Од печатарска машина до интернетот, преку весниците што се печатеа од денес за утре до интернет-порталите што пренесуваат настани во моментот кога се случуваат – технологијата постојано го преобликува начинот на кој се собираат, се објавуваат и се консумираат вестите. Вештачката интелигенција (ВИ) е последната новина што ја трансформира работата во редакциите, давајќи му шанса на новинарството повторно да еволуира кон повисоко ниво на вредност на приказните и одговорност кон јавноста. Истовремено, таа нуди можности за подготовка на слоевита и содржински длабока  мултимедијална приказна што може да го привлече и да го задржи вниманието на публиката во денешното дигитално време.  

Вештачката интелигенција повеќе не е футуристички концепт за некои други индустрии – таа е активен учесник во редакциите низ светот. Таа составува статии, проверува факти и персонализира вести за милиони читатели. ВИ им нуди моќни алатки на медиумските работници, овозможувајќи им да се сосредоточат на подетална, истражувачка работа, со можност да ја комбинираат технологијата со креативноста на новинарот, а притоа почитувајќи ги етичките стандарди на професијата.

Светските медиуми тоа веќе го применуваат. На пример, „Волстрит џурнал“ користеше машинско учење за да анализира повеќе од 41 000 објави на Илон Маск на Икс (порано Твитер), визуелизирајќи ја неговата трансформација од умерен поддржувач на демократите во САД кон гласен поддржувач на републиканците и неговото политичко влијание.  

„Вашингтон пост“ примени геопросторна вештачка интелигенција на сателитски снимки за да оспори извештај на израелската војска за напад со беспилотно летало во Газа при што загинаа двајца новинари. Агенцијата „Асошиетед прес“ и партнерите изградија нова база на податоци за смртни случаи предизвикани од „помалку смртоносни“ полициски сили, користејќи анализа на документи и алатки за транскрипција управувани од вештачка интелигенција.

Овие приказни беа меѓу финалистите и добитниците на Пулицеровата награда за 2025 година.

Во нив беа користени разновидни алатки на вештачката интелигенција што им помогнале на новинарите да ги обработат податоците за сториите преку одговорна и транспарентна употреба на ВИ-алатките.   

ВИ во македонските медиуми – индивидуално и неорганизирано

Во редакциите во Северна Македонија ВИ најчесто се сведува на употреба од некои новинари, самостојно, а не на утврдена редакциска политика што се следи и се надградува, според одговорите од повеќемина медиумски работници.

Дел од медиумите ги користат Четџипити и други алатки најчесто за креирање наслов на текст и текст, за превод, за монтажа на видеосодржини, за генерирање фотографии, за транскрипција и титлување аудио-интервјуа.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) е меѓу редакциите што користат вештачка интелигенција во дел од својата работа.

„Преку мајката организација Проект за известување за организиран криминал и корупција имаме можност да користиме ВИ, што ни помага за побрзо пронаоѓање државни документи што намерно или случајно на многу владини станици во светот не можат да се пронајдат. Помага и за подобра организација на интерната база на податоци. Но, не користиме ВИ за креирање содржини, бидејќи работата на истражувачките новинари не може да се замени со вештачка интелигенција“, вели Сашка Цветковска, главна и одговорна уредничка на ИРЛ.

Александар Манасиев, тренер и консултант за медиуми, вели не е прашање дали новинарите и другите медиумски работници ја користат вештачката интелигенција, туку како ја користат.

Нејзината употреба треба да биде правилна и во согласност со стандардите на професијата.

Но, според Манасиев, користењето ВИ-алатки во македонските медиуми најчесто се одвива неорганизирано, индивидуално и без претходно утврдени правила на игра, односно без утврдени етички стандарди и уредувачки насоки.  

„Во моментов тоа е исто како на сите медиумски работници да им дадете електрични автомобили што достигнуваат брзина над 300 км/ч, а притоа добар дел од нив да немаат возачка дозвола или никогаш да не возеле автомобил со таква брзина. Состојбата да биде полоша, тие во моментов возат по калдрма, а не по асфалтиран пат“, вели Манасиев, кој истакнува дека се затекнати и редакциите во регионот.

Според Манасиев, промените се случија толку бргу што медиумските работници немаа време за соодветна едукација како да ги користат ВИ-алатките во согласност со стандардите на професијата, етичката рамка за овие современи технологии сè уште не е воспоставена, а тие наголемо се користат.

ai vo redakciite 2

Како би изгледала иднината: можности и предизвици  

Според Институт Ројтерс, сега само околу 7 проценти од возрасните користат чет-ботови како извор на вести, но тоа се удвојува на 15 проценти за групата под 25 години.

А секоја група има посебни интереси, потреби и очекувања од новинарскиот производ.   

Глобално, очекувањата се дека и во време на ВИ, најважно е да се разбере публиката – која е таа, што ѝ е важно, што чита и гледа, како вестите влијаат врз животот на одредени групи луѓе. Со тоа што медиумите што најдобро ги познаваат своите читатели, ќе можат да им понудат повеќе персонализирани вести.

На пример, локална пералница за теписи ја интересира како зголемената цена на водата ќе влијае врз нејзините муштерии. Или, локална агенција за недвижности би сакала да чуе како повисоките цени на закупнините ќе влијаат врз бизнисот со издавање станови.  

Но, употребата на ВИ во новинарството има и предизвици, покажаа низа истражувања. Меѓународна студија на ЕБУ/Би-би-си (спроведена во октомври 2025 година), а во која учествуваа 22 организации за јавни медиуми, откри дека водечките асистенти на вештачката интелигенција погрешно ги претставуваат вестите во 45 отсто случаи.

Или, 45 отсто од сите одговори на вештачката интелигенција имале барем еден значаен проблем, при што 31 отсто покажувале сериозни проблеми со изворите, а 20 отсто содржеле големи проблеми со точноста вклучувајќи и застарени информации.

Студијата изрази загриженост дека публиката често им верува на резимеата на вештачката интелигенција, дури и кога се неточни, и може да ги обвини медиумите за грешките на вештачката интелигенција, што на крајот ја намалува довербата во вестите.

Анализа на Европската опсерваторија за дигитални медиуми (EDMO) утврди јасен и забрзан пресврт кон дезинформации генерирани од вештачка интелигенција низ цела Европа.

Со неколку генеративни алатки за вештачка интелигенција лансирани годинава, актерите на дезинформации сè повеќе ги користат за производство на измамнички слики, аудио и текст во голем обем.

Затоа, можеби најголемиот предизвик за новинарите е да се остане внимателен, сосредоточен и да не се изостават традиционалните начини за доаѓање до податоци и нивна ригорозна проверка. Медиумите и натаму се должни да ги почитуваат општите етички стандарди и кога станува збор за содржини креирани од ВИ, и тие содржини треба јасно да ги означат. Очекувано е ВИ и во иднина да биде уште повеќе корисна алатка за новинарството, но луѓето сè уште се потребни за да ја надгледуваат нејзината употреба.

Автор: Пелагија Младеновска