брзо преземаат иницијатива. Оваа посета не им покажа само што значи новинарството, туку ги охрабри да го користат својот глас за носење промени. Сега знам како да им помогнам на моите ученици да се вклучат во изнаоѓање решенија за заедницата“, рече наставничката Маја Митевска Поцева.

„Заедно со „Лице в лице“, ќе ја затворам најпроблематичната точка во градот – браната за јаловина!“, рече студентката Михаела Ѓоргиева, осврнувајќи се на еден голем локален еколошки проблем што го привлече нивното целосно внимание по работилницата.

За дополнително да се засилат локалните гласови, 56-то печатено издание на списанието „Лице в лице“ беше создадено во соработка со локални чинители, вклучувајќи граѓански организации, ученици, наставници и локални новинари. Изданието опфаќа теми како што се врсничко насилство, загадување на околината и учество на младите во општеството. Изданието беше поддржано од силна онлајн кампања и стигна во рацете на повеќе од 103.000 луѓе низ целата земја.

Проектот е финансиран од шемата за под-грантови во рамки на проектот Нашите медиуми преку којашто беше обезбедена финансиска поддршка за 21 локален проект низ целиот Западен Балкан.


eu flag

Ко-финансирано од Европската Унија


Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.