Активен ангажман на сите релевантни чинители е неопходен за унапредување на медиумската писменост

Се чита за 1 мин.

Медиумската и информациската писменост претставуваат животни вештини кои треба да ги совладаат сите граѓани, како активни чинители во едно демократско општество. Засега, државите и останатите релевантни актери во оваа сфера немаат ниту доволно разбирање за концептот на медиумската писменост и за нејзиното значење во општеството, ниту доволно волја за нејзино спроведување. Поради тоа, за развој на медиумската и информациската писменост потребен е еден сеопфатен приод и вклучување на сите засегнати страни на национално, регионално и европско ниво. Ова се некои од заклучоците на регионалната конференцијата „Медиумската писменост и образовните потреби на новинарите и на публиката“, што се одржа на 28 и 29 март во Скопје во организација на Македонскиот институт за медиуми.

Конференцијата се организираше во рамки на регионалниот проект „Партнерство за развој на медиумите во Југоисточна Европа“, кој го спроведува Центарот за независно новинарство од Романија во соработка со осум медиумски организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Бугарија, а со поддршка од Европската Унија. На конференцијата учествуваа педесетина експерти од медиумската сфера, академијата, граѓанскиот сектор, претставници на институции и на меѓународни организации од земјите на Југоисточна Европа и од Турција.  

Учесниците имаа прилика да дискутираат за наодите и препораките од споредбениот извештај за медиумската писменост и образовните потреби на новинарите и на публиката во Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и Црна Гора. Притоа, се разговараше за моделите на новинарското образование и за состојбата со медиумската писменост на публиката, како и за нивното значење за слободата на изразување и слободата на медиумите.

Дискутантите заклучија дека државите треба да овозможат неопходна поддршка за вклучување на програмите за медиумска и информациска писменост во образовниот процес од најрана возраст и да придонесат кон поголема промоција на медиумската едукација на граѓаните. Во тој процес, граѓанските организации треба да бидат активен партнер преку развивање на иновативни проекти и кампањи за подигање на свеста на граѓаните за важноста на медиумската писменост во насока на унапредување на демократските вредности.

Заклучокот беше дека во речиси сите земји од регионот е неопходно унапредување и модернизирање на програмите за новинарско образование, преку поголема соработка со медиумската индустрија и професионалните здруженија, со цел на студентите да им се овозможи учење преку пракса и стекнување на основно искуство во новинарската професија.

Фото-галеријата од настанот е достапна тука