Здружението на новинарите на Македонија, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите на Македонија денеска во Europe House во Скопје го промовираа новиот Кодекс на новинарите на Македонија, како значаен чекор кон унапредување на професионалните и етичките стандарди во новинарството и зајакнување на довербата на јавноста во медиумите.

Новиот Кодекс е резултат на инклузивен и повеќефазен процес, спроведен во рамките на проектот „Јакнење на етичките стандарди за поголема доверба во медиумите“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Во процесот беа вклучени новинари, уредници, медиумски работници, медиумски организации и саморегулаторни тела, со цел Кодексот да одговори на реалните предизвици со кои денес се соочува новинарството.

13

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, истакна дека новиот Кодекс претставува нов договор меѓу новинарите и јавноста.

„Денес промовираме нов договор меѓу новинарите и јавноста. Основните вредности на новинарството не се менуваат. Вистината, проверката на фактите, независноста, јавниот интерес и одговорноста кон граѓаните остануваат темелот на оваа професија. Но, мора да се модернизира начинот на кој тие принципи ги применуваме“, порача Чадиковски.

Тој додаде дека Кодексот не е напишан само за да ги следи технолошките промени, туку за да не се дозволи тие да ги надвладеат етичките принципи на новинарството. „Технологијата може да биде алатка, но никогаш не смее да стане замена за професионалната проценка, етичката одлука и новинарската одговорност“, нагласи Чадиковски.

6

Директорката на МИМ, Билјана Петковска, се заблагодари на членовите на работната група, на претходната иницијатива со која започна процесот во соработка со ИРЕКС и УСАИД и на сите колеги кои преку консултативниот процес придонеле за подобрување на текстот.

„Сега следува најтешкиот дел, а тоа е примената на етичките стандарди од страна на новинарите. За тоа е потребна заедничка посветеност, како од новинарите, така и од граѓаните, преку препознавање и користење на медиумските саморегулативни механизми“, истакна Петковска.

9

Директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, го поздрави процесот како важен пример за саморегулација и зрелост на граѓанскиот и медиумскиот сектор. Тој посочи дека Цивика мобилитас, која 12 години ја спроведува МЦМС со поддршка од Швајцарската амбасада, досега поддржала повеќе од 500 иницијативи, а активноста на ЗНМ и МИМ е меѓу позначајните затоа што покажува дека секторот може самостојно да гради стандарди, да ја подобрува довербата и да ја унапредува одговорноста кон јавноста.

7

Претседателката на Управниот одбор на СЕММ, Леунора Калиќи, истакна дека Советот за етика во медиумите со задоволство бил дел од процесот. Таа ја нагласи важноста на инклузивноста, придонесот на сите кои волонтерски се вклучиле и потребата од силни етички стандарди во време на дигитални предизвици, дезинформации и вештачка интелигенција. Според неа, Кодексот го штити јавниот интерес и кредибилитетот на новинарската заедница.

4

Новинарката Мира Костиќ, член на работната група, потсети дека уште во 2001 година била препознаена потребата од Кодекс кој нема да служи само за заштита на новинарите од неетичност, туку пред сè за заштита на граѓаните преку практикување квалитетно и одговорно новинарство. Таа посочи дека, 25 години подоцна, новиот Кодекс треба да им служи и на сегашните, но и на идните генерации новинари.

5

Новинарот Васко Маглешов, исто така дел од тимот кој работеше на кодексот во изминатите две години, ги претстави клучните новини во Кодексот, нагласувајќи дека документот го задржува идентитетот на постојниот Кодекс, но ги допрецизира стандардите во повеќе важни области. Меѓу нив се употребата на вештачка интелигенција, проверката на информации од независни извори, јасното разграничување меѓу јавен интерес и интерес на јавноста, транспарентноста при исправки и измени на дигитални содржини, конфликтот на интереси, насловите што мора да одговараат на содржината, заштитата на ранливите категории, претпазливото известување за самоубиства и обиди за самоубиства, како и правилата за користење информации добиени со тајно снимање кога постои јавен интерес.

11

Со новиот Кодекс, новинарската заедница добива современа етичка рамка која одговара на дигиталната ера, но истовремено ги задржува основните принципи на професијата: точност, проверка, независност, одговорност, заштита на човековото достоинство и работа во јавен интерес. Овој кодекс претходеше и на претходно објавени две (линк 1) и (линк 2) стручни анализи кои исто така ги покриваат и регионалните како и компаративните искуства на кодексите за етика во медиумскиот сектор.

16 1

Кодексот на новинарите на Македонија е достапен на веб-страниците на ЗНМ и МИМ во осум јазични верзии.

Фото: Иван Поповиќ


Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.