На дводневната конференција учествуваа повеќе од 70 медиумски професионалци и претставници на организации од граѓанското општество коишто работат во сферата на медиумските слободи.

Слободата на изразувањето и иднината на новинарството, етичките дилеми поврзани со користењето на социјалните медиуми за цели на граѓанското општество, како и подобрувањето на соработката меѓу новинарите, активистите и граѓаните на Западен Балкан и во Турција беа само дел од темите на меѓународната конференција „Нашите медиуми“ на која учествуваа и претставници на МИМ, а се одржа на Факултетот за политички науки во Сараево.

Конференцијата беше организирана од Мрежата за професионализација на медиумите од Југоисточна Европа (СЕЕНПМ) и Медиацентар Сараево.

Настанот е дел од истоимениот регионален проект започнат во 2023 година, што се фокусира на истражувања за иднината на медиумите и трендовите во новинарството, но покренува и други важни прашања поврзани со одржливоста на независните медиуми, притисоците врз слободата на изразување и локалниот медиумски активизам на граѓаните во земјите од Западен Балкан и во Турција.

557593246 804416705296472 4178746500977784721 n

„Во 2023 година, кога партнерските организации го започнаа проектот Нашите медиуми светот беше поинаков од денешниот“, изјави Маида Муминовиќ, извршна директорка на Фондацијата Медиацентар Сараево. Организациите од граѓанското општество што работат на заштита на слободата на изразување, како и независните медиуми, се соочуваат со период на зголемен притисок и неизвесност.

„На конференцијата решивме да се фокусираме на глобалните прашања коишто влијаат врз нашиот регион и на горливи теми од Западен Балкан, но и на глобалните случувања што предизвикуваат загриженост за иднината на човековите права ширум светот,“ рече Муминовиќ.

За време на конференцијата беа презентирани резултатите од регионално истражување за иднината на медиумите и влијанието на професионалното новинарство врз демократизацијата на општеството. Наодите покажаа дека новинарите во регионот и понатаму се соочуваат со притисоци и закани, добиваат ниски плати, а жените кои работат во медиумите ретко стигнуваат до раководни позиции. Интересот кај младите за студирање комуникации постојано се намалува, додека од друга страна, бројот на медиуми расте од година во година.

3017 05111555 s278 696x392 2

„Медиумските трендови се речиси идентични низ целиот регион и генерално укажуваат на силниот притисок со којшто се соочуваат медиумите, особено независните и помалите локални редакции. Се соочуваме со неизвесна иднина, што ја прави уште поважна потребата од поврзување на организациите од граѓанското општество. Затоа сме задоволни што успеавме овој настан да го направиме регионален, а во одредена мера и меѓународен,“ изјави Тихомир Лоза, директор на СЕЕНПМ, мрежа во којашто членуваат 18 медиумски организации од Југоисточна Европа.

Покрај социјалните и економските предизвици за новинарите, не само во регионот туку и на глобално ниво — како што се цензурата, пристрасното известување за Газа, затворањето на медиуми и намалувањето на средствата за независните медиуми — конференцијата се осврна и на влијанието на новите технологии.

Долгогодишната соработничка на СЕЕНПМ и медиумска експертка од Белград, Снежана Миливојевиќ, зборувајќи за улогата на технологијата ја опиша како најголем предизвик за медиумите, новинарството и за јавниот интерес во рамки на информацискиот екосистем.

„Критичките теоретичари постојано нè потсетуваат дека технологијата не го менува светот кога првпат се појавува, туку кога сите почнуваат да ја користат. Се навикнавме на неа и таа стана дел од нашето секојдневие,“ рече Миливојевиќ.

Проектот „Нашите медиуми“ е финансиран од Европската Унија, а дополнителна поддршка за конференцијата обезбеди Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан. До крајот на проектот ќе продолжат истражувањата за иднината на медиумите, а постоечката онлајн платформа за медиумска писменост ќе биде проширена. Дополнително, млади лидери и медиумски активисти од регионот ќе учествуваат во студиски посети низ Европа за натамошен развој на нивните вештини и нивна примена во локалните заедници.


eu flag

Ко-финансирано од Европската Унија

Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.