Проектот „Младинска медиумска лабораторија“ е имплементиран од здружението Граѓански патеки, коешто повеќе од 20 години активно работи во областа на младинскиот активизам, медиумите и човековите права.
Над 300 млади од Пелагонија ги зајакнаа знаењата во областа на медиумската писменост преку учество на работилници, обуки и менторска програма спроведена од професионални новинари и ИТ експерти. Како дел од проектот, беше создаден и видео-курс за медиумска писменост, достапен на едукативната платформа Medialab.mk, којашто беше развиена во рамки на истиот проект. Платформата содржи и тест-модул што им овозможува на учесниците да го проверат знаењето по завршувањето на курсот.
Со поддршка од менторите, дел од учесниците ги применија новостекнатите вештини за креирање медиумски содржини на Блогот за млади новинари, на платформата Medialab.mk, каде што се објавени нивните стории и радио-поткасти произведени за време на проектот.

„Работилниците за интервјуирање и снимање поткасти привлекоа најмногу внимание кај младите од регионот на Пелагонија. Преку обуките, тие научија внимателно да ја следат точноста и вистинитоста на вестите, по што, како млади новинари, покажаа дека се одговорни креатори на медиумски содржини“, вели Анета Шијакова, претседателка на здружението Граѓански патеки.
Учесниците истакнуваат дека ова е вредно искуство за нив.
„Ваквите обуки и практичната работа во светот на новинарството се важни за младите, бидејќи учиме како да се заштитиме од дезинформации, но и како одговорно да креираме медиумски содржини“, вели Павел Николоски од Прилеп.
„По обуките за медиумска писменост започнав да ги проверувам информациите што ги добивам секојдневно. Научив како да препознам дали фотографиите се вистински или не“, додава Марта Кузманоска од Крушево.
Проектот беше реализиран заедно со граѓанските организации ИКТ Свет, Журналист, Од млади за млади, Младинска граѓанска акција и Еко герила Преспа. Со нивна поддршка беа организирани 12 младински работилници во Битола, Новаци, Могила, Крушево и Ресен.
Проектот е финансиран преку шемата за мали грантови „Нашите медиуми“, која обезбеди поддршка за 21 локален проект низ Западен Балкан.

Ко-финансирано од Европската Унија
Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.
Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.