ПРЕАМБУЛА
Слободата на медиумите е неприкосновено право. Мисијата на новинарството се темели врз правото на секој човек да има пристап до информации и идеи, во согласност со Универзалната декларација за човекови права и Уставот на Република Северна Македонија.
Задача и обврска на новинарите е да ги почитуваат вистината и правото на јавноста да биде навремено и точно информирана. Одговорноста на новинарот кон јавноста има предност пред обврските кон работодавачите или која било власт.
Новинарот го штити јавниот интерес. Јавен интерес е објавување на сите информации што ќе им помогнат на граѓаните да формираат мислење и да донесат став за настани и појави во општеството, а особено кога тие се однесуваат на безбедноста, здравјето, јавната отчетност, вршењето јавни функции и заштита на правата. Новинарот треба да прави разлика помеѓу јавниот интерес и интересот на јавноста.
Новинарите се обврзуваат да ги почитуваат човековите права, етичките и професионалните стандарди, вклучувајќи:
- независно прибирање и споделување информации;
- вистинито и точно пренесување информации;
- правичност и избалансираност;
- право на коментар како новинарски жанр.
Новинарите вршат јавна дејност. Ја разбираат потребата за одговорно однесување и ќе ги негуваат културата на говор и етиката.
Новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата на граѓаните, ќе го почитуваат плурализмот на идеи и ќе придонесуваат за унапредување на демократијата, правната држава и јавната отчетност.
Новинарите ќе покажуваат меѓусебна солидарност кон колегите што се придржуваат до одредбите од овој Кодекс, како и до други документи во кои се вградени професионалните и етичките стандарди. Новинарите нема да го користат медиумот за пресметка со колегите.
Овој Кодекс се однесува на сите форми на новинарско изразување, без оглед на медиумот или технолошката платформа.
Новинарот има право на слободен пристап и одговорно користење на сите извори на информации од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни и проверени информации, нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Прикривањето факти е еднакво со нивното намерно искривување.
Новинарот треба да ја провери точноста на информацијата колку што е тоа можно и од меѓусебно неповрзани извори. Новинарот ќе го именува изворот на информациите, а ако изворот бара да остане анонимен, ќе го заштити. Доколку информацијата има еден извор, не може да се потврди или станува збор за претпоставка, тоа треба да се нагласи.
Плагијаторството, фалсификувањето и/или манипулирањето со содржини се спротивни на новинарската етика и се неприфатливи.
Новинарот има обврска да овозможи фер и навремено објавување демант или исправка што може значително да влијае врз објавената содржина, односно секогаш кога станува збор за изнесени факти што се очигледно неточни.
Новинарот има обврска секоја измена на веќе објавена содржина да ја означи јасно и без одлагање. Исправките треба да бидат лесно видливи и директно поврзани со основната информација.
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. Насловот и визуелизацијата треба да ја одразуваат содржината на новинарскиот производ.
Новинарот не смее да ја злоупотребува својата професионална позиција за лична корист. Подароците, услугите, паричните надоместоци, патувања, привилегии, вработувања или какви било поволности што може да влијаат врз неговата независност или да создадат перцепција за пристрасност, се неприфатливи.
Тргувањето со влијание, корупцијата, изнудата и конфликтот на интереси се спротивни на новинарската етика. При потенцијален судир на интереси, новинарот има обврска за транспарентност кон јавноста.
Новинарската содржина мора да биде јасно разграничена од рекламна или спонзорирана содржина, за јавноста да не се доведе во заблуда.
Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е од јавен интерес.
Известувањето за несреќи, трагедии, војни, болести, лични страдања и други чувствителни теми, мора да биде ослободено од сензационализам. Новинарот треба да информира со емпатија и со почитување на достоинството на засегнатите лица.
Известувањето за самоубиства и обиди за самоубиства не смее да води кон детални описи и споделување експлицитни фотографии и видеоматеријали.
Новинарот е должен да ги почитува правата, достоинството и најдобриот интерес на децата, лицата со попреченост и другите ранливи групи граѓани.
Децата и лицата со ограничена способност за расудување не смеат да се интервјуираат, фотографираат, снимаат или да се објавуваат содржини поврзани со нив, без согласност од родител/старател, освен кога тоа не нанесува штета и станува збор за јавен интерес.
При известување за кривични дела и за судски постапки, новинарот ќе ја почитува презумцијата на невиност и никого нема да прогласи за виновен пред тоа да го направи судот.
Новинарот нема да создава или да преработува содржини што ги загрозуваат човековите права и слободи. Не смее да користи говор на омраза, ниту да поттикнува насилство или дискриминација по која било основа.
Новинарот треба непристрасно да известува за политички прашања, вклучително и за избори, што не значи само привиден баланс, туку и фер претставување на релевантни факти и ставови.
Новинарот не смее да ја користи својата професија за лична политичка промоција, промоција на политички и бизнис-елити, ниту да учествува во активности што можат да го доведат во директен судир на интереси.
Секоја форма на политичко рекламирање или спонзорирана содржина мора јасно да биде означена.
Создавањето новинарска содржина со вештачка интелигенција мора да биде јасно означено. Новинарот е целосно одговорен за точноста на информациите и интегритетот на медиумскиот производ.
Неприфатливо е користење вештачка интелигенција за создавање или ширење лажни, манипулативни или суштински изменети содржини, кои можат да ја доведат јавноста во заблуда. Новинарскиот производ не смее да претставува целосно генерирана содржина од вештачка интелигенција.
Објавувањето новинарски содржини обезбедени со тајно снимање не е дозволено, освен ако информацијата не може да се обезбеди на друг начин и за тоа постои јавен интерес.
Новинарот има право да одбие работна задача доколку е во спротивност со принципите на овој Кодекс.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Новинарите што работат во согласност со овој Кодекс, ја уживаат поддршката на својата медиумска куќа и на својата професионална организација.
За почитувањето на одредбите од Кодексот се грижат новинарските и медиумските саморегулаторни тела.
Проектот „Јакнење на етичките стандарди за поголема доверба во медиумите“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
