Традиционално, знаењето се разбира како резултат на размислување, толкување и критичка синтеза на информациите од море информации што треба да се обработат. Во 21 век ова се смени: информацијата денес станува клучна валута, честопати одвоена од знаењето и разбирањето, но со поголема вредност од нив. Знаењето е помалку важно од информацијата која молскавично се движи низ дигиталната сфера, досега до сите, со што добива огромна вредност.
Дигиталните медиуми и социјалните мрежи ја забрзуваат циркулацијата на фрагментите од информации, твитови, мемиња, вирални видеа, кои добиваат вредност преку брзина, досег и емоционална резонанца, наместо преку длабочина или вистина. Брзината и досегот на информацијата ја надминуваат вредноста на информацијата за создавање знаење. Ова води кон фрагментирано знаење, ерозија на критичкото размислување и создава општество богато со комуникација, но сиромашно со смисла и разбирање.
Токму затоа во дигиталната ера информацијата повеќе не функционира само како единица на знаење, таа сега се однесува како највредна валута или монета за размена. Секој лајк, споделување, коментар и преглед креира единица вредност што расте преку споделувањето, кликнувањето и циркулацијата низ дигиталната сфера. Објава со еден лајк или два-три прегледи речиси да нема вредност. Но, како што информацијата почнува да се шири, добивајќи стотици, илјадници или милиони интеракции, таа генерира своја вредност. Оваа вредност не е апстрактна, таа може да се претвори во реална економска добивка. Лајковите и прегледите се купуваат и се плаќаат, додека стотици и илјадници онлајн фирми и организации го нудат ова како услуга. Исто така, инфлуенсерите ја претвораат нашата интеракција со нив во договори за рекламирање, а компаниите преку нив ги претвораат кликовите во зголемена продажба и профит. На овој начин, информацијата на дигиталните платформи станува највредна валута во оптек.
Како функционираат информациите како валута?
Подемот на дигиталните медиуми, на социјалните мрежи и инстантната поврзаност создаде нова средина во која самата информација, а не знаењето, има примарна вредност. Информациите повеќе не гарантираат разбирање; наместо тоа, она што најинтензивно циркулира се сигналите, впечатоците и формите на интеракција. Во ваквото вмрежено општество, според терминологијата на Мануел Кастелс (2000), „комуникацијата сè повеќе функционира како ресурс на општествен капитал и статус“, па дури и како замена за самото значење.

Едноставен пример може да се види на платформи како Инстаграм или Тикток. Корисник објавува кратко видео. На почетокот, тоа стигнува до помала публика. Но, ако алгоритамот забележи ангажираност преку лајкови, споделувања, коментари, видеото се прикажува на сè повеќе корисници. Како што тоа циркулира, така неговата вредност расте. На крај, вирална објава може да привлече брендови, спонзорства и медиумско внимание. Она што започнало како обична содржина станува финансиски ресурс. На овој начин, вниманието се претвора во приход. Овој процес ја одразува пошироката логика: циркулацијата создава вредност. Содржината не мора да биде длабока за да биде вредна; доволно е да се шири. Што побргу, тоа подобро. Некое меме, контроверзна изјава на јавна личност, или, пак, дезинформација, можат да добијат огромна вредност само преку ширење.
Во популарната култура има многубројни примери за оваа трансформација. Во епизодата „Nosedive“ од серијата „Black Mirror“ (2016) е илустрирано токму ова. Во епизодата, поединците се оценуваат и се наградуваат за своето секојдневно однесување преку апликација во која си доделуваат оценки. Вредноста на самата комуникација, како некој се насмевнува, се поздравува или објавува нешто онлајн, станува клучен фактор на социјалниот и на економскиот капитал. Оваа драматизација ја доловува основната логика на вмреженото општество, каде што комуникацијата функционира директно како валутен систем за трансакции, честопати исклучена и од каков било однос кон вистината и знаењето.
Друг пример е појавата на инфлуенсерите. Фитнес инфлуенсер со еден милион следбеници може да наплати илјадници евра за една спонзорирана објава. Зошто? Затоа што неговата информација, фотографии, видеа, совети и животен стил акумулираат внимание. Тоа внимание станува ресурс за размена, односно неговата содржина има огромна трансакциска вредност. Слично, Јутјуб-креаторите заработуваат преку реклами, а блогерите преку кликови и партнерски линкови. Во сите овие случаи, информацијата не само што се споделува, таа се разменува и лесно се конвертира во други форми на вредност.
Информацијата какло валута, наспроти криптовалутите?
Идејата за информацијата како валута може да се спореди со денешната појава на криптовалутите, како биткоин (Bitcoin) или етереум (Ethereum). Криптовалутите добиваат вредност преку доверба, ограниченост и учество на мрежата. Нивната вредност зависи од тоа колку луѓе веруваат во нив и ги користат. Информацијата на интернет функционира слично. Една содржина станува вредна кога многу луѓе реагираат на неа или се ангажираат во нејзиното ширење и циркулација. Колку е поголема циркулацијата, толку е поголема перципираната вредност.

Сепак, тука постојат важни разлики. Криптовалутите се дизајнирани системи со јасни правила и ограничена понуда. На пример, биткоин има максимален број монети. Информацијата, од друга страна, е бесконечна. Таа може да се копира и да се поделува неограничено. Ова ја прави многу понестабилна. Денес нешто може да биде вирално, а утре целосно заборавено и да нема никаква вредност. Таа е привремена и постојано се менува. Втора разлика е контролата. Криптовалутите се стремат кон децентрализација, што значи дека нема еден центар на контрола. Наспроти тоа, информацијата што функционира како валута е силно контролирана од платформи како Мета или Гугл. Нивните алгоритми одлучуваат која содржина ќе биде видлива, а која не. Ова значи дека „економијата на информации“ не е целосно слободна, туку е обликувана од технолошки и корпоративни интереси.
Кои се последиците на ваквата природа на информациите?
Трансформацијата на информацијата во валута има длабински ефекти врз општеството. Прво, таа го менува начинот на комуникација. Наместо да се споделуваат идеи за да се подобри знаењето, разбирањето, смислата на комуникацијата, сега сè повеќе создаваме содржини за да добиеме внимание. Ова поттикнува таблоидизација на комуникацијата, изразен сензационализам и емоционална манипулација во информирањето. Нил Постман, впрочем, забележал: „Во систем воден од внимание, забавата често ја истиснува вистината“. Очигледен пример за ова е „кликбејт новинарството“. Насловите не се создаваат за да информираат, туку за да привлечат внимание и кликови. Веста може да биде хиперболизирана или поедноставена само за да ја зголеми интеракцијата. Последиците од таквата интеракција потоа се небитни. Дали реагирате позитивно или крајно негативно, системот ја форсира и ја користи интеракцијата како вредност. Слично, за време на важни политички настани, дезинформациите и емоционалните содржини често се шират побрзо од фактите. Вредноста лежи во вниманието, не во точноста.
Понатаму, информацијата како валута го менува идентитетот и самодовербата. Сѐ се квантифицира. Луѓето почнуваат да ја мерат својата вредност преку бројки, следбеници, лајкови, споделувања. Социјалната валидација станува мерлива. Еден млад човек може да ја процени вредноста на својата објава според бројот на лајкови. Ова создава анксиозност, негативна конкуренција и постојана потреба за одобрување. Како што забележува Шери Туркл (Sherry Turkle): „Сѐ повеќе очекуваме повеќе од технологијата, а помалку еден од друг“.

Трето, овој систем ја трансформира политиката и моќта. Информацијата што се шири брзо може да влијае врз избори, јавно мислење и општествени движења. Вирално видео или објава можат да достигнат милиони луѓе за кусо време. Политичките актери сè повеќе се натпреваруваат за внимание, а не само за гласови. Стратегиите се сосредоточуваат на кратки, емоционални и споделиви пораки. На пример, во изборни кампањи низ светот, кратки видеа и слогани често имаат поголемо влијание и ефект од детални програми за работа. Оној што го контролира вниманието, ја контролира и перцепцијата на реалноста.
Секако, особено важен ефект има ширењето дезинформации. Бидејќи вредноста зависи од циркулацијата, неточните или сензационални информации можат да се шират побрзо од вистинитите. Теорија на заговор може да стане вредна во валутниот систем на информации, иако е целосно неточна. Ова создава сериозни предизвици за демократијата и за довербата во системот.
Конечно, информацијата како валута создава нееднаквост. Како и во традиционалната економија, вредноста не е рамномерно распределена. Мал број креатори добиваат огромно внимание и профит, додека мнозинството останува невидливо и безгласно. Оние што веќе имаат внимание, полесно добиваат уште повеќе. Системот на циркулација на информациите се централизира и постапно се монополизира.
На крај, информацијата денес навистина функционира како валута: добива вредност преку циркулација, може да се разменува за економски и социјални придобивки и има централна улога во обликувањето на современото општество. Иако има сличности со криптовалутите, таа е понестабилна и повеќе е контролирана. Како што вели Јувал Ноа Харари: „Информацијата денес е најважниот ресурс во светот“. Разбирањето на оваа трансформација, ни помага подобро да ја сфатиме природата на моќта, вистината и идентитетот во дигиталната ера.
Автор: Сеад Џигал
Фотографии: freepik.com
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).